„Почиста и посигурна вода за пиење, достапна за сите“ е главната цел на новата ЕУ Директива за водата за пиење која е потврдена од страна на одборот за јавно здравје, животна средина и безбедност на храната на Европскиот парламент. Институциите на ЕУ се усогласиле околу текстот на законот и тој стапува на сила во април. Се воведува нов начин на мерење на чистотата на водата, се шири листата на хемикалии и соединенија на чија присутност таа ќе се тестира, а членките на ЕУ се обврзуваат да промовираат единствен пристап кон водата за пиење за сите граѓани.
Новата директива воведува задолжително мерење на присутноста на хормонските разорувачи како бисфенол, бета-естрадиол и нонилфенол, супстанции кои науката во последните години ги утврди како закана за човековото здравје. Значително се заоструваат максимално дозволените вредности за цела низа загадувачи и токсини како оловото, бактериите и разни индустриски соединенија. Давачите на водоводни услуги ќе мораат значително да го зголемат бројот на примероци и бројот на точки за испитување на квалитетот на водата во водоводниот систем. Микропластиката е се поизразен проблем во контекст на водата за пиење. Некои истражувања покажуваат како таа е присутна во 2/3 од примероците на водата од водоводните системи во европските земји. Но, целосни податоци за сите земји членки не постојат, а мерењата се вршат стихиски.