Денес е 164. роденден на Никола Тесла. „Извонреден“ е млак збор за да се опише неговата генијалност, а епитетот „чудесен“ е исто така потценување за неговиот ненадминат креативен жар и талент.
Тесла во својата лабораторија
Познатиот пронаоѓач и еден од најпознатите историски личности, најчесто е прикажан како архетип на осамен визионер, неразбран од општеството, кој се бори за подобар и поправеден свет. Но, помалку познато е дека тој и тоа како се експонирал во јавноста, сакал да биде слушнат (познати се неговите интервјуа и насловни страници на пример за New York Times), учествувал на ексклузивни вечери со смокинг и бели ракавици и се дружел со тогашниот општествен крем.
со смокинг и бели ракавици и се дружел со тогашниот општествен крем
Во голем дел, неговите пронајдоци се базираат на неговото инстиктивно разбирање на електрицитетот и електричната струја. Нему не му биле потребни цртежи, имал фотографска меморија, и како што самиот велел – сите нацрти се во мојата глава. Автор е на над 700 патенти. Познато е дека имал отворени симпатии кон југословенската кралска династија Караѓорѓевиќ, па по повод убиството на кралот во 1934 година, Тесла објавил некролог во New York Times во кој го споредува со Џорџ Вашингтон и Абрахам Линколн. Не ја разбирал многу глобалната политика, и дефинитивно немал основни познавања за бизнис. Или се откажувал од одредени хонорари во име на понатамошна соработка и реализација на големи проекти, или пак огромни средства вложувал во неизвесни проекти. Токму затоа умрел сиромашен и покрај многуте силни изуми, но затоа пак си обезбедил бесмртност во историјата. Во пресрет на неговиот роденден (10.7.), овој текст ќе се обиде да фрли светлина на некои помалку познати аспекти од неговиот живот и неговите истражувања. Некои од нив се митови и контроверзии за кои до денес се расправа.
Со оглед дека потекнува од Балканот, во регионот сепак најзастапени се расправите за неговото потекло. Особено после распадот на заедничката држава, Србија и Хрватска постојано се убедуваат и докажуваат во врска со неговата национална припадност. Американците исто така го присвојуваат, бидејќи голем дел од својот живот и творештво го реализирал во САД. Роден е во селото Смиљан во Лика, Хрватска во 1856 година, а неговиот татко бил православен свештеник. Во тоа време, во административните обиди за попис на населението обично се бележела само вероисповедта, а не и националноста.
родниот дом на Тесла
Умрел на Божиќ, 1943 година, сам во апартманот каде живеел на 33. кат во хотелот „New Yorker“. На неговиот погреб, на кој присуствувале преку 2.000 луѓе, тогашниот градоначалник на Њујорк, Фјорело ла Гвардија, изјавил дека Тесла е роден во Југославија (иако Југославија како држава не постоела во времето на неговото раѓање). Ковчегот бил прекриен со американско и југословенско знаме. За крај, исполнети му се две желби, да го погребаат со музика и тоа со композицијата на Шуберт „Ave Maria“, и последната „Тамо далеко“, песна од периодот на Првата светска војна, настаната помеѓу српските војници на Крф.
опело за Тесла во Катедра Св. Јован Богослов на Менхетн
Сепак, позната е изјавата која често се повторува, а според која Тесла рекол дека „се гордее со својата хрватска татковина и со својот српски народ“. Всушност, оваа фраза потекнува од телеграмата која му ја испратил Влатко Мачек, хрватскиот политички лидер и наследник на Стјепан Радиќ, на 25.5.1936 година. Не е познато што честита Мачек со оваа телеграма, бидејќи Тесла својот роденден го прославил дури на 10.7. Одговорот од Тесла стигнал веќе утредента, во која е содржана претходно споменатата фраза, но и додатокот „да живеат сите Југословени“. До денес, и Србите и Хрватите ја користат оваа телеграма за докажување на неговото потекло преку различни интерпретации на неговите зборови, неретко сомневајќи се дека овој документ можеби е фалсификат.
Никола Тесла и Крал Петар II Караѓорѓевиќ, средба во Њујорк 1942 г.
