Насловна / Вести / Сите вредности на Шар Планина

Сите вредности на Шар Планина

По повеќе од 20 години конечно почнува да се реализира идејата за прогласување на Шар Планина за национален парк. Владата на Република Северна Македонија ја усвои иницијативата за заштита на две подрачја во земјата и тоа Шар Планина и Осоговските Планини.

DSC01318

Владата донесе одлуки за прифатливост на предлозите на Министерството за животна средина и просторно планирање за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата национален парк.

Согласно законската процедура за прогласување на заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни, и по усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на национален парк.

Научен поглед кон националниот парк во најава дава Студијата за валоризација на која работеле над 70 експерти од разни области.

Студијата за валоризација, со предлог за формирање национален парк Шар Планина, е изработена во рамки на проектот „Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето“, финансиран од Глобалниот фонд за животна средина, а имплементиран преку Програмата на Обединетите нации (ОН) за животна средина, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија.

Sar planina4

Сите природни богатства на Шар Планина, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење, определени со закон, се добра од општ интерес за државата и уживаат посебна заштита. Република Северна Македонија ја гарантира заштитата, унапредувањето и збогатувањето на историското и уметничкото богатство на македонскиот народ и на националностите, како и на добрата кои го сочинуваат без оглед на нивниот правен режим, се нагласува во Студијата.

ГЕОДИВЕРЗИТЕТ

Планината е карактеристична по тоа што има најголем број врвови над две илјади метри во однос на останатите планини во Северна Македонија. Имено, околу 220 врва се повисоки од две илјади метри, од кои 41 врв повисок од 2.500 метри и 12 врва повисоки од 2.600 метри.

На Шар Планина има најголема застапеност на глацијални езера во Северна Македонија. За сите може да се каже дека претставуваат објекти кои се значајни за оваа планина, од кои особено се издвојуваат: Боговињско Езеро, Црно Езеро, Големо Караниколичко Езеро, Кривошиско Езеро и Белото Езеро. На Шар Планина се среќаваат низа водопади од кои најкарактеристични се водопадите на Беловишка Река чија должина надминува 70 метри.

DSC01313

БИОЛОШКА РАЗНОВИДНОСТ

Во рамки на флористичките истражувања на Шар Планина, регистрирани се 662 дијатомејски таксони, од кои 188 се издвоени како значајни. Во рамки на оваа студија се утврдени вкупно 94 таксони кои се потенцијално нови за науката. Од бриофлората се регистрирани над 260 таксони, а според досегашните сознанија флората на васкуларни растенија на Шар Планина се состои од околу 1.260 таксони. Важни за валоризација, издвоени се 84 видови, од кои 57 се наоѓаат на Приоритетната листа на васкуларни растенија на Северна Македонија која беше финализирана во 2019 година.

DSC01188

Што се однесува до фауната на ‘рбетниците на предлог-подрачјето за заштита на Шар Планина, регистрирани се вкупно 51 вид цицачи, 128 видови птици, 11 видови водоземци, 17 видови влекачи и само еден вид од рибите.

Од цицачите, три вида се балкански ендемити: високопланинска полјанка, глушец камењар и реликтна кртица. Највисок конзервациски статус има балканскиот рис.

Од птиците, три видови се сметаат за исчезнати од Шар Планина: голем тетреб, брадест мршојадец и црн мршојадец, а највисок конзервациски статус има египетскиот мршојадец, загрозен во согласност со Црвената листа на IUCN.

Од посебен интерес за Шар Планина е присуството на Testudo graeca и Vipera ursinii, кои според IUCN црвената листа се означени како ранливи (VU) и идентично се категоризирани и според Прелиминарната националната црвена листа на водоземци и влечуги.

Во високите текови на реките на Шар Планина, застапен е само еден вид риба, балкански ендемит, Salmo macedonicus.

DSC01256

Безрбетната фауна на Шар Планина е претставена со голем број таксони и тоа сплесканите црви, валчестите црви, коњските влакна. Од прстенести црви има од класата Oligochaeta и еден вид пијавица, од мекотелите се регистрирани 56 видови полжави и еден таксон од школките.  Валоризацијата на сувоземните полжави на Шар Планина покажала присуство на 29 значајни видови.

