Американскиот претседател Доналд Трамп ја потпиша извршната уредба со која се забранува вградување на странска опрема во клучните делови на електроенергетскиот систем (ЕЕС), со цел да се намалат можните ризици од прекин на испораката на електрична енергија. Со оваа извршна уредба, американското Министерство за енергетика (US DoE – United States Department of Energy) добива овластување да им забрани на сојузните тела и на другите американски субјекти, купување, транспорт и вградување на опрема во клучните делови од американскиот ЕЕС, ако било која странска земја за тоа има интерес или ако таква трансакција значи неприфатлив ризик за националната сигурност. Притоа, под поимот „клучни делови на ЕЕС“ се подразбираат оние кои со електрична енергија напојуваат објекти од областа на обдраната, итните служби, критичната инфраструктура, но и стопанството. Всушност, станува збор за сите постројки и управувачки системи кои се неопходни за погон на електроенергетската мрежа или некој нејзин дел.
Американската сојузна влада годишно троши милиони долари за набавка на опрема за клучните делови од ЕЕС, а притоа цената е по правило главниот критериум за избор, што отворило пат на многу злоупотреби и можности за злонамерно делување против САД. Сега задачата на US DoE e следната:
– утврдување и објавување на критериумите за одредување на деловите од опремата и добавувачите кои би можеле да се сметаат за „сомнителни“.
– да утврди која опрема, која сега се забранува, и натаму е во експлоатација, што ќе овозможи развој на стратегии и постапки преку кои сопствениците на постројките би можеле да ја идентификуваат таа опрема и да ја заменат со соодветна.
– тесно да соработуваат со останатите министерства надлежни за трговија, одбрана, национална сигурност и внатрешни работи, но и со разузнавачките служби, во насока на спроведување на уредбата.
Покрај тоа, ќе се именува посебна работна група, која ќе ги разработи политиките на јавните набавки во подрачјето на енергетската инфраструктура, со цел да се обезбеди почитување на аспектите на националната сигурност, при што ќе се воспостави тесна соработка со целиот американски енергетски сектор.