Проектирање музичко студио за млад композитор претставуваше професионален предизвик за тим архитекти од Белград, кој се собрал во текот на 2019 година со идеја да ѝ даде најдобро решение на оваа деликатна проектна задача. Автори на проектот се Ангела Шуќур, Ѓорѓе Јокиќ и Петар Мишковиќ. Проектот за акустика со прецизен ергономски и технолошки распоред на елементите, како и проектот за осветлување ги изработил Владимир Малетиќ.
На почетокот беше потребно да се вклопат неколку важни аспекти во единствена и функционална целина, каде ниту еден сегмент од дизајнот, било да станува збор за акустичниот, естетскиот или функционалниот не биде доведен во прашање, ниту да биде подреден. Проектирањето на музичко студио, освен правилата на акустиката, кои мора да бидат испочитувани, требаше да претставува и пријатен простор за создавање и работа, како и место за одмор и дружење на младиот композитор со неговите пријатели и колеги. Гете изјавил дека „музиката е течна архитектура, а архитектурата е замрзната музика“. Идејата на ритамот и хармонијата на некој начин е земена како почетна водилка за проектирање на овој простор и тој елемент е провлечен како мотив, кој ги карактеризира сите простории и визуелно ги поврзува во единствена целина.
Студиото е со површина од 124 квадратни метри и се состои од три засебни целини. Влезен дел со остава, кој претставува простор за одмор и дружење, режија и глува соба. Сите три простори се визуелно и физички поврзани, како три засебни амбиенти.
Целокупниот простор, во секој амбиент го карактеризираат четири основни бои: кафена, петролеј сина, сива и бела.
Кафените елементи, подот, поедини ѕидни облоги, рамките на вратите, прозорците помеѓу просторијата за режија и глувата соба, како и дифузерот за режија ги сочинуваат дрвени облоги во нијанса на даб. Покрај тоа, во просторијата за режија и во глувата соба, користени се кафени платна за плафонскиот дел, како своевидна естетска врска меѓу подот и плафонот.
Петролеј сината боја го создава најдоминантниот визуелен елемент, кој е провлечен низ амбиентот на целото студио. Додека во собата за режија и во глувата соба се користени платна поради нивните акустични карактеристики, во влезниот дел ѕидовите се прекриени со тапети во петролеј сина боја.
Сивата боја е додадена со идеја да се истакнат поедини елементи, без да се наруши хармонијата на материјалите во просторот. Белата боја, која ги карактеризира поедините ѕидни облоги, дополнително го „отвора“ просторот, го прави визуелно поголем, потранспарентен и го нагласува контрастот помеѓу светлите и темните делови.
Секоја просторија поседува специфични правоаголни сегменти со различни димензии, поставени во елементи кои треба да ја претставуваат графичката и просторна идеја на ритамот. Во влезниот дел тоа е видливо на плафонот, каде е поставена линиско осветлување со различни димензии и позиции. Во собата за режија, како и во глувата соба, отворите на бочните ѕидови ја следат истата логика. Тие отвори претставуваат маски, зад кои се наоѓаат прозорци кои овозможуваат природно светло и вентилација.
Влезниот дел, како прв амбиент на студиото го сочинува правоаголна просторија со доминантно огледало на пократкиот ѕид, кое има улога визуелно да ја прошири просторијата и истовремено да го сокрие влезот во малата остава. Прозорците, кои се наоѓаат на еден од ѕидовите, дополнително се нагласени со рамки во сива боја, додека радијаторот е скриен во сива кутија, која е поставена асиметрично во просторијата.
Собата за режија е суштината на студиото. Таа претставува најважен простор, каде композиторот поминува највеќе време. Овој простор го карактеризира симетричен ритам на ѕидните облоги, отворите, вратата и прозорците, како и со светло нагласен подиум со софа, зад која се наоѓа дрвен дифузер на звук. Дифузерот со својата форма отскокнува од стандардните правоаголни дифузери кои се поставуваат во музичките студија. Изработен е како единствен елемент, составен од седум различни делови со централна оска на симетрија. Освен симетричните отвори на ѕидовите во таа ширина, на плафонот е поставено надградено линиско осветлување во влезниот дел, како и надградено линиско осветлување и рефлектори како дополнително осветлување. Линиското осветлување во сите простории и на подот има иста ориентација, паралелно е, сè е на своето ниво.
Глувата соба визуелно е поврзана со режијата преку застаклен отвор, кој исто така претставува посебен детал, стаклото е асиметрично поставено во однос на вертикалната оска. Глувата соба ја следи истата естетска логика како и останатиот простор во студиото. Подот е од даб, плафонот се карактеризира со употреба на кафено платно, исто како и во режијата, на ѕидот е поставена комбинација од петролеј сино и сиво платно, додека дефлектор-дифузерите се во светлосива боја, а ѕидовите се бели. На местото каде се наоѓа скриениот прозорец поставен е вертикален елемент со идентични ритмички отвори како во собата за режија. Во глувата соба поставено е висечко линиско осветлување со заоблени дифузери и спот осветлување.
Студиото не е големо по својата површина, но е сложено по својата технолошка функција и неопходноста од што подобри акустични услови и три меѓусебно одвоени простории, потполно звучно изолирани. Со особено почитување на строгите параметри на акустиката, на времето на реверберација и дифузноста на просторот, создаден е простор кој ги исполнува неопходните технички услови, а воедно создава и свој свет, свет на звук исполнет со смирена атмосфера, која го почитува нејзиното височество музиката.
Саша Николиќ Студио е едно од поголемите и по зборовите на корисниците, едно од пубавите музички студија во Белград. Со внимателен пристап во проектирање на ентериерот, постигнат е визуелен скалд меѓу сите амбиенти на просторот, додека истовремено е постигната целта која беше зацртана на почетокот. Проектот е избран да биде изложен на Салонот на архитектура 2020 во Белград во категоријата Ентериер. Но поради новонастанатата ситуација во светот Салонот е одложен. Во некој момент и пошироката публика ќе има можност да го види овој проект и да де својот суд.