Насловна / Вести / Урбанистичкото (не)планирање во Тетово – блиску до точка од која нема назад

Урбанистичкото (не)планирање во Тетово – блиску до точка од која нема назад

Тетово во пишаните написи се споменува уште пред неколку векови. Примитивните, античките, старовековните, средновековните и населбите од раниот нов век кои егзистирале на местата на денешната градска населба речиси и да немаат значајна улога во денешниот изглед на градот. Од периодот на преминот од XIX кон XX век можеме да лоцираме делови од градското ткиво кои претставуваат своевидни континуитети воочливи и денеска, а кои за жал не биле благовремено унапредени преку плански регулативи.

Во споменатиот период Тетово веќе добива контури на градска населба која тогаш имала околу 5.000-6.000 жители и која многу не се разликувала од урбаната морфологија на другите турски населби низ Балканот. Генерално, речиси сите градски населби се карактеризирале со густо набиени објекти, тесни улици и сокаци, чаршија со дуќани во низа; во рамнинските делови на некои места се јавувале градски празнини кои обично претставувале диви ливади, а познатиот патеписец и географ Ами Буе, кој три пати го посетил Тетово во периодот од 1836 до 1838 г., за Тетово, меѓу другото напишал и дека има многу зеленило. Градот растел спонтано, природно, непланирано. Се обрнувало внимание само на природните градбени постулати присутни и за времето на Османлиската Империја: секоја куќа да има слободен пристап на сонце, воздух и видик. Наследената улична мрежа во постарите делови од градот која речиси секаде влечела континуитет неколку векови наназад била ирегуларна, без конкретни образци на раст и развој, и растела спонтано, исто како што спонтано објектите ги формирале силуетите кои ги тангирале сокаците и улиците.

1_resize

Авионска снимка од Тетово од 5.9.1930 [Извор: http://www.gavro.com.mk/]

Лично не сум запознаен со значајните плански регулативи за Тетово кои датираат пред Втората светска војна, уште помалку за спроведување на евентуални такви регулативи. Некаде после Втората светска војна завршува спонтаниот или недоволно планираниот развој на градот. Новите социјалистички власти согледувајќи ги степенот на моторизираност на градот, растот на населението, и ред други чинители прават напори за конечно да му дадат на градот, или на некои од неговите делови, плански терк по кој ќе се развива.

2_resize

Авионска снимка од централното градско подрачје на Тетово од 1960, пред интервенциите една деценија подоцна [Извор: https://www.delcampe.net/]

Од тие неколку децении датираат новопланираните населби во градот: Ајдучко Маало, Тетовчанка, населбата помеѓу Касарната и Спортскиот центар, Мала Речица, Стара Градинка, блоковите 70, 82, 54 и други. Воочливо е и извесно планирање при градењето на нови куќи и повеќесемејни згради на пократки улични правци, како на наследените, така и на тогаш новопроектираните улични правци. Ова е воочливо во потези долж сегашниот булевар „Маршал Тито“, долж улиците „Борис Кидрич“, „ЈНА“, „Благоја Тоска“ комплексите на згради „Шипад“, „Чешел“ и слично.

3_resize

Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во изградба (лево) и непосредно после завршувањето (десно) – прва половина на 70-ти [Извор: http://www.gavro.com.mk/ и https://www.delcampe.net/]

Како извонредно значаен зафат во центарот на градот било ослободувањето на цел градски блок за потребите на изградбата на НУ Дом на култура „Иљо Антески – Смок“ и партерот околу него, како и изградбата на тогаш новиот плоштад во чии рамки е и денешниот, со што централното градско подрачје на градот добило репрезентативен изглед во склад со тогашните модерни текови, за разлика од наследениот стар изглед на центарот на градот.