Војната на струите (The War of the Currents)
Почнувајќи во доцните 1880-ти години, Томас Едисон и Никола Тесла се актери во едно драматично и интензивно ривалство, познато како „војна на струите“. Едисон ја развил еднонасочната струја (DC – direct current), која во САД веќе била прифатен стандард. Но, постоел еден огромен проблем. Преносот на поголеми растојанија и трансформацијата на напонот на еднонасочната струја. Тесла верувал дека наизменичната струја (AC – alternate current) е решението за овој проблем, бидејќи може да се претвори во различни напонски нивоа, со користење на трансформатор. Едисон, со цел да не ги изгуби хонорарите кои ги заработувал од своите патенти во областа на еднонасочната струја, започнува кампања за дискредитирање на наизменичната струја. Ширел дезинформации дека наизменичната струја е поопасна. Врвот на оваа „војна“ е Светскиот саем во Чикаго во 1893 година. General Electric дава понуда за напојување на Саемот со еднонасочна струја за 554.000 долари, но губи од Westinghouse, кој нуди наизменична струја за Саемот за 339.000 долари, и ја добива зделката. Истата година, Niagara Falls Power Company одлучува да му го додели на Westinghouse (компанијата претходно го лиценцира Теслиниот полифазен AC индукциски мотор) договорот за изградба на постројка за производство на енергија од Нијагарините Водопади. Иако некои се сомневале дека оваа постројка би можела да го снабдува Бафало, Њујорк, Тесла ги убедувал дека има доволно капацитет и за целиот Источен Брег. Во 1896 година Бафало добива енергија од Нијагарините Водопади, а истата година веќе и General Electric го прифаќа концептот на наизменичната струја.
војната на струтие помеѓу Тесла и Едисон одбележа една цела епоха
Тесла и рендгенските зраци
Германскиот физичар Wilhelm Conrad Röntgen во 1901 година добива Нобелова награда за физика, за своето откритие на рендгенските зраци. Малку е познато, дека пред неговите експерименти, бројни други иноватори и инженери експериментирале во оваа област. Украинецот Иван Павлович-Пулуј случајно ги открил рендгенските зраци, но не разбрал за што се работи. Никоа Тесла, исто така имал успешни експерименти со рендгенски зраци, па дури и ја снимил раката на својот пријател, писателот Марк Твен. Експериментирал со флуоресцентна светлосна цевка (Гајслерова цевка), која исто така емитувала рендгенски зраци. Кога Röntgen го објавил своето откритие во 1895, Тесла му ги испратил сопствените снимки, при што меѓусебно си честитале на достигнувањата. Со рендгенските зраци се занимавал и Едисон, заедно со својот асистент Кларенс Дели.
една од неговите најпознати фотографии е монтажа
Слободна енергија за целиот свет и кулата во Wardenclyffe
На Тесла му се припишува намерата да обезбеди бесплатна електрична енергија за целиот свет. Безжичниот пренос на електрична енергија се развива веќе со децении, но е пропратен со големи загуби со порастот на растојанието, а постои сомневање и за негативно влијание врз животната средина и здравјето на луѓето. Оваа идеја, тој сакал да ја реализира со помош на својата лабораторија, кулата во Wardenclyffe за која барал околу еден милион тогашни долари (околу 35 милиони долари денес). Единствен инвеститор му е познатиот J. P. Morgan кој му дал само 150.000 долари и барал удел од 51 % во сите патенти кои Тесла би можел да ги создаде. Иако не ги добил сите потребни средства, Тесла во 1903 година го реализира овој објект, односно ја завршил изградбата на кулата која содржела трансформатор во облик на огромна метална сфера тешка 55 тони и шеснаесет шипки стотина метри во земјата, за да може да се емитува електрична енергија ширум планетата. Кога побарал уште средства, не ги добил. J. P. Morgan инаку бил Теслин конкурент, бидејќи порано ги финансирал проектите на Едисон, а само неколку години претходно ја презел компанијата на еден од Теслините финансиери. За да го увери Morgan дека неговата кула е корисна, Тесла тврдел дека може да им испорача енергија на сите на планетата, што била погрешна тактика – како би се наплатила таа енергија? Во кулата почнал да вложува сопствени пари и безуспешно да бара инвеститори. Веќе во 1905 морал да ги отпушти сите работници и да ја затвори лабораторијата. Се свртел кон други истражувања, со цел да обезбеди средства за повторно стартување на Wardenclyffe.
