Бразилското архитектонско биро Arquitécnika ја оживеало бруталистичката резиденција од 70-тите години, преиспитувајќи ја целокупната програма и интегрирајќи нови технолошки решенија во оваа куќа во Бразилија.
Проектирана од архитектот Lutero Leme од бирото Arquitécnika, целта на проектот била да ја обнови бруталистичката резиденција изградена во престолнината на Бразил, која е проектирана во 70-тите години од архитектот João Filgueiras, познат како Lelé, прилагодувајќи ја на денешните потреби.
Во куќата со површина од 1.968 квадратни метри, намерата на проектантот била да го задржи оригиналниот објект, изложената бетонска конструкција и неговиот волумен таков каков што е, но и да направат современи технолошки решенија.
За време на процесот на проектирање, задржани се стилот и карактеристиките, но сè друго во куќата било преиспитано. Предизвикот за архитектите бил тежок поради структурата на куќата.
„Со само четири носечки столбови, планот има два ката и голема бетонска конструкција со плочи на покривот поврзани со шипки, поради што куќата може да се поместува до два сантиметри на ден, во зависност од температурата“, велат од Arquitécnika.
„Ова поместување беше појдовна точка на проектот за интервенција, бидејќи материјалите мораа да бидат подготвени за ширење, без притоа да се создадат пукнатини. Затоа ѕидовите и рамките се проектирани со пливачки системи“, додаваат од бирото.
Во приземјето, внатрешниот простор е замислен како флексибилна трпезарија и дневна соба, кои создаваа континуиран простор што се влева во градината. Огромната бетонска конструкција обезбедува засолниште за приватниот автомобил на сопствениците. Приземјето целосно се растворува од надвор и од внатре, а делумно е затворено со прозорци од подот до плафонот.
Според архитектите, во стариот проект имало недостаток на приватност во просториите на резиденцијата, што отсекогаш било забелешка на сопствениците.
„За да се поправи, архитектот вложи во нови инсталации и акустична техника. Естетски, декоративно обликувани елементи се користат за раздвојување на просториите и овозможуваат природна вентилација“, додаваат од Arquitécnika.
Во завршната обработка користени се натур бетон, дрво, мермер и гранит. Осветлувањето, кое претходно имало лош изглед, исто така добило нови решенија за осветлување и автоматизација.
Сите соби во куќата имаат големи стаклени ѕидови со широк поглед кон надвор. Дневната соба со огромни стаклени екрани има прекрасен поглед од 270 степени, кон градината, целиот град и езерото Paranoá.
Архитектот исто така направил и проект за простор за рекреација надвор, кој предходно непостоел, а кој сега добил салон со гурманска кујна, спа, вински подрум, пространа бања и бескраен базен.
Скулптурални ротирачки панели со функција на брисолеи, проектирани се за да го состават просторот. Севкупниот пејзаж е осмислен од архитектот Lutero Leme, кој замислил патека во должина од 380 метари, проследена со трева, цветни леи, овошни растенија, пергола и видиковец.
Обележје на проектот е и одржливоста. Инженерите поставиле соларни панели на покривот за да создададат енергетски ефикасна зграда; фотоволтаиците се користат за греење на вода за домашна употреба, базенот и бањата.
Два подземни резервоари (вкупно 40 000 литри) се исто така изградени за складирање на дождовница за наводнување на градината и системот за компостирање. За намалување на влијанието врз животната средина, инсталирани се четири модули за полнење на електрични возила.