4_resize

Новиот плоштад после завршувањето – втора половина на 70-ти [Извор https://www.delcampe.net/]

Со ваквите зафати, Тетово сериозно е подобрено во поглед на урбаното живеење, и своевремено фаќа приклучок со модерните трендови и среќно уредените мали населби низ светот. Во таквата констелација, преку задржувањето на делови од градот со старата османлиска морфологија е добиена разноликост и динамичност, а со тоа е задржан и континуитетот на стара населба која си го испочитувала минатото, но притоа била и плански унапредена.

Никој не може да тврди дека на Тетово не му требале такви сериозни интервенции во урбаното ткиво. Напротив, сметам дека биле неопходни.

5_resize

Разгледница од Тетово од 70-тите: Приказ на новопланирани градски сегменти [Извор https://www.delcampe.net/]

Сепак, низ годините се јавуваат противници на таквите градски интервенции, претежно насочени кон зафатите правени врз претходно постоечко изградено ткиво, кои обично не аргументираат за потребата од постоење или за квалитетот и продобивките од истите, туку за наводно неоправдано одземените и/или ненадоместени сопственички права на дел од земјиштето врз кое се спровеле такви интервенции. Легитимна тема за дебата, но за некој друг текст со правен дискурс, не планерски. На тема урбанистичко планирање, како апологет на урбаното живеење во планирани населби наспроти живеењето во хаос кој неминовно настанува во спонтано развиваните градови, би рекол дека експропријацијата како алатка за управување со земјиштето е неопходна во стари населби кои имаат континуитет неколку векови, па и милениуми наназад, а доживуваат повеќеслојна деградација причинета од ред чинители претежно врзани за индустријализацијата, модерното живеење и растот на населението, со цел таквата експропријација да послужи за спроведување на квалитетни планерски визии.

Впрочем, слични зафати низ историјата направиле и Илдефонс Седра со Барселона, баронот Осман со Париз, а радикални трансформации заради објективни причини насочени кон унапредување на градското живеење и справувањето со хаосот, своевремено претрпеле и Њујорк, Амстердам, Јоханесбург, Бостон, Виена, Берлин, Куритиба, Индијанаполис и огромен број други градови секаде во светот.

Преку овој планерски дискурс, различен од правно-сопственичкиот, ќе се навратам на Тетово и на состојбата со планирањето во која се наоѓа сега. Заклучокот е дека преку зафатите на социјалистичките власти за унапредување на урбаното ткиво направено е многу за градот во позитивна смисла, но забележителна е тенденција на „тапкање во место“ од независноста па сѐ до денес, дури и влошување на состојбите со планирањето во Тетово. Поупатените сигурно ги иритира отсуството на визија на градските власти последниве 30-тина години за тоа во кој правец треба да се развива градот. Впечатокот е дека градот е оставен сам на себе, оставен е да се развива спонтано, како што се развивал сѐ до Втората светска војна, со таа разлика што сега како лајтмотив присутен е финансискиот ќар за засегнатите страни кои учествуваат во спонтаното менување на ликот на градот. А таму каде што постои таков лајтмотив кој не го интересира јавниот интерес, неизбежно е да се случуваат несреќни интервенции кои најпрво ги оптоваруваат постојните инфраструктурни мрежи, го оптоваруваат сообраќајниот систем, потоа го намалуваат процентот на зелени површини и на природни почвени апсорпциони површини, го намалуваат струењето на воздухот, а на крај и го нарушуваат визуелниот изглед, отстапуваат од градските силуети и носат многу други естетски негативности.