кулата во Wardenclyffe
Инженерите кои подоцна го проучувале овој концепт на Тесла, не можеле да разберат која била неговата намера, бидејќи имало повеќе можни насоки. Дали кулата требало да емитува енергија низ воздухот, во земјата, или и на двата начина? Се чини дека ниту самиот Тесла не бил сигурен која е вистинската опција, па сакал да ги покрие сите можности, воден од својата интуиција. Дури по Втората светска војна пронајдени се ефикасни начини на испраќање на електромагнетната енергија околу планатата со користење на јоносферата и резонанцијата (глобалниот електромагнетен резонантен феномен).
Поради неподмирените долгови, вклучувајќи ги и оние за неговиот апартман во хотелите (бидејќи постојано живеел во хотели), доверителите одлучиле да ја преземат неговата хипотека на имотот околу лабораторијата во Wardenclyffe. Со оглед на фактот дека Теслината кула ја намалувала вредноста на имотот, одлучено е да се сруши. Подоцна, Hugo Gernsback ја создал приказната дека тоа го сторила Американската влада поради странските шпиони, кои кулата ја користеле за комуникација со германски подморници.
споменик во чест на Никола Тесла на Нијагарините водопади
Теслиниот зрак на мирот или смртта (Death Ray)
На Тесла му се припишува наводниот изум на зраците на смртта, чија технологија би ја дал на сите држави и така би се елиминирала војната. Веста за ова негово оружје се појавила во летото 1934 година на насловната страница на The New York Times. Иако насловот истакнувал дека, тогаш 78-годишниот пронаоѓач го изумил зракот на смртта, неговата изјава била дека тоа е всушност изум на мирот, бидејќи преку него секоја држава би добила „невидлив Кинески ѕид“. Сепак, овој проект пропаднал, a нема ниту доволно докази за истиот во вид на некакви пресметки и нацрти. Притоа, не бил проблемот само во тешкотиите за негово финансирање, туку и поради фактот што се потпирал на целосно непозната технологија и неодредена интуиција на авторот.
Теслините белешки запленети од американските агенти
Често се повторува фактот дека по неговата смрт во хотелската соба, неговите белешки биле запленети од агенти на FBI кои ги барале нацртите за супероружјето. Проблематично е што тоа FBI го негира и укажува дека заплената е направена од страна на Канцеларијата за имот на странци при Американското министерство за правосудство. Тоа го сториле превентивно, според Законот за воена состојба, бидејќи само неколку дена претходно на послугата во хотелот им рекол дека во собата чува вредна и опасна направа. Семејството на Тесла и некогашната Југословенска амбасада, долго се бореле со американските надлежни институции за враќање на документите и личните работи. Конечно, неговиот внук од сестра, Сава Косановиќ, успева да дојде до дел од неговите лични работи, кои денес се сместени во музејот на Никола Тесла во Белград. Во музејот е сместена и урната со неговата пепел, која во Белград е донесена од САД во 1957 година.
моторот на наизменична струја патентиран од Тесла
Експлозијата во Сибир и Тесла
Еден од најзначајните настани кои се поврзуваат со Никола Тесла е експлозијата во областа Сибир, Русија од 30 јуни 1908 година. Идејата дека оваа експлозија ја предизвикал Тесла преку неговата лабораторија во Wardenclyffe се појавува во осумдесеттите години на минатиот век. Шума на површина од околу 2 000 km2 во ненаселената, оддалечена област на Сибир, била покосена како со ласер во концентрични кругови во однос на епицентарот, а на местото на пресекот немало термален ефект (изгореници). Уште понеобично е тоа што корењата на дрвјата биле јагленосани и спржени (податок кој се надополнува на претходниот аргумент).
