Следниот месец Општина Центар ќе почне со реконструкција на улицата Орце Николов, една од најфреквентите улици во градот, белег на Дебар Маало, но и една од најпознатите улици. Со реконструкцијата на улицата ќе почне средување на неследениот сообраќаен хаос. Со новиот проект ќе се стесни коловозниот дел на улицата, со задржување на двете ленти за возила и ќе се изведе нов кружен тек.
Почитувајќи ги урбанистичките стандарди и современ начин на живеење ќе се прошират тротоарите, со што ќе се ослободи повеќе простор за пешаците, велосипедистите и корисниците на другите видови алтернативен сообраќај. На улицата Орце Николов, ќе се овозможи непречено движење на пешаците и велосипедистите на улицата, а новиот изглед и функционалност на улицата ќе го стимулира користењето на велосипедот како алтернативен начин на сообраќај во насока на намалување на загадувањето. За воведување на ред во хаосот со тротоари окупирани од возила, ќе се воспостави нов режим на сообраќај, со воведување на таканаречено „каскадно паркирање“.
Со реконструкцијата постоечкиот дрворед по цела должина на улицата ќе биде задржан. Со проектот за реконструкција на улицата Орце Николов, уште еднаш се потврдуваат заложбите за ослободување на јавниот простор, стеснувајќи го делот за автомобилски сообраќај и ослободување на тротоарите од паркирани возила, особено во овој период, кога свеста за зачувување на животната средина и на јавните простори е на многу повисоко ниво.