Кружните текови се паметно урбано решение за намалување на сообраќајните метежи, помалку задржување на крстосниците, помалку сообраќајни незгоди, заштеда на државниот буџет, намалена потрошувачка на гориво за возачите, помалку загадување од возила. Прашањето е – зошто ги нема на повеќе места?
Секој ден се соочуваме со ужасен сообраќај во нашиот главен град. Постојат повеќе причини за тоа. Од тоа што нашите предци немале визија дека градот ќе стане многу поголем од тоа што е (инаку не би граделе ни фабрики толку блиску, нели?), преку несовесноста на граѓаните кои повеќе сакаат да дремат во автомобил отколку непречено да возат велосипед, до сосема непотребното поставување семафори на секој чекор и нивното нерегулирање во однос на интензитетот на сообраќајот.
Закрчени улици – Нездраво и скапо
Да земеме еден пример. Булеварот Србија е најпрометната и најзагадената сообраќајница во Скопје, не само според обемот на возилата, туку и според нивниот вид. Секојдневно таму поминуваат илјадници комбиња, камиони, цистерни и други тешки возила, со извадените филтри на нивните дизел мотори, кои се упатуваат кон автопатот или доаѓаат од таму. Главната причина е што освен мостот „Близнак“, не постои друг мост во близина на овој дел од градот и тоа е нешто што заслужува посебен текст и треба да се реши што побрзо.
Бул. Србија пред мостот „Близнак“
На овој булевар, метежите се секогаш присутни на семафорите кај Усје, крстот кај висококатниците на Џеваир, кај споменикот на Јане Сандански и на стотина метри подолу, (особено) пред мостот „Близнак“, и кај „Бриколаж“. Во делот после мостот кон автопатот доаѓа до ненадејно растоварување и забрзување на сообраќајот од една едноставна причина – семафорот на следната крстосница поради работа на патот е исклучен!
Истата работа на патот се случува повеќе од половина година на семафорот пред мостот, но таму семафорот не е ниту исклучен, ниту е пререгулиран. Едниот дел од булеварот е сосема затворен и не поминуваат автомобили, но семафорите и понатаму работат како сообраќајот да се одвива нормално. Но, во овој дел од градот, не само за време на „шпицовите“, сообраќајот е сѐ – само не е „нормален“!
Зошто е ова битно да се реши? Не зборуваме само за психичкото здравје на луѓето заробени во возилата и во метежот, туку и за загадувањето кое го предизвикува овој сообраќај, како и за негативните економски последици. Непотребното задржување на семафорите, и чекањето пред нив по 4-5 циклуси на „црвено-жолто-зелено“ придонесува да се зголеми загаденоста во овој и така презагаден дел од градот, заробен помеѓу Охис, Усје, Вардариште, неповолната надморска височина и којзнае што сѐ уште не!
Решение – Кружен тек!
Тоа се проблемите, но кое е решението? Во однос на сообраќајот, одговорот е едноставен – кружен тек! И тоа не само еден, туку на сите посочени клучни точки каде што се јавува најголема закрченост на сообраќајот. Но, зошто токму кружен тек? Постојат повеќе аргументи за тоа зошто кружните текови се подобри од семафорите.
Првиот, и најочигледен, е дека сообраќајот на кружните текови е постојан и без прекини и подолги паузи. На тој начин крстосницата може да поднесе поголем обем на сообраќај во единица време. Сообраќајот повторно ќе биде со исто количество возила, но со помало задржување. Се разбира, сето ова е точно, ако кружниот тек е дизајниран правилно во однос на анализата на локацијата.
Втората причина е намалувањето на сообраќајните незгоди во однос на крстосниците со семафори, 37 отсто помалку судири, 40 отсто помалку повредени пешаци, 75 отсто помалку повредени возачи и 90 отсто помалку смртни случаи, а според некои други извори смртните случаи се сведуваат на нула.
Трето, што е со правилата? Постои само едно правило – оној кој е влезен во кружниот тек има предност! Првиот кружен тек во САД изграден е во 1905 година, но тие биле непрактични сѐ до 1966 година кога во Англија се појавиле модерните кружни текови со наведеното правило – од тогаш до денес нивната популарност расте.
