Предложено е 20 отсто од средствата од трговијата со јаглерод диоксид да бидат наменети за буџетот на ЕУ. Ова, заедно со новиот данок на пластичен отпад, би можело да помогне во компензацијата на загубите направени од излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Европските лидери се под зголемен притисок да се договорат за повеќегодишен буџет, прв по Брегзит.
Предлогот за наметнување данок на јаглерод и пластика е „многу значаен исчекор“ за финансиите на ЕУ, вели висок европски функционер пред состанокот на лидерите на ЕУ чиј долгорочен буџет е во фокусот.
Буџет за периодот 2021-2027 година ќе биде првиот што ќе биде усвоен по Брегзит и ќе остави „дупка во финансиите на ЕУ“ од 75 милијарди евра во текот на седум години.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел предложи компромис кон средината на февруари, со надеж дека ќе го премости јазот меѓу богатите земји како Германија и Холандија (кои сакаат да ги ограничат националните придонеси во буџетот на ЕУ) и оние што добиваат најмногу буџетски средства, како што се Полска, Романија и Унгарија.
Компромитивниот предлог на Мишел за буџетот на ЕУ вклучува нови детали за воведување данок на јаглерод и пластика низ Унијата, како што е предложено од првиот предлог-буџет на Европската комисија 2018 година.
За да ги надомести загубите предизвикани од излегувањето на Велика Британија и да ја намали зависноста на Унијата од националните придонеси, Комисијата предложи 20 отсто од приходите од трговијата со јаглерод диоксид да се плати директно во буџетот на ЕУ.
Комисијата, исто така, предложи да се воведе данок на отпадоци што не се рециклираат. Европските власти веруваат дека тоа е најсигурен начин да се обезбедат дополнителни извори на приходи. Според предлогот, земјите-членки би платиле 0,80 евра за килограм необработен пластичен отпад.
Сепак, ова предизвика да бидат вознемирени посиромашните источни земји на ЕУ, кои немаат развиен систем на рециклирање како побогатите западни членки, и ќе треба да дадат поголем придонес во името на тој данок.
За да се постигне рамнотежа, компромисот на Мишел вклучува „механизам за да се избегне прекумерно регресивно влијание врз националните придонеси“. Со тоа ќе се ограничи сумата што ја плаќаат посиромашните земји и ќе ги заштити од непропорционален финансиски шок, вели претставник на ЕУ.
Сепак, сè уште е нејасно како точно ќе функционира новиот механизам во пракса.
Критичарите изразија загриженост за намалување на даночните приходи затоа што колку повеќе пластика се рециклира, толку побрзо ќе исчезне данокот на отпад.