Од мај 2020, Ротердам и службено стана домаќин на најголемиот и најдолгиот зелен покрив во Холандија – Peperklip. Името го добива според истоимениот станбен комплекс каде е поставен, а кој личи на спојувалка за хартија. Вториот најголем град на оваа еколошки многу освестена земја, досега има реализирано низа амбициозни проекти за заштита на животната средина, за да веќе во 2025 година се обиде да стане климатски отпорен град. Новата градина на покривот има површина од дури 7.600 квадратни метри, и претставува најнова од бројните зелени иницијативи поради кои Ротердам се смета за еден од предводниците во иновативниот урбан дизајн. Жителите на комплексот сепак нема да имаат директен пристап до зелениот покрив, но секако ќе ги користат бројните предности од оваа оаза, а во прв ред поволните микроклиматски услови што ќе ги создаде. Еколошката одржливост стана важна одредница во животот на жителите на Ротердам, бидејќи овој пристанишен град, како и речиси 40% од територијата на Холандија, лежи под нивото на морето, поради што предупредувањата на научниците за климатските промени се сфаќаат крајно сериозно.