Себастијан Еразуриз (Sebastian ErraZuriz) е Чилеанец, роден во 1977 година во Сантијаго, пораснат во Лондон и еден од најинтригантните и најактуелните дизајнери и уметници денес. Дипломирал дизајн на Pontifical Catholic University of Chile во Сантијаго, а завршил магистерски студии на Fine Arts на New York University во Њујорк.
Уметник, дизајнер и активист, Себастијан Еразуриз се стекнал со меѓународно признание за своите оригинални и провокативни дела од различни дисциплини. Занимавајќи се со сè, од експериментални кинетички плакари, функционални скулптури и технолошки уметнички проекти до политички уметнички дела и огромни јавни уметнички проекти, неговата пракса тежнее да ги замагли границите помеѓу современата уметност, дизајнот, занаетот и технологијата. Неговото дело секогаш е изненадувачко и уверливо, повикувајќи го гледачот повторно да погледне во реалноста, која честопати е скриена пред неговите очи.
Во 2017 година го основа студиото Cross Lab, во индустриски објект во Бруклин на 5.000 квадратни метри, кое функционира како мала, контролирана фабрика. Поделено е на лабораторија, работилница за дрво и простор за дизајн и проектирање, кои функционираат како мали студија. „Физички поделено студио на подрачја помага да се види работата како расте“, вели Себастијан.
ДИЗАЈН
Мисијата на Еразуриз никогаш не била користење на дизајнот за решавање на практични проблеми. Наместо тоа, тој меша уметност и дизајн за да создаде општествено свесни парчиња кој тој ги нарекува „функционална уметност“. На пример неговата комода Wave cabinet, изработена од летви од јавор се отвора како хармоника.
Неговата маса наречена Билбао конзола ја акцентира формата на дрвото, дизајнот е едноставен, дрвото го нарушува само стаклена плоча. Дрвото е донесено од шумите на Јужна Америка, тој всушност ја почитува природата, само ги реадаптира гранките кои паднале, задржувајќи го интегритетот на оригиналната форма.
Неговата сијалица Duck Lamp делува морничаво, но и таа ја истражува границата помеѓу скулптуралното и функционалното и помеѓу уметноста и дизајнот. Патката е спасена од ѓубре на стар музеј за птици, пронајдена е со скршен врат, но уметникот ѝ дава нов живот, реконструирајќи ја со тенденција да стане иконичен класик.
Неговото прво соло-музејско шоу, во Музејот на уметноста во Питсбург, Carnegie Museum of Art во 2014 година, му донесе споредби со Марсел Дишан и Маурицио Кателан, каде силен впечаток остави серијата столови Occupy Chairs, инспирирани од движењето Occupy Wall Street, протестна акција која се случуваше на улиците на Њујорк, против американските банки и мултинационалните компании. Столовите се така дизајнирани, преку ден да претставуваат знак на жаба, а навечер да служат за седење на протестантите покрај шаторите. Столовите одат по границата меѓу уметноста и дизајнот, тие секако имаат функционален дел, кој може да се преклопи, но може и да се закачат на ѕид и да претставуваат слогани на политичка и општествена неправда.
Намерата на уметникот не била да ја избегне лесната демагогија на политички коректен уметнички проект, туку едноставно да ги нападне богаташите. Целта му била да илустрира како 99 отсто од луѓето и еден отсто од богаташите може да бидат исти доколку се променат економските околности. Таргетирајќи еден отсто од богатите колекционери на уметност, столовите се продаваат за 2.500 долари со цел да се соберат пари за оние 99 отсто. Политички пароли, висока јавна свест и собирање средства за сиромашните, во оваа колекција сè е споено во едно.
Себастијан Еразуриз го осмислил и салонот на луксузниот бренд за часовници Audemars Piguet за Art Basel, (во Хонг Конг, Мајами и Базел). Црпејќи инспирација од ледените места и снежните зими од домот на компанијата Le Brassus во Швајцарија, тој користи вода и лед за да ја изрази чистотата на природата и минливоста на времето. Со вода и лед како главни тематски елементи, му дава форма на концептот на циклусот на ледот како метафора на времето.
„ПОЧЕТОКОТ НА КРАЈОТ“
Еразуриз се занимава и со современи технологии. Користи отисоци и скулптури кои се 3Д принтани како би го прикажал новиот пантенон на најзначајните технолошки сили на денешницата. Тој реализираше изложба насловена „Почеток на крајот“ со принтани скулптури кои ја претставуваат технологија како уметнички медиум за истражување на идната автоматизација. Себастијан предвидува дека во наредните децении автоматизацијата ќе доведе до губење на половина од работните места што ќе создаде бран од социјални немири и глобални судири.
