Францускиот производител на автомобили Citroen го претстави моделот Ami, мал градски електричен автомобил чиј дизајн бил воден од идејата да чини што е можно помалку.„ Возилото не е брзо и малку наликува на машина за перење алишта“, пишува CNN, но чини само 6.000 евра. Citroen го претставува како минималистичко превозно средство кое може да постигне најголема брзина од 45 километри на час. Го задвижува електричниот мотор од 6kW кој може да се наполни на домашна приклучница за само 3 часа. Во многу европски држави таквите возила можат да ги возат и младите од 14 до 16 години и не е потребна возачка дозвола за патничко моторно возило, бидејќи го третираат како скутер на четири тркала.