На неуредениот простор меѓу улицата Лазар Димитров и железничката пруга во Кисела Вода деновиве се уредува нов парк. Новата зелена оаза ќе зафаќа површина од 16 илјади квадратни метри и во него ќе се засадат над 150 листопадни и 240 зимзелени садници, како и околу 400 украсни грмушки.
“Градот Скопје во соработка со Општина Кисела Вода го облагородуваат овој простор што порано беше дива депонија. Овде ќе никне нов парк на површина од 16 илјади квадратни метри, кој ќе биде партерно уреден со детски игралишта. Ќе придонесеме овој дел од градот што беше целосно запуштен да добие урбана нота и да биде уреден за граѓаните да добијат достоинствено место каде што ќе го поминуваат своето слободно време со своите деца. Градот Скопје интензивно уредува вакви неуредени локации и диви депонии, пред неколку дена го промовиравме новиот парк во Аеродром, сега сме во Кисела Вода, а се работи и во Ѓорче Петров и во Карпош 4. Места кои претходно биле диви депонии прераснуваат во мали зелени оази за да придонесеме за поздрава и поубава животна средина“, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Паркот во Кисела Вода ќе располага и со систем за наводнување и хидрантска мрежа со вкупна должина од 500 метри.
Претходно Град Скопје најави дека на местото што неколку години беше дива депонија кај Железничката станица, исто така, ќе се прави парк. Станува збор за површина од над шест илјади квадратни метри, на кој треба да никне мал парк и детско игралиште, со цел овој меѓник меѓу општините Аеродром и Центар да се уреди.