Пандемијата на коронавирусот натера голем број жители на нашата планета да купат маски за заштита. И покрај тоа што лекарите апелираат дека најдобра заштита е останувањето дома и повеќе пати предупредуваат дека маските не се доволна заштита и се заштита доколку е некој заразен да ги заштити останатите, а не себе, луѓето упорно ги носат и мислат дека се што ќе стават преку уста штити. Експертите повеќе пати наведуваат дека хируршките маски не се адекватна заштита, исто така и нано маските кои служат за заштита од аерозагадувањето. Тие велат дека тврдите маски со ознака FFP1 и FFP2 со респираторен профил се единствена заштита низ која не може да помине ниту еден вирус и тоа под услов да не сте преблизу да заболен. Но луѓето упорно носат секакви маски, кои психолошки им влијаат и веројатно се чуствуваат посмирено мислејќи дека се заштитени, а во меѓувреме планетата доплнително се загадува. Имено, маските се направени од пластичен полипропилен кој не е лесно биоразградлив. Со оглед на тоа дека маските имаат краткотрајна употреба и во краток период се отфрлаат, веќе претставуваат значителен отпад.
Одфрлените маски веќе претставуваат сериозен ризик за рамнотежата во природата, а со самото тоа и здравјето на дивите животни, особено морските организми. Имајќи во предвид дека целата планета се бори со пластичниот отпад, маските претставуваат дополнителна закана. Еколошките групи веќе се активирале за да не ескалира проблемот.
„Последниве шест до осум недели маските се користени во огромни количини и сега го гледаме влијанието на животната средина“, вели Gary Stokes, основач на компанијата Oceans Asia.
Stokes направил истражување на островот Soko кај Хонг Конг. На плажа долга 100 метри, тој нашол 70 маски, а наредната недела уште 30, пишува Inhabitat.
Имено Хонг Конг, кој има многу густа концентрација на население, веќе има проблеми со пластичниот отпад, кои допплнително се засилени со оглед на тоа дека градот не го рециклира сиот свој отпад. Проценето е дека околу 70 отсто од ѓубрето завршува на депонии, што е еквивалентно на количина од шест милиони тони.
Нехигиенски и опасно
За сега членовите на организациите за заштита на околината се обидуваат да го намалат проблемот така што ќе ги чистат плажите.
„Никој не сака за време на посета на шума на секој чекор да наидува на маски или да ги гледа фрлени на плажа. Тоа е нехигиенски и опасни“, вели Laurence McCook од World Wildlife фондацијата.
Од друга страна Jerome Adams, хирург од САД ги советуваше луѓето да престанат масовно да купуваат маски за да бидат подостапни на оние на кои им се најпотребни, медицинскиот кадар, а воедно би се намалило и нивното влијание на животната средина.