Германската компанија SINN Power ја развила првата пловечка платформа која произведува енергија со помош на три обновливи извори – Сонце, ветер и енергијата на брановите. Во текот на ова лето, компанијата ќе им овозможи на производителите на соларни панели прилика за тестирање на своите производи, во склоп на оваа необична енергетска постројка во градот Ираклион во Грција.
Покрај тоа што ќе претставува идеален извор за снабдување на крајбрежните населби со енергија од чисто потекло и нема да бара приклучок на електричната мрежа (off grid), SINN Power најавува дека оваа своевидна хибридна електрана ќе биде издржлива. Имено, тестовите покажале дека ниту брановите од 6 метри нема да го попречуваат нејзиното функционирање, па експлоатавијата ќе биде можна и во подрачјата со бурно море. „Иако конструкцијата е модуларна, иновативна и робустна, сепак ќе биде достапна“, најавуваат од компанијата.
SINN Power работи и гради системи за енергија од бранови, уште од 2015 година. Во нивното портфолио се наоѓаат и високотехнолошки генератори, електроенергетски компоненти и системи за складиштење на енергија.