Во историјата на цивилизацијата еден од главните проблеми низ сите епохи, кој се појавува постојано, е заштитата на животот и имотот на луѓето во услови на пожари. Познати ни се многу пожари во кои исчезнувале цели градови, при што поедини никогаш не се ни обновени. Посебно големи пожари, со катастрофални последици се случиле во Рим, Лондон, Москва, Чиле, Чикаго, Сеул, Саоло Паоло и многу други.
Поучени од овие и други примери од 21 век и под влијание на научноистражувачките работи од областа на заштитата на човекот од пожари, природни и воени катастрофи, во поново време забележан е значаен напредок во оваа област. Но, и покрај ова многу законски мерки, начела и препораки, недоследно се почитуваат при урбанистичкото планирање и при изградбата на градовите и населбите.
Денешната архитектура со современите конструкции, со своите гигантски размери, употребата на нови градежни материјали во градежништвото, примената на нови технолошки процеси во индустријата, постојаното зголемување на потрошувачка на електрична енергија и природниот гас и користењето на секоја педа во градовите за изградба предизвикуваат и понатаму ризици од пожари. Затоа е потребно доследно применување на сите мерки и искуствени препораки при просторното и урбанистичкото планирање. Ако денес се прошетаме низ поедини населби на нашето Скопје ќе наидеме на фрапантни слики кои упатуваат на една голема негрижа за опасностите кои се надвиснати на главниот град во државава од несоодветно планирање и проектирање. Наидуваме на изградени објекти без минимално растојание меѓу себе – таканаречена домино архитектура. Се запали ли една зграда брзо може да се запалат и соседните. Цели блокови и згради се без можен пристап на противпожарни возила, противпожарни скали и друга противпожарна опрема, како и непостоење на надворешна противпожарна хидрантска мрежа.
Во ваквите современи услови, борбата против пожарите и покрај тоа што е сè покомплицирана и интердисциплинарна, стручните лица кои треба да ги решаваат прашањата од противпожарна заштита се обврзани првенствено планирањето и проектирањето на противпожарна заштита да го прават во две фази. Првата фаза се однесува на урбанистичките мерки, а втората на планските мерки со анализа на состојбите и опасностите од пожар, превентивните и оперативно-тактичките мерки. Првата фаза во планирањето е примарна и со неа се диференцирани следните насоки и урбанистички мерки:
– категоризација на градовите и населбите според нивната големина, важноста и посебните услови на земјиштето, климата, водоснабдувањето и индустријата, заради конкретизација на основните мерки за заштита;
– доследно спроведување зонирање на градските површини и сепарирање на индустријата од станбените блокови со тампонски зелени површини;
– одредување на граници на густината на населеноста на жителите и густината на изграденоста, според категоријата на градските зони;
– децентрализација на градот односно населбата со интерполирање на рекреативни зелени површини и предвидување на широки и брзи противпожарни комуникации;
– форсирање на сателитски населби за дисперзија на жителите;
– безбедно снабдување со вода, електрична енергија, природен гас и сл. и тоа по принципот на самостојно снабдување од градската мрежа;
– правилно трасирање на железничките пруги од аспект на опасностите од пожар на шумите и посевите;
– предвидување на противпожарни препреки формирани како ликовни естетски елементи во урбанистичките композиции;
– спортски аеродроми за мали и лесни авиони, како и хеликоптери, сите погодни за интервенции при евентуални пожари;
– пристап на противпожарни цистерни за полнење вода до сите водени објекти, природни извори, реки, езера и рекреативни водни зони;
– планирање изградба и рамномерен распоред на противпожарни пунктови за гаснење на пожар врз основа на бројот на жителите и противпожарно оптоварување на населбата;
– водење на примарната патна мрежа по можност низ контакните зони – зелени појаси за итни противпожарни интервенции;
-концентрација на индустријата на едно место, како посебна зона издвоена со слободен простор од станбените и јавните објекти;
– индустријата која може да предизвика пожар и експлозија, бензиски и плински станици треба да се лоцираат низ ветер, односно овие објекти треба да се најдат последни во насока на ветерот;
Сепак, во просторното и урбанистичко планирање од аспект на заштита од пожари, најголемо значење имаат деталните урбанистички планови (ДУП). Со овие планови всушност се решаваат поединечните урбанистички блокови и единици, а во нивните рамки се дефинираат и се утврдуваат условите за проектирање и за изградба на поединечните објекти. Во оваа фаза на урбанистичко планирање, непосредно и конечно се дефинираат и најважните елементи што се значајни од аспект на заштита од пожари. Со овие планови се одредуваат градежни линии, се одредуваат површините, висините на објектите и нивното неопходно меѓусебно минимално растојание. Поточно со ДУП се утврдува и дефинира максималната катност на објектот, потребната оддалеченост од соседите што непосредно го диктира проектирањето на правите мерки за заштита од пожар.
За одредување на безбедносното растојание помеѓу објектите потребно е да се почитуваат и земат предвид следните елементи: просечното пожарно оптоварување, огноотпорноста и степенот на запаливост на градежните материјали, технолошките процеси, временско траење на пожарите, положбата и поставеноста на објектите, оддалеченоста на ПП пункт, огноотпорноста и степенот на запаливост на градежните материјали и други параметри. Но сепак идеално би било кога растојанието помеѓу два објекта би се пресметувало врз основа на критериумот растојание при рушење на објектите, односно во тој случај растојанието помеѓу два соседни објекти се пресметува према висините на објектите и изнесува половина од висината Н1/2 на едниот објект плус половина од висината на другиот објект Н2/2 плус константа која изнесува четири метри и тоа е всушност минимална широчина за слободна површина и пожарна патека при евентуално рушење на објектите. Ова растојание е од посебна важност за високите објекти во услови на пожар кога се рушат материјали и предмети и паѓаат во околниот простор на објектите и претставуваат реална опасност за луѓето кои се евакуираат и за противпожарните екипи кои интервенираат. Соодветното растојание исто така игра голема улога за намалување на штетите и при земјотреси и други опасности.
При изготвувањето на ДУП посебно треба да се внимава на одредување на урбанистичките услови за високите објекти над 22 метри. За секој објект треба да се предвидат и решат потребните оперативни површини за противпожарни скали и друга опрема, како и да се обезбеди кружно движење на противпожарни возила и пристапни патеки.
Мерките за заштита од пожари со урбанистичките планови можат да се третираат и применуваат како дел од комплексот на критериумите на функционалниот, технолошкиот, економскиот и естетскиот карактер, а не само како голи мерки. Така на пример ако доследно се почитува минималното потребно растојание помеѓу соседните објекти во градот Скопје, покрај заштита од пожари ќе имаме далеку подобра вентилација и циркулација на воздухот, со што ќе се даде голем придонес во борбата за почист воздух.
Затоа мерките и условите за заштита од пожари секогаш треба да се вклопуваат во техничките, функционалните, естетските, и другите начела во планирањето на населбите и градовите. Ова треба да се однесува на работната и на станбената зона, заштитното зеленило поврзаноста на комуналното опслужување и слично.Тоа значи дека принципиелни препреки за усогласување ќе нема, но потребно е многу да се работи за остварување на конкретните урбанистички решенија.
Ваквите пристапи при урбанистичкото планирање ќе значи, повисок – похуман степен и безбеден развиток на нашите населби и градови.
Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх