Реномираното архитектонско биро од Сиетл, NBBJ го претстави урбанистичкиот план на Net City, новиот кварт на градот Шенжен, без автомобили, кој се гради за кинескиот технолошки гигант Tencent.
Планирано е новиот кварт од 200 хектари да се простира долж полусострово покрај бродскиот терминал Dachan, а на него ќе се градат станбени и деловни комплекси како и забавни содржини.
Во новиот градски кварт нема да има сообраќај, туку на пешаците им се дава потполна слобода. Наместо со автомобили, жителите на овој кварт ќе патуваат со подземна железница, велосипеди или траекти.
Проектирањето на град без автомобили е можност повторно да се промисли дека всушност „градовите се места за луѓе“, велат архитектите од NBBJ.
„Урбанистичкото планирање секогаш е ограничено од мрежа на сообраќајници за автомобили. Обмислување на градови без автомобили ни овозможува да правиме многу похумано опкружување“, велат архитектите.
Природна одбрана од поплави
Терасастите згради ќе бидат свртени кон заливот, а нивната висина ќе биде од еден до 30 ката. Во овој кварт ќе можат на хуман начин да живеат и работат 80.000 жители.
Планот на NBBJ е долж целиот брег да се засади шума од зимзелени дрвја, мангров, кои би претставувале природна одбрана од поплави, додека со сензори би се следела состојбата на пловните бранови. Net City се гради по план на кинеската иницијатива Sponge City, чија цел е градење на урбани зони со еколошки пристап, одбрана од поплави и третирање на водите.
Соларни панели на градот ќе му овозможат зелена енергија, а проектот ќе се реализира во три фази во наредните седум години.
Седиште на кинескиот гигант
Компанијата Tencent е сопственик на кинескиот сервис WeChat, кој служи не само за комуникација, туку и за бежично плаќање, а воедно е и најпопуларна социјална мрежа во овој дел на светот. Оваа апликација активно ја користат милијарда корисници, поради што Tencent израсна во една од најголемите компании во Кина.
Во Net City ќе се гради седиштето на овој технолошки гигант, кое ќе се состои од две кули поврзани со топли врски на повеќе катови.