Вкупниот број на досега регистрирани таксони инсекти на Шар Планина изнесува 1.847.

Габите се посебно царство на живи организми, кои во природата од еколошки аспект имаат особено значење како разградувачи. Добиен е список на габи од 517 вида, од кои 23 вида се дел од неофицијалната Црвена листа на габи на Северна Македонија, се наведува во Студијата за валоризација.

DSC01270

На Шар Планина идентификувани се 11 тревести живеалишта. Исто така, идентификувани се 24 нешумски растителни заедници и 14 живеалишта во кои припаѓаат, од кои три се наоѓаат на приоритетната листа односно се живеалишта на кои им се заканува опасност од исчезнување и чиј природен ареал главно е на територијата на Европската Унија.

На Шар Планина се среќаваат различни водни екосистеми, голем број различни шумски, тревести, карпести и различни влажни екосистеми.

МЕЃУНАРОДНО ЗНАЧЕЊЕ НА ПОДРАЧЈЕТО

Заради високите природни вредности, Шар Планина е препознаена во повеќе европски иницијативи и е назначена за Емералд подрачје, значајно подрачје за птици, значајно растително подрачје и значајно подрачје за пеперутки.

Со новите истражувања, дополнително се потврдени вредностите на Шар Планина во насока за воспоставување на идно Натура 2000 подрачје.

DSC01204

Во Студијата за валоризација исто така се нагласува дека масивот Шар Планина е и едно од најзначајните подрачја на Балканскиот зелен појас, со оглед на фактот дека овој регион е едно од последните преостанати засолништа за големите европски месојадци, како што се мечката, волкот и рисот.

СОЦИОЕКОНОМСКИ ВРЕДНОСТИ

Опфатот на идното заштитено подрачје – Национален парк Шар Планина зафаќа седум општини од Полошкиот плански регион и тоа: Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Јегуновце, Теарце, Тетово и Маврово-Ростуше.

Резултатите и анализите за економските активности во предложеното подрачје за заштита Национален парк Шар Планина, покажуваат дека Шар Планина поседува голем потенцијал за развој не само на ниво на подрачјето, туку да влијае и врз регионалниот и националниот развој. Голем дел од природните вредности на Шар Планина не се искористени или пак се искористуваат на неправилен и несоодветен начин, притоа уништувајќи ја биолошката и пределската разновидност и квалитетот на живот кај локалното население.

Во Студијата е нагласено дека со воспоставување на национален парк, на подрачјето на Шар Планина, ќе се овозможи поголема строгост во примената на одржливи практики во стопанисувањето во шумите, на дел од подрачјето, кое се предлага за заштита.

Karta_Studja_Sar_Planna

Широко распространетите букови и дабови шуми во најголем дел ја отсликуваат структурата на шумскиот фонд. Сепак, покрај овие видови, на Шар Планина се среќаваат и други значајни видови како што се: питомиот костен, елата, смреката, горскиот јавор, белиот габер, црниот габер и др.

На Шар Планина застапени се 13 шумски заедници. Покрај нив, има и вештачки подигнати помали насади од: багрем, црн бор, смрека, бел бор и др. во дабовиот и буковиот шумски појас кои денес претставуваат антропогени шумски насади, немаат некое поголемо значење врз вкупниот природен амбиент на планината, а под нивниот склоп видливи се обновителни процеси на шумата од автохтони видови.

Голем удел во развојот на економијата имаат и туристичките можности, кои ги нуди Шар Планина, посебно во зимски услови. Присуството на скијачки терени, неколку хотели и приватни вили, во голем дел застапени на Попова Шапка, која се смета за туристички центар на Шар Планина, овозможуваат развој на туризмот и економски развој на регионот. Во однос на руралниот туризам, во рамки на истражувањата за пределите, шарпланинскиот рурален предел е вреднуван со особено висок индекс на визуелен квалитет, заради зачуваниот рурален изглед, заради што има висок потенцијал за развој на рурален туризам. Пределот е најрепрезентативен кај атaрите на селата Вејце, Бозовце, Вешала и Бродец. Вреди да се споменат и атарите на селата Ѓермо, Јеловјане, Ново Село, Ломница, Калиште и Дуф.

