Насловна / Екологија / Енергетска Ефикасност / Еко-иновациите во фокусот на ТЕХНОМА 2011

Еко-иновациите во фокусот на ТЕХНОМА 2011

tehnoma_2011_thumb.jpgТЕХНОМА 2011 ја задржа практиката да биде професионална и иновативна саемска манифестација преку програмата што се одвиваше во текот на сите саемски денови преку конференции, трибини и дебати на кои искористувањето на ОИЕ беше главната тема. Од 18 до 22 октомври се одржа најбогатата саемска манифестација ТЕХНОМА 2011 ..

која ги обединува претставниците на најголемите домашни, но и странски произодители во областа на металургијата, електротехниката, енергетиката, неметалите и градежништвото. Акцентот во претставувањето на околу 900 изложувачи од земјава и од странство кои ги исполнија сите саемски хали, беше ставен на обновливите извори на енергија (ОИЕ).

Саемот го отвори министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, кој изјави дека еко-иновациите ќе станат клучен двигател на растот, конкурентноста и вработувањето. Економската стабилност и фискалната одржливост, според Адеми, не може да се постигнат без голем напредок во ефиканоста на енергијата и на ресурсите. Во тој контекст е потребно забрзано прифаќање на еколошки технологии во сите индустриски гранки, истакна министерот. Тој укажа дека е неопходно да се развие нова генерација прописи во областа на животната средина со динамични стандарди кои обезбедуваат силен пазарен поттик за еколошки ефикасни иновации. 

tehnoma_2011_1.jpg

"Креирањето зелени пазари бара долгорочни и амбициозни политики, како и технолошко водство. Политиките за истражување и развој, индустриските политики и политиките за заштита на животната средина мора да бидат усогласени во промовирањето на таквите пазари. Остварувањето на економските предизвици и предизвиците за заштита на животната средина што ни претстојат е единствено можно преку сеопфатен пристап", рече Адеми.

ТЕХНОМА 2011 ја задржа практиката да биде професионална и иновативна саемска манифестација преку програмата што се одвиваше во текот на сите саемски денови преку конференции, трибини и дебати на кои искористувањето на ОИЕ беше главната тема. Тркалезната маса "Енергетски предизвици, актуелна состојба и банкарство", во организација на Агенцијата за енергетика на РМ и Работилницата "Можности и пречки при аплицирањето на успешни проекти на малите и средни претпријатија во областа на еко–енергетиката и во други техничко-технолошки производствени системи на ЕУ повици и тендери" беа одржани во соработка со релевантни институции и еминентни експерти. Учесниците оценија дека поради ниските цени на електричната енергија во регионот, тие што инвестираат во енергетската ефикансот не се стимулирани. Воедно, многу малку банки нудат кредити за енергетска ефиканост. 

tehnoma_2011_2.jpg

"Сакаме да направиме нов потег со овој енергетски предизвик банките да ни понудат нов производ кој се вика енергетска ефиканост, обновливи извори на енергија, и да ги стимулира сите можни инвеститори, но и сите чинители и крајни потрошувачи да вложат во енергетската ефикасност и тоа да им се врати во следниот период од пет до седум години", изјави директорот на Агенцијата за енергетика Лазар Гечевски. Според професорот на Машинскиот факултет Кочо Анѓушев, не треба да се создаде мислење дека доколку се направат обновливи извори на енегрија се решава енергетскиот проблем за снабдување, но сепак таквото производство може да помогне. "Доколку во Македонија се изградат само малите хидроелектрани за кои се потпишани договори, а кои моментно се 60-ина, тоа е сепак некоја инсталирана сила од 50 мегавати. Тоа е исто како да изградите еден Бошков Мост или една Света Петка хидроелектрана, што значи дека тоа не е незначителна инвестиција", изјави Анѓушев.
Поголема еко свест

Република Македонија има совршени услови за производство на електрична енергија преку фотоволтаични системи. Земјата има 250 сончеви денови кои генерираат 1.400 сончеви часови годишно. Споредбено, Словенија има само 1.050 сончеви часа годишно, додека Германија 1.000 часа, а во овие земји постои голема искористеност на оваа енергија. Во светот сè повеќе се зголемува заинтересираноста и се поставуваат сончеви фотоволтаични системи како можност за производство на електрична енергија од обновлив извор-сонце.

На саемот се претстави и компанијата "М-Лан Солар" од Скопје, фирма-ќерка на словенечката компанија "М-ЛАН" од Марибор која нуди комплетни решенија за инсталирање и одржување на соларни фотоволтаични системи. 

tehnoma_2011_3.jpg

Оваа компанија изработува комплетен проект, од идеја до практична реализација. "Ние ги поддржуваме нашите клиенти во целиот процес, од обработка на идејата, обезбедување на документација, подготвување на теренот, анализа и проектирање, како и набавка на опрема и нејзино инсталирање", изјави консултанот на "М-Лан Солар", Цветанка Велкоска. Од компанијата "М-Лан Солар" пријатно се изненадени бидејќи проектите што користат обновливи извори на енергија се позитивно прифатени во Македонија и посочија дека Владата дава максимална поддршка за овие проекти преку законите и правилниците.