Untitled-2_resize

деградацијата на градски опфати

Забележителна е деградацијата на поедини градски опфати кои во времето на социјализмот биле пристојно планирани. Се случува нешто кое за жал е присутно низ цела држава – законско девалвирање на планот како врвен документ од јавен интерес за градското живеење. Тоа е за жал законски овозможено со спрега на два закона и/или нивна злоупотреба на најразлични начини – популарно наречени Закон за денационализација и Закон за легализација на дивоградби. Со првиот е овозможено одредени градски парцели или делови од истите да бидат вратени на потомците на поранешните сопственици. Овие парцели биле експроприрани заради општ јавен интерес, но сега се денационализираат. Па така, имаме ситуација кога на поранешните сопственици им е вратено сопственичкото право врз парче од сегашна сервисна сообраќајница внатре во некој блок, или сегашен дел од парк, паркинг или дел од спортски терен. Небулозна, непотребна ситуација. Законот може да се спроведува и на подруг начин од буквалното фактичко денационализирање – државата не смее да го денационализира истото земјиште врз коешто пред неколку децении се испланирал одреден опфат и со кое е добиен квалитетен план. Тоа земјиште сега игра улога во опфатот која е неделива од него како систем или организам кој заедно функционира. Слично како на човек да му откинете рака или да му извадите око – со тоа му ја нарушувате целовитоста, го ослабувате, организмот функцира послабо – повеќе не е истиот.

Ваквото постапување директно му штети на планот и го нарушува истиот. И како да не е доволно ова, на сцена стапуваат и реперкусиите од вториот закон. Се гради објект – најчесто повеќесемејна зграда на неколку катови, со најчесто недоволно исполнети проектантски услови и принципи, и истата потоа се легализира со постоечкиот закон. И одеднаш, планот како ултимативен документ од јавен интерес, е сардисан двојно. Имаме зграда со дискутабилен квалитет на поранешниот паркинг, на поранешниот парк, на поранешната пристапна улица. Тетовчани сигурно ќе се сетат на кои места во Тетово е направено ова. Или ако на човекот на кој му ја откинавте раката, сега му додавате протеза од стакло – таа природно не му припаѓа, тешко се користи, а од истата многу лесно може да се исече. Дополнително, да не зборуваме за нарушените визури на постоечките куќи и станови, за блокираната аерација, за дополнително оптоварената инфраструктура итн. – проблеми со кои ќе се соочат и сопствениците на станови во новопроектираните згради.

Проблемот со отсуството на визија за планирањето во Тетово е согледлив и преку простиот факт дека Тетово нема ГУП уште од 2002 година. А како ќе сошиеме некому одело или фустан ако му немаме земено мерки? На таков принцип, без мерки, со стари подлоги, со стари визии, надминати или не, се поставуваат и менувааат ДУП-овите за опфатите во Тетово. (Огромна улога игра и немањето попис како ултимативна статистичка операција врз која се базира Просторниот план на Републиката, врз кој пак се базираат сите ГУП-ови). На некој начин, сѐ се тера по инерција. Некои стари ветувања за нужно пробивање на заглавените булевари се провлекуваат две-три децении, и тие за жал ја преземаат улогата на планерски визии за градот, иако сами по себе не претставуваат визија, туку неопходни сообраќајни решенија кои претставуваат најлесен излез од хаотичната ситуација во која сега се наоѓа градот.

6_resize

Лево: Градскиот блок со централна фигура – Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ (сателитска снимка од 6.30.2009; Десно: Приказ на блокот со новоизградениот објект наменет за театар и библиотека (сателитска снимка од 8.17.2019) [Извор: Google Earth и авторот)

Летаргичноста во одлучувањето е видлива и преку целосно промашената локација за новата зграда на театарот и библиотеката. Како објект, сам по себе, не го дискутирам, сигурно има голем број на квалитети штом беше избран за победничко конкурсно решение. Но ќе ја продискутирам неговата локација. Имено, објектот се гради речиси залепен до НУ Дом на култура „Иљо Антески – Смок“ – (на архитектите К. Муратовски, В. Николоски и И. Герасимовски), објект кој се наоѓа во рамките на гореспоменатиот градски блок кој е замислен да биде очистен од други градби. Таквото контекстуално решение овозможува целосно да се стави акцент врз фантастичниот скулптурален објект на Домот на културата, кој е замислен „да плови“ во парковско зеленило; притоа, целиот партер околу него е ставен во негова служба, и замислен е да го надополнува скулптурално и естетски.

9635106b-91f1_DSC_0004_resize dom-na-kultura_resize

Дом на култура „Иљо Антески – Смок“ – (на архитектите К. Муратовски, В. Николоски и И. Герасимовски)

Сѐ уште се чудам кој дозволи ваква екскурзија, ваква узурпација на неизградена јавна површина, замислена да остане суштински таква – неизградена. Како да ги имаме во Тетово на претек ваквите отворени јавни површини! Реалноста за жал е спротивна, Тетово не може да се пофали со паркови, скверови, отворени јавни површини, особено не уредени. За градски парк или градска шума не ни разговараме.

9_resize

театарот и библиотеката залепени до Домот на културата „Иљо Антески – Смок“

Сообраќајниот хаос во Тетово е тема за себе. Споменатите булевари завршуваат во улици од понизок ранг, и веќе погодувате што предизвикува тоа на тие крстосници. Дополнително, отсуството на јасна планерска визија за развојот на градот се гледа и преку неизнаоѓањето начин за алтернативен превоз – различен од индивидуалниот автомобилски превоз. Жално е во град кој апроксимативно претставува правоаголник со димензии од 5 до 6 km на 2 до 3 km, речиси сите жители да имаат навика да се возат со автомобил. Но, од друга страна не се поттикнати и мотивирани да го остават автомобилот дома. Јавниот превоз речиси не постои, не постои велосипедска инфраструктура во вистинска смисла на зборот, а штом веќе тие често споменувани булевари не се доградуваат, тогаш ајде барем да признаеме пораз за тоа, да ја напуштиме таквата идеја како претешка за спроведување, и таквиот пораз да ни послужи како поттик за поставување на планерска визија за дестимулација на автомобилскиот сообраќај.

10_resize

сообраќаен хаос во Тетово е секојдневие

Секако, ова е речиси утописка стратегија, и за жал мојот заклучок е дека жителите на Тетово не се спремни за ова, и се светлосни години од поздравување на револуционерни стратегии за дестимулација на автомобилски сообраќај преку затворање и стеснување на улици, преку воведување еднонасочен сообраќај на улици на кои ни на крај памет тие не би воспоставиле таков режим и друго. Дури е и жално што во град со димензии како Тетово, град во кој многу ефикасна може да биде ваквата замисла, воопшто и не се размислува на нешто такво во ситуација кога светот познава многу успешни примери во далеку поголеми градови како Сеул, Варшава, Штутгарт, Ротердам, Њујорк, Осло, Ченгду, Копенхаген, Утрехт и многу, многу други. Разбирливо, евентуалната дестимулација не може да се спроведе без воспоставување на квалитетен јавен превоз и велосипедска инфраструктура, а за сето тоа е потребно најпрво јасна планерска визија базирана врз сериозни различни интердисциплинарни студии и евалуации како за потребата, така и за позитивните и негативните реперкусии од евентуалното спроведување на таквата визија.

Untitled-1_resize

тетовско непланирање

Сѐ на сè, заклучокот е дека на Тетово му треба пред сѐ пресек. Да пресечеме каде сме, да видиме што е згрешено, девалвирано, деградирано, упропастено, па дури потоа да размислуваме како да тргнеме напред. За среќа, можеме да се инспирираме и угледаме на многу светски успешни модерни примери кои спровеле/спроведуваат многу револуционерни идеи. А дали тоа ќе биде визија за планирање на нови градски населби надвор од постоечкиот градежен реон, или визија за дестимулација на автомобилскиот сообраќај или нешто трето, четврто, петто или комбинација од повеќе работи, ќе покаже некоја сериозна сеопфатна стручна студија за моменталната состојба. Без тоа, без визија за градот врз основ на студија, ќе продолжиме да се вртиме во круг.

Притоа, треба да се има предвид дека некои работи мора да почнат пред да биде предоцна. Пред да дојдеме до точка од која речиси и да нема назад. Сигурно не во нашите животни векови, а можеби и во животните векови на нашите внуци.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top