Седумдесет години од постоењето (1949 – 2019) и педест години од користење на музејскиот објект Железничка станица (1970-2020) е јубилејот што вчера беше одбележан во Музејот на град Скопје.
Одбележувањето почна со промоција на монографија „70 години Музеј на град Скопје“.
Потоа на самиот влез од Музејот на предната страна на фасадата преку светлосно визуелни ефекти (3Д мапинг), се промовираше настанот „70 години Музеј на град Скопје“.
Исто така, во првата изложбена сала преку видео проекција беа претставени активности и настани од основањето на музејот до денес. Видео презентацијата преку фотографии во проекција од 360 *, за прв пат изработена на нашите простори во 3Д мапинг технологија, ќе ја опфати музејската и галеријската работа во изминатите седумдесет години поделена на декади. Во секоја декада, почнувајќи од основањето до денес, се презентира Музејот и неговата досегашна работа.
Во втората сала поставена е изложба на која ќе биде претставен дел од најзначајните експонати од збирките на Музејот, уметнички дела и преглед на најзначајните настани (изложби, археолошки ископувања и истражувања, промоции и презентации…) и избор од најзначајните публикации во седумдесетте години од постоењето на Музејот на град Скопје.
Изложбата и аудио-визуелната презентацијата беа отворени со обраќање на градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов и директорот на Музејот на град Скопје Славко Лисичков.
Фото: Киро ПОПОВ