Четврто, брзините на возењето се намалуваат. Колку и да се брзате не можете да влетате во кружниот тек со недозволена брзина! Самата кривина ве принудува да ја намалите брзината. Просечните брзини во кружниот тек се 25-35 км/час, што е една од причините за намален број незгоди, како и намалена сериозност на повредите, според сите досега наведени извори.
Петто, бидејќи возачите не се принудени да застанат на семафор, туку сообраќајот постојано тече, појавите како „фаќање зелено“ или непрописно поминување на црвено светло не постојат! Тоа подразбира и помалку задржување на кружниот тек. Според истражувањата, во Њујорк возилата се задржуваат 89 отсто помалку на кружен тек во однос на крстосниците со семафори.
Шесто, сите возачи возат во иста насока откако ќе влезат во кружниот тек, што ја неутрализира можноста за директни судири.
Седмо, кружните текови се прават побрзо, поевтини се и нема потреба од нивно одржување! (нема купување и поправка на семафори итн.) Во пресметката влегува и намалената потрошувачка на електрична енергија, а според некои проценки, во САД годишно се трошат 5-10.000 долари помалку на секој кружен тек во однос на раскрсница со семафори. Додека „рокот на траење“ (после кој почнуваат почестите поправки) на стандардна крстосница е 10 години, кај кружниот тек тоа е 25 години.
Осмо, и да снема струја, кружниот тек продолжува да функционира без пречки. Тоа е уште еден аргумент плус за сигурноста на овој вид сообраќај. Секој возач кој се нашол на голема крстосница кога семафорите не работат, а нема сообраќаец, бил сведок на недоразбирањата, метежот и опасните ситуации предизвикани од тоа.
Деветто, иако зафаќаат повеќе простор, кружните текови овозможуваат садење вегетација во средината со што се разубавува просторот, се намалува количеството издувни гасови (растенијата ги филтрираат) и со додавање на текстури на пешачките и велосипедските патеки, тие се користат за разубавување на градскиот пејзаж и за привлекување инвеститори и предизвикуваат економски развој во непосредната околина.
Десетто, намалената потрошувачка на гориво е тема која ги интересира сите. Според истражувањата, потрошувачката на гориво се намалува за 8 отсто. За да направиме споредба, познато е дека во нашата средина возачите ги вадат филтрите од дизел возилата за да ја намалат потрошувачката на гориво. Ефектот кој го има ова е 4 отсто намалена потрошувачка. Значи, кога возите преку кружен тек ефектот е двојно поголем од тоа, а веројатно и многу поголем кога станува збор за екстремно закрчени сообраќајници.
Зошто не правиме повеќе кружни текови?
Што е тогаш проблемот? Според истражувањата во САД, само 30 отсто од луѓето ги одобруваат кружните текови пред да бидат изградени. Веројатно и кај нас статистиките би биле слични. Но, по една година од користењето овој процент се качува двојно и тројно. Потребна е едукација: сајтови, флаери и сето тоа се прави во странство пред и по изградбата.
Да сумираме, ако се замени крстосница со семафор со кружен тек: ќе се намали метежот, а со тоа и загадувањето, локацијата ќе изгледа поубаво и попривлечно, ќе се намалат сообраќајните незгоди, државата ќе троши помалку ресурси, а луѓето ќе поминуваат помалку време во сообраќајот, порано ќе стигнуваат до дестинацијата и ќе трошат помалку гориво.
Се разбира, не сите крстосници се погодни за правење кружен тек и тоа е нешто што треба да го разгледаат професионалците и институциите задолжени за овие прашања. Тие имаат доволно познавања, а како одлична анализа на сите прашања, регулативи и стандарди потребни да се постигнат при изградба на еден кружен тек е обемното и исцрпно дело.
Од сето кажано, како последно неодговорено прашање останува: зошто не правиме повеќе кружни текови?
Автор: Бранко ПРЉА, Извор: новиот блог на ResPublica