Насловна / Архитектура / Време е за музеј на архитектурата

Време е за музеј на архитектурата

„Архитектурата е сè заедно.

Познавање и живеење на животот.

Магија на хуманистичката алхемија.

Потрага по каменот на мудроста.

Напор да се открие досега неоткриеното.

Архитектурата се раѓа и се создава…“

Борис Чипан

Многу држави во светот и во  нашето непосредно соседство, посебно внимание ѝпосветуваат на архитектурата и за таа цел имаат изградено соодветни музеи во кои се чува нивното архитектонско културно наследство. Такви музеи фантастично функционираат на пример во Лондон, Франкфурт, Вајмар, Хелсинки, Талин, Рим, Москва, Монтреал, Токио, Загреб, Љубљана, Украина, САД и многу други. Тие ја имаат секогаш целосната поддршка од надлежните институции. Ова не е случај со институциите на Република Северна Македонија. Така најповиканите Владата и Министерството за култура многу малку средства издвојуваат за  македонската архитектура и градежништво како и за архитектите наспроти другите уметности и културни области. Доволно е само да се погледнат сите досегашни буџети и национални програми на Министерството за култура и да ни стане јасно колкава е грижата и посветеноста на архитектурата и на нејзините творци.

1_resize

Иако сите  добро знаат дека според градбите се препознава еден народ, неговите културни особености и неговиот идентитет, вложените средства во Македонија за заштита и афирмација на архитектонските вредности се минимални и незначителни. Сликата треба да се промени зашто народот во нашава држава се идентификува според архитектонските ремек-дела „Света Софија“, „Свети Јован Бигорски“, „Свети  Пантелејмон“, „Шарената џамија“ и многу други средновековни цркви и манастири, исламски градби, зачувани станбени и јавни објекти од 19 и почетокот на 20 век. Исто така идентификацијата ја поврзуваме и со цели градови и англомерации како во Охрид, Крушево, Велес, Кратово, Скопје, Битола, Штип, Мијачијата и други. Кон ова архитектонско наследство без дилеми се надоврзува современото архитектонско творештво како нераскинлива нишка во многувековниот развоен континуитет на градителството.

3_resize

Баухаус музеј во Вајмар, Германија

Голем број од тие нови објекти имаат посебен современ  просторно-ликовен концепт и  заедно со целокупната создадена архитектура претставуваат наш траен корен, на кој стоиме и растеме во сегашноста и иднината како народ со висок степен на градителска енергија, кој отсекогаш имал чувство за убавина, хуманост и култура. Слободно може да се констатира дека архитектите во секое општество се градители и културни творци, а архитектурата столб на нацијата.

Сосема е јасна и наместо размислата на мојот драг професор по архитектура Борис Чипан кој вели: „Архитектурата е како и сите уметности, а многумина ја споредуваат со музиката“. Архитектурата е филозофија на животот на еден народ. Тука треба без дилеми да се истакне и ликовниот јазик на архитектурата. Голем број на проекти, урбанистички планови, скици, графики, фотографии, да не речам слики, ликовни записи, студии, фасади, детали, перспективи, аксонометрии, макети, ракописи, книги и изградени објекти се обединуваат во една важна културна сфера.

241242_resize

музеј на архитектура во Москва

Архитектите преку архитектонскиот цртеж размислуваат за иднината, за визијата на културата, за културата на новиот милениум и цивилизација. Ликовниот јазик на архитектурата не ги опфаќа само градбите, туку и природата, луѓето, предметите, светот. Архитектурата е составен дел од културата во секоја историска ситуација, и затоа македонската архитектура мора денес да си го заземе нејзиното место во културата, а за неа мора да се грижи и Министерството за култура.

6_resize

музеј на архитектура во Загреб

ПРОСТОР СО БАЗИ НА ПОДАТОЦИ

Македонската архитектура тоа го заслужува и затоа на прагот пред пристапните преговори со Европската Унија кога од нашата држава ќе се бараат бази на податоци  од сите општествени и стопански дејности, време е за формирање и изградба на една нова музејска институција – музеј на македонската архитектура. Тоа треба да биде музеј со многу бази на податоци за архитектурата, но кој ќе биде и насочен кон најшироката јавност, односно кон подигнување на свеста за значењето на архитектонското наследство и кон активно учество на  стручната јавност во диктирање на правецот на проектирање, обликување и дизајнирање на новите објекти  во 21 век. Со овој музеј треба да ја потврдиме констатацијата: оној народ кој ја афирмира и негува својата архитектура го трасира и го знае патот за сопствената иднина.

5a_resize

новиот Баухаус музеј во Десау, Германија

Во музејот за архитектура и градежништво би било пожелно најмалку да ги има следните содржини, како на пример простор за постојана поставка, простор за повремени и камерни поставки, дигитална поставка, мали сали за трибини, дебати и работилници, простор за ААМ, читална, библиотека со книги и трудови од областа на архитектурата.

Посебно во музејот треба да бидат претставени врвните македонски архитекти, победниците на јавните конкурси за значајни објекти, добитниците на наградата „Андреја Дамјанов“, странските архитекти кои со свои проекти учествуваа во изградбата на Скопје по катастрофалниот земјотрес, како и наши архитекти  и инженери кои проектирале и граделе во странство и добивале награди и признанија. Покрај афирмацијата на националната урбанистичка и архитектонска мисла музејот ќе организира изложби на архитекти и градители од регионот и светот со публикување на нивното творештво и истражувачка дејност.

DSC03248

Edo-Tokyo Open Air мизеј на архитектура во Токио

Музејот да биде втор дом за архитектите, а негова цел да биде афирмација на архитектонското културно наследство, развојот на архитектурата, истражувањето и размената на идеи. Музејот треба да биде современа институција за иновации во архитектурата и градежништвото, место каде професионалци и пошироката јавност доаѓаат да разгледуваат, да учат и да се информираат за поедини периоди и трендови во архитектурата преку предавања, изложби, курсеви, дебати и конференции.

zha_maxxi_helenebinet_1109_006-1364x1080_resize

MAXXI Museum, Zaha Hadid Architects, Рим

ПОТРЕБНА Е СООДВЕТНА ПРОГРАМА

За реализација на  новиот музеј за архитектура потребно е  најнапред да се отвори јавна дебата и врз основа на неа да се  изготви соодветна програма од Министерството за култура, а со ангажирање стручни лица од повеќе области, како на пример архитекти, урбанисти, дизајнери, уметници и музејски работници. Потоа би следувало конкурс, избор  на три наградени конкурсни труда, изложба на сите пристигнати трудови, изработка на основни проекти и на крај јавни набавки за изведување и комплетно опремување на музејот.

Rotermanni_Soolaladu_resize

музеј на архитектура во Талин

Посебно треба да се внимава да се изнајдат изворите  на сите потребни елементи за организирање на музејот, почнувајќи од личните архивски фондови на македонските архитекти, фондовите на проектантските фирми, градежните фирми, јавните претпријатија за градење станбен и деловен простор, Асоцијацијата на архитекти, Комората на инженери и архитекти, заводите за урбанизам, Министерството за култура, надлежното министерство кое ги опфаќа урбанизмот, архитектурата и градежништвото, локалната власт – општините со одделенијата за урбанизам, архивите, библиотеките, музеите и медиумите.

Искрено се надевам дека оваа моја, пред сè, оправдана и емотивна заложба ќе поттикне нови идеи за натамошни подлабоки и покритички анализи за местото на архитектурата во културата, со стремежи и размисли да се воспостави поактивен однос на културната јавност, власта и воопшто на општеството кон архитектурата.

Автор: Косто Граоркоски, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top