Данската архитектонска фирма 3XN победи на конкурс за дизајн за „Форскарен“, нов центар за иновации во областа на здравството и природните науки во Стокхолм. Заоблената зграда, дизајнирана да постигне сертификат LEED Platinum, ќе има 24 илјади квадратни метри и ќе се напојува од обновливи извори.
Планот е „Форскарен“ да биде дел од „Хагастаден“, област која ќе опфаќа 96 хектари и која ќе стане една од најважните кога ќе биде целосно изградена. Проектот „Хагастаден“ е еден од најголемите и најважните во однос на урбаниот развој и чие завршување е закажано за 2025 година. Покрај „Форскарена“, која треба да се реализира во 2024 година, вклучува и изградба на станбени згради, метро станица и зелени површини.
Новата зграда ќе се наоѓа помеѓу Универзитетската болница „Каролинска“ и старата градска болница. Целта е оваа област да добие репутација како светска дестинација за истражување од областа на здравството, природните науки и лекување. „Форскарен“ ги отсликува амбициите на новата област со својата „отворена“ и привлечна форма. Материјалите што се користат за градба најчесто се изработени од природни материјали.
„Форскарен“ ќе промовира одржливи принципи, вклучително и заеднички простори за соработка исполнети со дневна светлина и органски ресторани. Во внатрешноста на зградата, ќе има деловни простории за реномирани компании од индустријата и старт-компаниите, како и ресторани, кафулиња и изложбени места со поставки што ги придружуваат научните истражувања.
Внатрешноста на зградата ќе се карактеризира со атриум исполнет со светлина во централниот дел и спирално скалило. Планирано е дека заедно со околниот плоштад, кој е јавно достапен, зградата ќе стане место каде што луѓето ќе се собираат спонтано.
За да ги исполни LEED Platinum стандардите, „Форскарен“ ќе биде опремен со соларни панели на покривот и геотермални топлински пумпи. Сивата вода добиена од системот за собирање дождовница ќе се користи за наводнување.
Стаклените делови од фасадата, дрвените настрешници и други енергетски ефикасни елементи во рамките на системите за градење што ќе се користат ќе помогнат да се намали потрошувачката на енергија на минимум.