Пандемијата на COVID-19 ги нaмали берзанските цени на електричната енергија, што ги зголемува загубите на термоцентралите на лигнит во Грција, Романија и Бугарија. Бидејќи тоа фосилно гориво веќе е непрофитабилно (ако се земат сите аспекти во предвид, не само економскиот), во студијата објавена на SE3T.net, се вели дека секое одложување на плановите за укинување на употребата на јаглен би било скапо за овие три балкански земји. Резултатите од анализата на влијанието на електроенергетските системи и локалната економија, покажале дека поскорото затворање на најголемите загубари помеѓу споменатите постројки придонело за стабилизација на ситуацијата во останатите капацитети. Со оглед дека државите главно го субвенционираат производството од јаглен, нивното ставање под клуч би ги олеснило трошоците кои ги сноси целото општество, велат во Мрежата за енергетска транзиција во Југоисточна Европа. „Моменталните драматични загуби во темоцентралите значат дека нивното итно затворање би ги намалило трошоците“, се вели во оваа студија. Кризата сериозно ја намали потрошувачката на електрична енергија, што придонесува за стабилизација на цените, напишале истражувачите во документот наречен Accelerated Lignite Exit in Bulgaria, Romania and Greece. Тие предвидуваат скок на цените во сценарио на рано откажување од јагленот. Но, тие исто така тврдат дека мерките на енергетска ефикасност и „поагресивното ширење“ на производството на енергија од обновливи извори во овие балкански земји, можат да го поништат тој ефект во рок од 5 години. Авторите исто така им препорачуваат на владите да ги заштитат ранливите потрошувачи. Таквата стратегија може да се финансира преку „Европскиот зелен план“ и неговиот механизам за праведна транзиција, додека нестабилноста на цените може да се ублажи и со интерконекциите за електрична енергија помеѓу земјите, покажува студијата.
Се истакнува дека Грција „остварила импресивен напредок“ со забрзување на напуштањето на користењето на јагленот, стои во документот, бидејќи таа балканска земја неодамна во својот Национален енергетски и климатски план (NECP) предлага по 2023 година да остави само 600 мегавати активен капацитет на јаглен. Истовремено, Бугарија и Романија им помагаат на државните енергетски капацитети да купуваат дозволи на Европската унија за емисии на јаглерод диоксид. На овие три земји отпаѓа речиси 10% од вкупниот капацитет на термоцентралите на јаглен во ЕУ.