Насловна / Вести / Длабока Река пред номинација за прелиминарната листа на УНЕСКО

Длабока Река пред номинација за прелиминарната листа на УНЕСКО

Мал дел од македонските граѓани  слушнале, а уште помалку на лице место ја доживеале неповторливата убавина на Длабока Река, нејзиниот водопад и пошироката околина.  Но која е и каде се наоѓа Длабока Река?

91617057_resize

Длабока Река се наоѓа во западниот дел на нашава држава, поточно на планинските масиви на највисоката планина во Македонија, Кораб. Таа всушност е лева притока на Рибничка Река, која пак е десна притока на познатата Радика. Извира под високите врвови на Мал Кораб формирајќи стрмна долина која претставува единственото место со алпски пејзаж и клима во Македонија.

06_resize

На Длабока Река се наоѓа живописниот Корапски Водопад, највисокиот водопад во Македонја и на Балканот со висина од 136 метри. Реката која е атрактивна по целата своја должина тече покрај напуштеното село Жужње, па во клисурата под селата Нистрово и Бибај и потоа се влива во Рибничка Река. Долината на овој водотек кој потсетува на сказните за Хајди има клисуресто-кањонеста, а наместа и  вистинска кањонска форма. Од изворот, па по течението сè до вливот на реката се среќаваат три кањони.

10_resize

Првиот се наоѓа над напуштенотово село Жужње, вториот помеѓу селата Жужње и Нистрово и третиот под селото Бибај при утоката во Рибница. Со својата убавина од овие три кањони посебно плени и се издвојува кањонот над селото Жужње, кој е долг над еден километар. Страните на кањонот се целосно вертикални и тоа десната страна е со висина од 100 метри, а левата со висина од 300 и повеќе метри, а дното е со ширина едвај од 2 до 3 метри. Кањонот настанал како резултат на топењето на огромниот глечер на последното ледено доба, а низ него реката формирала интересни кади, помали водопади и браци.  Вториот кањон што воодушевува со својата убавина е долг 1,5 км и широк од 10 до 20 метри, а третиот е долг 600 метри  со височина од 100 до 150 метри.

03_resize

Недопрената убавина, природната атракција и еколошко наследство на локалитетот Длабока Река ја надополнуваат и многубројните водопади, брзаци и притоки кои стрмоглаво се влеваат во реката, прелевајќи се преку стрмните литици и карпи под Кобилино Поле. Целата симфонија помеѓу карпите и водата не може целосно да се доживее преку фотографии и со зборови, треба да се појде и да се доживеена лице место Длабока Река со Корапскиот Водопад, кој најмногу е активен до средината на летото, кога  обично завршува топењето на снежниот покривач.

07_resize

Со измените на Законот за основање на Националниот парк „Маврово“ од 3.7.1952 год. од кога подрачјето на планината Кораб официјално се нашло во рамките на НП „Маврово“, па сè до последните десетина години нејзините долини и локалитети неофицијално се недостапни, односно затворени за посетители, пред сè заради режимот на строгата гранична контрола во поранешната СФРЈ, како и небезбедноста и воениот конфликт од 2001 година. Токму таа затвореност, слабата населеност и цивилизација, непостоењето на планинарски домови и друга туристичка инфраструктура, како и непознавањето на теренот придонесе природното богатство на Длабока Река да остане  речиси недопрено и да ја сочува исконската убавина. Освен малиот број на жители од блиските населби (Жужње, Нистрово, Бибај, Рибница, Тануша и Грекај кои најчесто се движеле по пасиштата и долините на Длабока Река, тајните на убавините, патеките и врвиците ги познаваа уште само сточарите – овчари, граничарите на војската и полицијата, како и вработените во Националниот парк „Маврово“ и неколкумина планинари ентузијасти.

11_resize

Меѓутоа последниве десетина години после подобрување на општата безбедност, благодарение на неколкумина ентузијасти познавачи на теренот и искусни планинари беа маркирани траси до највисокиот водопад на Длабока Река и тоа една по долината на реката, а другата преку планинскиот масив Кабаш и со тоа се овозможи овој локалитет да биде посетуван од планинарски и еколошки друштва, агенции за алтернативен туризам, научници и  љубители на природата. Со тоа најфасцинантната убавина во Македонија која со години беше скриена во пазувите на Кораб се отвори широко за да го афирмираме невиденото и недопрено природно богатство, истовремено предизвикувајќи нè како треба истото да се чува и негува. Така започнаа и првите организирани посети, а по секое враќање учесниците раскажуваа со импресии за нешто несекојдневно и што виделе една девствена планина во Европа, а  притоа немале претстава дека  ваква убавина може да се наоѓа во Македонија.

01_resize

Но оваа слика на спокојна интеракција меѓу планината и љубителите на природата полека почна да се поматува и тоа во моментите кога сите видоа голема надеж за полна афирмација на овој редок еколошки локалитет, сосема тивко и без запознавање на пошироката македонска јавност започнаа активности за реализација на хидросистемот „Луково Поле“. Со проектот меѓу другите локалитети беше опфатен и локалитетот на Длабока Река и притоа  со  предвидените пренасочувања на водените текови, изградбата на канали и цевководи за полнење на акумулацијата „Луково Поле“ можеше неповратно да се изгуби еден природен локалитет со изобличени падини и врвови, пресушени водотеци, исечени шуми и ред други нарушувања на природниот амбиент.

02_resize

На одлуката за изградба на хидросистемот „Луково Поле“ реагираа љубителите на Длабока Река, барајќи да се стопира уништувањето на овој локалитет, а потоа следуваа реакции на локалното население,  пошироката јавност, планинарите, здруженија и асоцијации за заштита на реката Радика. После ова локалното население беше убедувано дека новото езеро ќе отвори нови работни места и ќе донесе многу туристи. Но реакциите продолжија и како резултат на овие реакции ЕЛЕМ на општо задоволство го стопира проектот.

09_resize

Планинарите, екологистите, научниците за момент здивнаа, но ја продолжија борбата за заштита на Длабока Река и Корапскиот Водопад со цел да останат природни локалитети или стриктно означени природни области од исклучителна универзална вредност од научна гледна точка и како природна убавина која не смее да се препушти на стихијни и непромислени проекти и активности. Сите овие заложби допреа до најповиканите во Република Северна Македонија – членовите на Владата, кои на  седницата од 14 јануари 2020 година ја усвоија Информацијата за номинирање на Длабока Река на прелиминарната листа на УНЕСКО. Длабока Река тоа го заслужи, бидејќи како дел од Националниот парк „Маврово“ се одликува со голема биолошка разновидност, со присуство на многубројни ендемични растителни и животински видови, како локалитет со исклучителни  природни вредности претставени преку голема биолошка и пределска разновидност.  Исто така една од основните карактеристики на овој локалитет се разновидните водени текови и старата девствена шума која расте по долината на Длабока Река без никакви интервенции во последното столетие. Затоа сам по себе се наметнува заклучокот дека Длабока Река е создадена за планинарски уникатни доживувања, но пред сè за научни и истражувачки активности.

Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх.

04_resize

Испрати коментар

Scroll To Top