"Она што имавме можност да го слушнеме од идните потрошувачки клиенти е дека има навистина голем интерес за користењето на нашите системи. Наши клиенти се најчесто фирми кои веќе имаат свои погони и фабрики, и сакаат да ги постават нашите системи на покривите од нивните објекти. Задоволство е да се види дека земјава ја има зајакнато свеста во поглед на користењето на обновливи извори на енергија и заштита на животната околина", истакна Велкоска.

Прилепската компанија

"Биолинија" која нуди индивидуални и колективни прочистителни станици за санирање на отпадна вода и дистрибуција на биопрепарати, исто така се претстави на ТЕХНОМА 2011. "Ние ги нудиме нашите прочистителни станици за оние средини каде што нема канализациони системи и користиме најнапредна технологија во Европа. 

tehnoma_2011_4.jpg

Најдоброто од користењето на нашите прочистителни станици е што не е потребен постојан мониторинг, нема управувач и нема потреба од дополнителна опрема за филтрирање и додавање на биопрепарати. Исто така, ја прочистува отпадната вода до втора класа на чистота и прочистената вода може да се испушта во канали, езера реки и слично", изјави за "Порта 3" промоторот на "Биолинија" Илија Петрески. Тој истакна дека на овој саем огромна била заинтересираноста за индивидуалните прочистителни станици, а воопшто не била мала и заинтересираноста за колективните станици, но предупреди дека свеста кај луѓето за користење на прочистителни станици во Македонија е сè уште мала.

ТЕХНОМА интересна за Италијанците

ТЕХНОМА и оваа година беше интересна за Италија која одржа дводневен бизнис настан наречен "ЕкоБиз Експо", во организација на ФДЛ Сервизи од Бари, носители на проектот АМИКО. Тие предложија програма за искористување на сите можности кои ги нудат балканските пазари. На овој саем се одржаа технички работилници, друштвени бизнис сесии, а исто така се иницираа планови, спогодби и договори. Во рамките на специјализираните работилници во текот на дводневното учество, италијанските изложувачи се запознаа со можностите што ги нуди македонскиот пазар.

Други учесници

Покрај 40-те компании од Италија, организирано настапија и 25 фирми од Словенија и 22 од Грција. Овие податоци, според Адеми, се во прилог на заедничките напори и визија за остварување економски развој кој нема негативно влијание врз животната средина. Словенија се претстави со најголемо учество во последните неколку години, односно со учество на повеќе од 25 компании, организирани преку ЈАПТИ – Јавна агенција на Република Словенија за поддршка на претприемништво и странски инвестиции, и Занаетчиската комора на Словенија како и индивидуално учество на словенечки компании. Според Андреас Дароудис, директор на Меѓународниот солунски саем, компанија која го организираше грчкиот настап "ТЕХНОМА претставуваше неочекувано добро изненадување за сите 22 грчки компании кои учествуваа, а беа во организација на Меѓународниот солунски саем". Според него, "бидејќи мнозинството компании имаа ограничено искуство со учество на саеми, тие беа многу задоволни од организацијата на самиот саем и помошта која директорите им ја понудија, како и со големиот број на посетители кои тие ги пречекаа на своите штандови. 

tehnoma_2011_5.jpg

Дури и некои компании, кои се веќе активни на пазарот во Скопје и учествувале претходно, беа исто така многу задоволни од напредувањето на саемот и зголемувањето на бројот на трговски посетители. Некои од нив веќе му соопштија на Меѓународниот солунски саем за нивната подготвеност да учествуваат и следната година". Учесниците на оваа саемска манифестација, кои ги контактираше нашето списание, генерално беа задоволни од посетеноста на нивните штандови. Компанијата "Конти Хидропласт" од Гевгелија и оваа година ја презентираше својата широка програма на ТЕХНОМА 2011. "Нашата компанија повеќе од една деценија се претставува на оваа саемска манифестација, пред сè за да ги одржиме контактите со нашите досегашни соработници. Наша примарна цел е освојувањето на странските пазари. Моментално извезуваме во Хрватска, Србија, Косово, Бугарија, Грција, Италија", изјави за "Порта 3", Марија Маркудова од "Конти Хидропласт". И претставниците од водечката компанија за проектирање и монтажа на системи за централно греење, ладење, климатизација, вентилација и соларни системи "Еуротерм" изразија големо задоволство од посетеноста на нивниот штанд. За времетраењето на ТЕХНОМА 2011, се одржаа и манифестациите Макинова 2011 и Еконова 2011 на кои учествуваа покрај македонските и иноватори од БиХ, Србија, Египет, Иран, Украина,Тајван.

Испрати коментар

Scroll To Top