Во декември 2019 година, Европската комисија го претстави „Европскиот зелен договор“ со кој зацрта да биде првата климатски неутрална заедница на држави до 2050 година.
За да се оствари оваа цел, неопходни се вложувања, па финансиската рамка за пресврт во економијата беше донесена во јануари годинава. Неодамна, Комисијата ги одобри сите 18 барања на членките на Европската унија за помош во подготовката на планови за достигнување на климатската неутралност, со што е продолжен патот кон остварување на зацртаната цел. Барањата се поднесени во склоп на повикот, објавен во февруари, под закрила на Програмата за поддршка на структурните реформи. Во рамките на механизмот наменет за праведната транзиција, ќе бидат издвоени најмалку 100 милијарди евра, со цел да се пружи неопходната поддршка за регионите на Европската унија кои ќе бидат најтешко погодени со еконономската трансформација и кои имаат помали капацитети за соочување со новонастанатите околности. Европската комесарка за кохезија и реформи Елиса Фереира истакнала дека работата на исполнувањето на Европскиот зелен договор продолжува, и дека климатските промени се дел од нашата реалност подеднакво денес како и во минатото. „Комисијата обезбедува силна поддршка за земјите членки со цел да обезбеди праведна транзиција на сите региони. Овој потег при Програмата за поддршка на структурните реформи, е важен чекор – со него ќе се воспостават плановите, а земјите членки ќе имаат корист од воспоставениот механизам. Тоа ќе обезбеди преминот кон зелената економија да се одвива праведно и никој да не заостанува“ додала Фереира.