Вчера турскиот суд ја одложи одлуката за тоа дали црквата Аја Софија во Истанбул може да се претвори во џамија.
Државниот совет – највисокото административно тело на Турција – рече дека ќе донесе одлука во рок од 15 дена, по сослушувањето кое траеше само 17 минути.
Турција и натаму си поигрува со судбината на црквата Аја Софија во Истанбул, едно од најголемите христијански светилишта во светот. Официјално е отворена постапка Аја Софија повторно да се претвори во џамија.
Малубројните христијани во Турција се надеваат дека претседателот Реџеп Таип Ердоган нема да направи „културен злостор“, како што тоа во 1453. година го направил султанот Мехмед II по освујањето на Константинопол. Но во владејачката Партија на правда и развој (АКП) ја подржуваат оваа иницијатива, која Ердоган ја најави уште во време на минатогодишните локални избори.
„Претворањето на Аја Софија во џамија ќе разочара милиони христијани ширум планетата. Промената на нејзиниот статус уште повеќе ќе ги оддалечи тие два света (христијани и муслимани) во време кога на човештвото му е најпотребно единство поради пандемијата од Ковид – 19“, кратко предупреди Вселенскиот патријарх Вартоломеј I, пренесоа медиумите.
Аја Софија или Црквата на Пресветата Мудрост ја подигнал императорот Јустинијан I во периодот од 532. до 537. година. Црквата е ремек – дело на византиската архитектура, ја проектирале грчките научници Исидор Милетски и Антимиј Тралски, а во нејзината изградба учествувала армија од неколку илјади работници. Аја Софија е трета црква поставена на ова место, предходните две цркви се уништени во побуни и пожари. Карактеристична е по својата голема купола со дијаметар 32 метра носена од четири огромни столба поставена на висина од 55 метри. Била христијанско светилиште подолго од девет века, се до вторник, 29. мај 1453. година, кога султанот Мехмед II го освоил Константинопол. Овој историски настан, познат уште и како Падот на Цариград, главниот град на Византија (Источно римско царство) имал далекусежни последици, Османлиите се утврдиле на Балканот и веќе ништо не можеле да ги спречи во нивниот поход на Европа.
За да ја докаже доминацијата на муслиманите над христијаните, султанот Мехмед II веднаш наредил на црквата да и се догради едно минаре и првиот петок по падот на Константинопол се поклонувал на Алах во Аја Софија. Оваа пракса ја продолжиле неговите наследници скоро пет века.
Еден од најголемите реформатори во исламскиот свет, Мустафа Кемал Ататурк, сфатил, кога го срушил султанатот, дека нема да може да фати чекор со современиот свет, додека на грбот носи такво наследство и во 1934. година ја претворил Аја Софија во музеј – ни црква ни џамија. Не се осмелил да оди до крај, повторно да ја прогласи за црква, бидејќи се плашел од реакцијата на радикалните исламисти, кои тој чекор никогаш не би му го простиле.
Идеата за враќање на Аја Софија во џамија не е со понов датум. И порано, повеќе пати, обично пред избори, можат да се слушнат предлози таа повторно да се претвори во џамија. Досега и Ердоган не се осмели да оди до крај. По ланскиот пораз на локалните избори, кога за прв пат ги загуби водечките позиции во 16 милионскиот град на Босфорот, тој најави дека ќе ја поправи „грешката на Ататурк“.
Најновата иницијатива се судри со критики во Атина и во Вашингтон. Анкара им порачува да гледаат своја работа, бидејќи, како што велат, тоа е внатрешно прашање на Турција.
„Аја Софија е подарок од султанот Мехмед II Освојувачот. Секоја одлука за нејзина понатамошна употреба е наше внатрешно прашање “, одговараат во Министерството за надворешни работи во Анкара. Во изјавата не е објаснето како дошол султанот Мехмед до тој „подарок“ и колку крв се пролеала во тримесечните битки на византиските бедеми. Во Турција, потенцираат дека се грижат за заштита на историските споменици и дека Аја Софија добила на убавина кога османлискиот архитект Мимар Синан додал четири минариња на црквата.
Аја Софија денес претставува еден од најзначајните споменици на светското културно наследство и се наоѓа на листата на УНЕСКО.