Во рамки на наставата на Одделот за архитектура на Факултетот за инженерство при Меѓународниот балкански универзитет во Скопје се постави еден интересен предизвик поврзан со пренамена на објект којшто веќе не постои! Имено, менторирани од вон. проф. д-р Александар Андовски, во склоп на предметот Архитектонско проектирање 6, оваа учебна година студентите добија задача за пренамена на објектот на поранешниот скопски саем. Иако зградата е разрушена неодамна поради изградбата на нов шопинг мол и комплекс на деловно-станбени објекти, сепак предизвикот да се акцентира направената грешка преку оваа студентска задача беше од големо екпериментално, но и од општествено значење. Всушност и основната идеја на оваа задача беше да се докаже тезата дека не беше потребно рушење на шесте саемски хали со цел да се добие нов шопинг мол во источниот дел од градот Скопје. Тука се наметнува и прашањето дали можеше на местото на новопланираниот деловно-станбен комплекс да се лоцира новиот шопинг мол, а стариот саем да остане на истото место каде што и беше? Или пак, втората опција ќе беше да се направи нова зграда за нов саем на местото на новопланираниот станбено-деловен комплекс, а внатрешниот простор на стариот саем само да се пренамени во шопинг мол. Се чини дека и двете опции содржат повеќе желба за зачувување на вредните архитектонски творби отколку актуелното решение коешто е во фаза на реализација. Покрај фактот што не се зачува вредното архитектонско наследство, дополнителен, но и не помалку важен проблем е што сега главниот град на Македонија не поседува објект наменет за саем!
А, всушност, од каде потреба за нов станбено-деловен комплекс покрај поранешното сајмиште? Веруваме дека би се нашле многу поиздржани и многу пофункционални аргументи за постоење на нов шопинг мол поради реалните потреби на граѓаните на Скопје, посебно во источниот дел од градот, отколку аргументи за постоење на нови станбени и густо поставени структури на веќе преизградениот град. Но, изградба на нови масовни домувања, не само до новиот мол, но и како што предвидуваат актуелните детални планови за Ќерамидница и Крњево (околните новопланирани населби) претставуваат нова закана за пренаселеност во источниот дел од градот. Имено, моловите, претставуваат една современа потреба на потрошувачкото општество, којашто не можеме да ја игнорираме и треба да ја понудиме на граѓаните за да ги реализираат своите потреби. Но, дали навистина имаме потреба од нови населби? Каде се тука градските власти да реагираат дефинирајќи лимит за ширење на градовите? Поразителен е фактот дека градот не се шири во периметар, туку незапирливо ги окупира постоечките урбани „празнини“. Велиме „празнини“ а всушност тие празнини во најголем дел се оставени НАМЕРНО празни од урбанистите и архитектите. Да не заборавиме дека тие празнини претставуваат најчесто организирани зелени површини, одржувани паркови или пак јавни простори понекогаш оставени на забот на времето. Но, сепак, постоењето на овие слободни зони не значи дека треба да се окупираат по секоја цена. Да не го заборавиме и проблемот на загадениот воздух којшто несомнено е поврзан и со преизграденоста и окупирањето на овие површини. А кога зборуваме за загаденоста, тука е и фактот што покрај рушењето на стариот саем се исекоа и голем број дрвја коишто беа дел од партерот на саемот. Тоа значи дека не беше само уништено архитектонското наследство, туку исчезна и еден значаен зелен појас на градот.
Во секој случај, ние архитектите не сме сами доволни да ги заштитиме делата на нашите амблематични претходници. Дела коишто се загрозени делумно поради големите финансиски апетити на бизнисмените, но уште повеќе поради тоталното отсуство на грижа за архитектонското наследство од минатиот век од страна на државата. За жал не само објектот на скопскиот саем, туку и многу други значајни објекти коишто беа обележје на модерната архитектура од минатиот век, не се дел од националниот регистар на објекти од исклучително архитектонско-историско наследство. Исто така бевме и сведоци за обезличување на дел од овие објекти и во проектот „Скопје 2014“. Сето тоа е резултат на едно континуирано отсуство на грижа кон сопствениот, македонскиот архитектонски идентитет.
Скопскиот саем беше архитектонско дело на авторите Димитар Димитров, Живко Гeлевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ целосно реализирано во 1972 година. Овој значаен саемски комплекс располагаше со 25 илјади квадратни метри, од кои 16 илјади беа во затворен простор во шест саемски хали, функционално и архитектонски обликувани во духот на модерната архитектура и коишто беа поврзани со топла врска формирајќи една оригинална и компактна целина.
СЕПАК МОЖЕЛО!
