Без оглед на категоријата и моќноста на моторот, најголемата брзина на сите модели кои во својата понуда ги има компанијата „Волво“, сега е 180 km/h. Иако шведската автомобилска компанија „Волво“ во актуелната понуда има неколку модели кои достигнуваат до 250 km/h, поради мерките кои за прв пат се споменати во март минатата година, потенцијалните купувачи треба да сметаат дека сите модели веќе се опремени со електронски ограничувач на брзината. Не е познато колку овој потег ќе им се допадне на потенцијалните купувачи, но „Волво“ оваа своја одлука ја оправдува со нивните заложби за намалување на бројот на сообраќајни несреќи чија примарна причина е преголемата брзина. Покрај споменатото ограничување на брзината, компанијата сега ја нуди и опцијата Care Key со која се овозможува дополнително редуцирање на брзината доколку автомобилот го вози неискусен возач. Овие решенија се дел од претходно презентираниот амбициозен план на шведската компанија, според кој „никој не треба смртно да настрада или да биде тешко повреден во автомобилите на Волво“.