Сепак, факт е дека станува збор за огромна енергија која е незамисливо да се генерира во разумно време и да се испрати на тоа растојание. Зад овој настан и натаму остануваат бројни контроверзии и шпекулации, но фактот кој се темели на реалните научни сознанија укажува дека најверојатно станува збор за астероид.
Личноста на Тесла
Познати се бројни примери за неговото необично однесување. Едно од најнеобичните е неговата незаинтересираност за жените – изјавил дека жените се инспирација за уметниците, но исцрпување за научниците. Имал патолошки страв од нечистотија и болести, избегнувал да се ракува, користел голем број салфетки при оброците, а не можел да поднесе некој да носи бисери во негова близина. Веројатно огромниот страв од болести и нехигиена води потекло од неговото рано детство, што се поклопува со епидемијата на колера, која не го одминува и неговото родно место.
Иако често се тврди дека тој бил повлечен, тоа не било сосема точно. Своето чудно однесување го користел за одржување на јавниот впечаток за себе како брилијантна личност, далеку подобра од сите други. Сакал да објавува сензационалистички тврдења за спектакуларни изуми. На тој начин малку се изолирал од научната заедница, но стекнал обожавање од јавноста. Тесла со задоволство ги прифаќал поканите на новинарите да коментира различни настани.
чест мотив на банкноти во поранешна Југославија
Митот за Нобеловата награда
Приказната е всушност гласина која се појавила во американскиот печат. Според неа, Нобеловата награда за физика за 1915 година, требало да ја добијат Тесла и Едисон, но двајцата одбиле да ја поделат истата. Сепак, дека ова е само гласина зборува и фактот дека добитниците за таа година веќе биле познати – William Henry Bragg и William Lawrence Bragg. Одборот за доделување на наградата изјавил дека некој би можел да ја одбие наградата дури откако ќе се прогласи за победник, а никако пред тоа. Едисон бил меѓу номинираните истата таа 1915 година, а Тесла бил номиниран во 1937. Иако славен како еден од научниците кои го обележале дваесеттиот век, некои сметаат дека недобивањето на Нобеловата награда се должи на фактот што Тесла никогаш не го комплетирал своето формално образование. Тој не бил инженер. Иако студирал на Техничкиот универзитет во Грац, Австрија (TU Graz), се отпишал од оваа иституција, и никогаш не дипломирал.
Мерна единица во негова чест
Мерната единица за магнетна индукција, во 1960 година е преименувана во Тesla (T). Претходно оваа физичка големина се изразувала во Wb/m2. Најуспешната светска компанија која произведува електрични автомобили е наречена Tesla Motors во 2003 година, токму по Никола Тесла. Илон Маск, основачот на компанијата, рекол дека Тесла му е инспирација и според физозофијата и според визионерството, а покрај тоа сите нивни возила го користат Теслиниот индукциски мотор. Остатоците од кулата на Тесла во Wardenclyffe спасени се во 2013 година преку crowdfunding кампања. Matthew Inman, автор на популарниот веб-стрип The Oatmeal, активирал 1,37 милиони долари од независни донации, со цел кулата да ја претвори во музеј посветен на Тесла.
И сосема за крај, за да се опише значењето на Тесла за индустријата, веројатно најдобро ќе послужи цитатот од американскиот професор и инженер Б. А. Беренд, кој во 1921 година, во својата книга напишал: „Тесла не им остави на другите да направат нешто повеќе. Кога од индустријата би ги исклучиле резултатите на Теслината истражувачка работа, сите тркала на таа индустрија би престанале да се движат, нашите трамваи и возови ќе запрат, нашите градови би биле во мрак, а фабриките мртви“.
Најважните пронајдоци на Тесла
– Систем на повеќефазни струи и вртливо магнетно поле (наизменични повеќефазни мотори и генератори)
– Наизменичен систем на пренос и дистрибуција на електрична енергија
– Теслин осцилациски трансформатор (Теслина намотка)
– Осветлување со помош на струи со висока фреквенција
– Систем на безжичен пренос на сигнали
– Телеавтоматика (далечинско управување со бродови)