Новите навигациски системи за побезбеден воздухопловен сообраќај требаше да се при крај, но системите сѐ уште не се во оперативна функција. Проектот за надградба на системот требаше да донесе и поголеми приходи и поголема безбедност на небото.
Во извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на акционерското друштво во државна сопственост М-НАВ се изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2018 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
За проектот за надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација – втора фаза, финансиран од ЕБОР, поради одолговлекување на постапката ревизорите утврдиле дека има минимална искористеност на средствата (11,15 милиони евра). Утврдено е „несоодветно проценување на дел од билансните позиции и несоодветна проценка на годишните потреби за набавки на стоки и услуги“.
Во делот за препораки, ревизорите на М-НАВ му препорачуваат одлуките за долгорочно задолжување да се носат врз основа на реално и прецизно изработени оперативни планови, билансните позиции да се проценуваат според МСС/МСФИ и годишниот план за јавни набавки да се изготвува согласно реалните потреби.
До крајот на 2019-та се повлечени помалку од третина од предвидените пари или 3,2 милиони евра од кредитот.
Од тие пари М-НАВ за надомест за нереализираниот кредит и за камати исплатило над 320 илјади евра, стои во ревизорскиот извештај.
Поради застарената опрема имаше и неколку испади, се исклучи системот за надгледување во 2018 поради неуспешен и ризичен тест, потоа радарот на скопскиот аеродром неколку дена пред слетувањето на Папата престана со работа, па се користеше резервниот, и на крај протекоа снимки од кабинетот на генералниот секретар на владата Драги Рашковски за убрзување на процедурата и потпишувањето на договорот со италијанската компанија Леонардо.
За сите настани, обвинителството отвори предмети и ги истражува.
Во ревизорскиот извештај е откриено и дека договорите со две адвокатски канцеларии се платени трипати поскапо од планираното без измена на финансиските планови.
М-НАВ на најголем дел од извештајот имал забелешки на 16 страници, но ревизорите во најголем дел не ги прифатиле објаснувањата на институцијата.