Архитектонската задача ги предвидуваше следниве нови содржини во халите на стариот скопски саем: дуќани, салони за мебел, простории од забавно-рекреативен карактер, културни содржини и посебна хала за хипермаркет. За разлика од поранешниот концеп на саемот каде што сите содржини беа присутни само на едно ниво (приземјето), во архитектонската задача беше дозволено новите содржини да се распространат на две нивоа, предвидувајќи нова и лесна (монтажна) меѓукатна конструкција за таа цел. Освен нови вертикални комуникации помеѓу двете нивоа, требаше да се предвиди и хоризонтална комуникациија помеѓу сите хали и на двете нивоа. Ново подземно паркиралиште требаше да се предвиди во просторот североисточно од саемот и од хотелот „Континентал“. На тој начин приземниот и отворен простор дозволуваше да се организира за јавни отворени содржини. Овој новопредвиден јавен простор требаше да понуди нови сервисни содржини поврзани со саемот, но и да овозможи квалитетна врска помеѓу центарот на градот и населбите Автокоманда и Ќерамидница. Бидејќи целта на секој проект не е тој да егзистира сам за себе туку и да се вклопи во постоечкиот контекст, да ги почитува постоечките изградени структури и да комуницира со нив. На тој начин се добива нов простор со зголемени вредности на живеењето, но во исто време се зголемуваат и цените на недвижностите на постоечкиот контекст. За жал, во Скопје и Македонија, кога се градат нови содржини, многу ретко се обрнува внимание на овој феномен и затоа конечната слика на новите населби резултира со деградирање на постоечките структури, а не и унапредување на вредностите во секоја смисла. Во однос на надворешниот изглед и постоечката фасада на стариот саем, целта на задачата беше да се зачува колку што може повеќе изгледот на објектот како што и го замислиле и проектирале Гелевски, Мицевски и Ѓуриќ.
Пренамената на објекти не е измислена кај нас или пак е идеја од скорешни времиња. Отсекогаш низ историјата се размислувало како да се зачуваат квалитетно изградените зданија вметнувајќи нова намена којашто би кореспондирала со новонаметнатите потреби и барања од корисниците на тие зданија. Развиените општества коишто се грижат за своето наследство и идентитет, не се колебаат кога треба да донесат одлука за сочувување на некои значајни градби. Ниту државата, ниту пак граѓаните во овие земји со развиени системи не ни помислуваат за рушење на архитектонски творби коишто се дел од нивниот зеднички и автохтон идентитет.
Кај нас, за жал не можеме да констатираме дека постои грижа за архитектонското и градителското наследство од минатиот век. Модерната, како значаен интернационален правец, беше обележје на една епоха и во главниот град на Македонија во втората половина од минатиот век. Голем дел од овие објекти можеме да ги вброиме и како творби коишто можат да се натпреваруваат со својата креативност и оригиналност со архитектонската меѓународна конкуренција.
Кога би постоел систем за заштита од страна на државата на овие значајни градби, и кога би постоела граѓанска свест која би го бранела и промовирала фактот дека без идентитет во континуитет (или континуитет на идентитетот) не ни постои идентиет во секоја смисла, можеби и изгледот на нашите градови би бил сосема поинаков. Идентитетот на градовите е составен од мозаик на архитектонски стилови од различни историски периоди коишто сите заедно формираат една заедничка слика којашто не потсетува на минатото, но и го дефинира карактерот на поголемата урбана слика.
Глобалната слика од студентските трудови претставува не само позитивно одговарање на зададената задача, туку воедно во нив се пресликува и една позитивна и креативна иницијатива во архитектонскиот пристап на внатрешното уредување на поранешниот саем. Импресивен е и не само заштитничкиот однос кон архитектонското наследство туку и заштитничкиот однос кон животната средина промовирајќи големи зелени појаси и уредени урбани паркови. Онаа врска којашто недостасуваше помеѓу центарот на градот и отсечените населби студентите ја решија со нови јавни содржини. Овие парковски содржини не претставуваат само сервис на саемот, не претставуваат само пријатна конекција помеѓу двете општини туку и претставуваат можна конечна дестинација на скопјани на овој јавен простор. И конечно за да заклучиме, резултатите на студентите од четврта година на Одделот за архитектура на Факултетот за инженерство при Меѓународниот балкански универзитет преку задачата за пренамена на стариот скопски саем покажаа дека сепак немаше потреба да се руши ова амблематично и историско архитектонско наследство.
Автор: вон. проф. д-р арх. Александар АНДОВСКИ,
шеф на Катедра по архитектура при
Меѓународниот балкански универзитет