Градот Барселона, познат по својата авангардна архитектура, сега ќе има и пример за одржлива архитектура во необичен контекст. Поточно, локалната фирма Architecure Anna Noguera неодамна ја заврши работата на Спортскиот центар Turó de la Peira, кој може да се пофали не само со систем за соларна енергија, туку и со бујна зелена фасада.
Благодарение на иновативниот хидропоничен систем, кој исто така вклучува и собирање на дождовница, вегетацијата може да се наводнува во текот на целата година. Turó de la Peira историски е познат како убава зелена градска област, а во 60-тите години на минатиот век многу згради почнаа да се градат во областа. Оттогаш, оваа населба е загушена со изградени структури.
Неодамна, градските власти донесоа одлука на овој дел да му овозможат зелен ремонт, а спортскиот центар со соларен систем и зелената фасада е почеток на овој одличен проект. Според Architecure Anna Noguera направен е проект што со својот зелен дизајн треба да го инспирира и соседството.
На приземјето има базен, додека горе има спортско игралиште.
Благодарение на проѕирната фасада и на 24 кровни прозори, зградата добива значителна количина природна светлина. Секако, најатрактивниот елемент на зградата е зелената фасада, која работи ефикасно благодарение на наводнувањето од дождовницата, кое се чува во голем резервоар сместен во подрумот.
Покрај зелената фасада, објектот може да се пофали и со неколку други енергетски ефикасни системи. Речиси целиот покрив е покриен со соларни панели, што ќе произведува 95.534 kWh во текот на целата година. Покрај тоа, објектот има иновативен аеротермален систем кој овозможува употреба на топлина на воздухот за целите на затоплување на водата.