Sar planina1

АНАЛИЗА НА ЗАКАНИ

Заради промената на традиционалниот начин на живеење во регионот и воопшто, растечката сиромаштија и политичката нестабилност, природните вредности на Шар Планина се под силен антропоген притисок. Тоа предизвикува појава на многубројни закани што може да доведат до деградација и уништување на сите природни вредности. Основни закани се напуштање на традиционалните практики во намената на земјиштето и искористувањето на природните ресурси со што се менува и осиромашува пределската разновидност, нерегулирана урбанизација и инфраструктура, илегалната сеча, непромислено искористување на водните ресурси (особено за добивање електрична енергија), прекумерно искористување на одделни медицински и ароматични растенија, неконтролираниот лов и риболов, климатските промени.

Негативните влијанија врз биолошката разновидност на Шар Планина се однесуваат на заканата од напуштање на традиционалните практики во намената на земјиштето и искористувањето на природните ресурси со што се менува и осиромашува пределската разновидност, загуба или деградација на станишта или цели екосистеми, на заканата од напуштање на традиционалните практики и нерегулирана урбанизација и инфраструктура. Исто така, постои закана од напуштање на традиционалните практики, неодржливо искористување на водните ресурси, илегалната сеча, нерегуларна урбанизација и инфраструктура, неконтролираниот лов и риболов, климатските промени.

Sar planina2

Фактот дека на Шар Планина досега се изградени, во градба или планирани 70-тина мали хидроелектрани претставува едно од најважните прашања и закана за зачувувањето на природата на планината. Досега, на планината видливи се конструкции поврзани со мали хидроелектрани, на 26 локации, од кои во предлог-подрачјето за заштита влегуваат 16 локации. Во рамки на предлог-подрачјето за заштита, за осум локации врзани со мали хидроелектрани се склучени договори за концесија, за кои или нема издадено дозвола за градење или сè уште не е почната градбата, а дополнително е планирана изградба на мали хидроелектрани на уште 32 локации.

СТРАТЕГИЈА

Во рамки на предлог-национален парк „Шар Планина“ предложени и дефинирани се четири зони, кои се воспоставуваат заради вршење на дејноста за заштита и унапредување на природата, а истите се во корелација со Законот за заштита на природа. Најголема површина, 230 километри квадратни зафаќа зоната за активно управување, а најмала од еден километар квадратен зафаќа заштитниот појас. Зоната за одржливо искористување зафаќа површина од 136 километри квадратни или 25,1 отсто што е во согласност со препораките на IUCN за подрачја во категоријата на национален парк. Зоната за строга заштита зафаќа површина од 175 километри квадратни или 32,2 отсто од вкупната предложена површина за заштита. Оваа зона претставува интегрална целина која ги опфаќа највисоките делови на Шар Планина што се граничат со Косово т.е. со Националниот парк „Шара“ во Косово.

Во зоната за активно управување опфатени се најголем дел од значајните шумски екосистеми на Шар Планина, во прв ред зачувани букови шуми, шуми со смрека и ела или мешани шуми од зимзелени и листопадни видови, како и костенови шуми и некои рефугијални шумски заедници.

Зоната за одржливо користење е сочинета од две единици кои ги зафаќаат најниските делови од Шар Планина. Зоната на заштитен појас ја сочинуваат девет посебни површини, кои имаат за цел да ги заштитат зоните со примарна цел зачувување на природата.