Замислена како предупредување за престојната трансформација, „Почеток на крајот“, содржи скулптури кои прикажуваат нова митологија на ликови кои ја обликуваат нашата иднина, како што се Џеф Безос, Елон Маск и Марк Закерберг. Себастијан Еразуриз поминал пет години следејќи го влијанието на технологијата, на широк спектар на дисциплини од социјална економија, геополитика, преку нано-роботика до биотехнологијата.
Спектарот на работата на Себастијан Еразуриз е голем. Тој се занимава и со инсталација на виртуелна уметност, претставувајќи проширена реалност. Овие инсталации наречени ART, преместуваат дела и скулптури на познати уметници на точно означени локации, а гледачите може да ги видат на Snapchat апликација. Прва инсталација од овој тип направил во октомври 2017 година во Централ Парк во Њујорк, како дел од соработката со уметникот Џеф Конс. Посетителите се собрале во голем број да го видат познатото големо куче Balloon Dog на Конс, како се појавува на нивните екрани, како да е навистина во Централ Парк. На самото место бил и Еразуриз со својот тим од Cross Lab, кои ја набљудувале иницијативата. 24 часа подоцна го довршиле идентичниот 3Д Balloon Dog и ги означиле точните координати каде посетителите ќе можат да го видат повторно. Единствената разлика била што новата скулптура се појавила уништена со графити, како да е резултат на протести преку ноќ. Симболичен став против големите корпорации. Себастијан изјавил дека „од витално значење е да се започне истражување колку сме спремни да им дадеме на компаниите виртуелен јавен простор. Во моментов такви скулптури постојат во царството на корпорациите на социјалните мрежи, нудејќи ни „бесплатни“ услуги на кои доброволно им се придружуваме. Сепак, со тек на времето границите на реалноста и виртуелната реалност бледнеат. Виртуелниот свет во кој се одвиваат голем дел од нашите општествени интеракции, станува нашата реалност. Еднаш кога ќе почнеме да го доживуваме светот претежно виртуелно, со нашите јавни простори ќе доминираат корпоративни содржини дизајнирани потсвесно да нè манипулираат и контролираат“.
Во уметничката заедница постојат голем број реакции, скептични кон корпорациите, кои „поставуваат“ дигитална уметност за да можат да ја наплатат каде и да посакаат. Група уметници од Њујорк ја исмејувала оваа „вандализирана“ верзија на Balloon Dog. Но треба да се биде коректен и да се каже дека ова секако е нешто што ќе се доведува во прашање и ќе се разговара кога станува збор за сопственост на физички дигитални локации.
Себастијан со сликата на вандализирано уметничко дело поставува многу прашања. „Треба ли да им се овозможи на корпорациите сите содржини кои ги избрале да ги стават во нашиот дигитален јавен простор? Централ Парк му припаѓа на градот Њујорк. Зошто треба корпорациите бесплатно да ги означат своите GPS-координати? Знаеме дека ќе заработат пари изнајмувајќи им GPS-спотови на брендовите и дека ќе нè бомбардираат со реклами. Тие треба да плаќаат наем, треба да одобриме она што може да се означи на нашиот дигитален јавен и приватен простор“. Овие негови прашања поттикнуваат расправа неколку години пред своето време.
Себастијан созде и колекција на чевли, кои на единствен начин се занимаваат со неговите љубовни врски. Секој чевел со висока потпетица од колекцијата наречена „12 чевли за 12 љубовници“ доаѓа со кратка анегдота или опис, посветени на девојката од минатото на Еразуриз. Некои описи се убави и ласкаат, но некои и не. Меѓутоа сите чевли се моќни – делуваат како дело наменето за самооткривање.
Несомнено е дека работата на Себастијан Еразуриз е популарна, провокативна, вредно уметничко делување и тера на размислување. Можеме да ја прифаќаме или не, да се сложуваме или не со неговите ставови, но едно е сигурно тој никого не остава рамнодушен. За него се пишувани критики во списанија како, New York Times, The Financial Times и Wall Street Journal. Gestalten објави прва монографија на неговото дело, а неговата работа е прикажана на телевизии како BBC, CNN и ABC.
„За да можам да ве натерам да видите нешто поинаку, јас вградувам функционални елементи на дизајнот кои припаѓаат на уметноста“, вели Себастијан.