DSC01281

ПРЕПОРАКИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ПРИРОДНИТЕ РЕСУРСИ

Во Студијата за валоризација дадени се препораки за управување со природните ресурси. Дадени се насоки како да се заштитат и водните ресурси. Предложено е за сите мали хидроелектрани, планирани и оние за кои сè уште не е издадена дозвола за градење, да бидат стопирани постапките, со цел да се зачува природното богатство на идниот национален парк, а истовремено да се обезбедат можности за развој на одржливи форми на туризам, каде природата е најважниот елемент. Исто така, се препорачува, за сите мали хидроелектрани, кои ќе продолжат да функционираат во идното заштитено подрачје, да се преиспита влијанието врз заштитеното подрачје и доколку се оцени дека истите имаат значително влијание, со последици по основните природни карактеристики на заштитеното подрачје, да не се продолжува договорот за концесија. Препорака е дадена и за ловиштата, односно во согласност со договорите за концесија, склучени со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, концесиите за ловишта важат до прогласувањето на подрачјето во категорија на заштита – Национален парк.

Во однос на искористувањето на шумите, се предлага во зоната за строга заштита да се зачуваат шумите во нивната природна состојба, во зоната за активно управување, да се преземаат мерки за ревитализација на деградираните шумски заедници, одгледувачки мерки и одгледувачки сечи со слаб интензитет и санитарни сечи и во зоната за одржливо користење, може да се преземааат комбинирани методи на природно обновување, пребирни сечи, одгледувачки сечи и санитарни сечи.

Во Студијата е дадена препорака и за искористувањето на пасиштата. Предлогот е традиционалното сточарство да биде охрабрувано и во идниот национален парк, со посебно изработени планови за искористување на пасиштата, одредени со идниот план за управување со заштитеното подрачје и запазување на предвидените начини на користење, особено во зоната за строга заштита.

Исто така, се препорачува да биде дозволено традиционално производство на стари сорти на ограничени површини до еден декар во зоната за активно управување, додека во зоната за одржливо користење може да се одгледуваат земјоделски култури и на поголеми површини.

Во однос на искористување на минерални суровини во идното заштитено подрачје, се предлага да не се отпочнуваат нови постапки на доделување концесии.

А, препорака е дадена и за туризмот. Тој треба да се насочи кон одржливост, со цел заштита на природата и вклопување на туристичките понуди во идната програма за развој на туризмот, како составен дел од планот за управување со Национален парк „Шар Планина“.

И покрај тоа што примарна цел на воспоставувањето на еден националниот парк е зачувувањето на природата, културното наследство има исто така големо значење. Сите активности, поврзани со културното наследство, може да продолжат да се одвиваат во целото предлог-заштитено подрачје.

Sar planina3

Во Студијата, даден е преглед и на пресметката на издржаноста и одржливоста на прогласување на Шар Планина за национален парк, изработена по методот на еколошкото сметководство. На овој начин, овозможено е сите засегнати страни, да имаат увид во економските ефекти од прогласување на ова подрачје за национален парк. Конечната целокупна вредност на Шар Планина е 382.103.590 американски долари со можност оваа вредност во период од пет години да стигне до износ од 452.881.388 американски долари. Секако дека овие вредности се однесуваат на монетарните вредности кои може да бидат пресметани. Имајќи ги предвид климатските промени, прогласувањето на Шар Планина за национален парк има непроценлива вредност и на национално и на глобално ниво.

Шар Планина на страната на Косово  прогласена е за национален парк пред 30 години. Ако се заштити и на македонската страна овој планински предел би претставувал најголем заштитен појас во Југоисточна Европа.

Простран високопланински масив

Шар Планина е простран високопланински масив кој се протега во северозападниот дел на Република Северна Македонија и на територијата на Јужно Косово. Во своите најшироки природни граници зафаќа површина од 2.480 километри квадратни, од кои 881 во Република Северна Македонија. Во потесни граници, долж главното било зафаќа површина од 1.670 километри квадратни, од кои 840 или точно половина, припаѓа на Република Северна Македонија. Делот од Шар Планина кој е предмет на Студијата за валоризација, има површина од 697,8 километри квадратни.

Еден коментар

  1. ing. arh. Lj. Atanasovski

    Vredi da se procita tekstot. Moja preporaka od srce.

Испрати коментар

Scroll To Top