Насловна / Арт и дизајн / Том и Џери слават 80. години (видео)

Том и Џери слават 80. години (видео)

Популарните цртани јунаци мачката и глушецот Том и Џери, оваа недела слават 80 години постоење.

Приказната за мачката Том и глушецот Џери, кои живеат во иста куќа и стално се надмудруваат, редовно завршува така што Том секогаш останува бесен, а Џери успева да дојде до саканата цел со многу бркотници и духовити ситуации.

tandj_resize

Двоецот е измислен во одделението за анимација на студиото МГМ, каде работеле авторите Бил Хана и Џо Барбера, кои тогаш имале помалку од 30 години и кои се труделе да го достигнат успехот на другите студија, кои постигнале голем успех со ликовите како  Мики Маус и други, пренесува Би-Би-Си.

tj3_resize

Првата епизода е објавена во 1940. година и постигнала огромен успех, а на студиото му донела и номинација за Оскар за најдобар краток анимиран филм.

Сепак, менаџерите на авторите им рекле да не ги откриваат веднаш своите адути, а промената настанала кога една влијателна личност од Тексас им пишала и ги прашала кога ќе може да види уште еден одличен цртан филм за мачката и глушецот.

Тогаш Џаспер и Џинкс, како што првобитно се викале, станале Том и Џери.

Според зборовите на Барбера, не се дискутирало многу дали ликовите ќе разговараат, но поради големиот успех на немите филмови со Чарли Чаплин, авторите знаеле дека ликовите можат да бидат забавни и без дијалог.

tj56_resize

Музиката за цртанот филм ја компонирал Скот Бредли, а прочиуениот врисок на Том е на Бил Хана лично.

Во наредните 20 години, Хана и Барбера надгледувале производство на повеќе од 100 кратки цртани филмови за Том и Џери, а за секој биле потребни недели да се направи и чинеле по 50.000 долари, поради што секоја година се правеле само по неколку популарни цртани.

„Има нешто во анимацијата. Тоа е евергрин кој не избледува. Тоа е исто како и кога гледате слика од 18. или 19. век и сеуште ви говори”, рекол историчарот на цртани филмови Џери Бек.

cak_resize

Откако МГМ во 1957. година го затворил студиото за изработка на анимирани филмови, Хана и Барбера основале своја продукциска куќа, меѓутоа неколку години подоцна МГМ одлучил да ги оживее Том и Џери, но без оригиналните автори.

Продукцијата во 1961. година е префрлена во Прага, поради намалување на трошоците, а аниматорот Џин Деич требало да го предводи производството, но немал доволно буџет, ниту доволно стручен кадар.

Потоа продукцијата ја превзел Чак Џонс, чии аниматори го направиле Том со поизразени веѓи и искривено лице. Неговиот тим во периодот од 1963. до 1967. година направил 34 цртани.

tj4_resize

До 1970. година, многу епизоди на Том и Џери, почнале да се сметаат за насилни, по што почнале да се произведуваат епизоди во кои мачката и глушецот се пријатели, но тие епизоди никогаш не постигнале успех како оригиналните.

Том и Џери и денес се популарни ширум светот, од Јапонија до Пакистан, а во Кина дури е измислена истоимена игра за мобилни телефони која има повеќе од 100 милиони корисници.

tj2_resize

Бил Хана почина во 2001. година, а Џо Барбера почина пет години подоцна.

Во моментов правата за прикажување на цртаните филмови за Том и Џери ги поседува компанијата Ворнер Брос и планира да објави нов филм пред католичкиот Божиќ оваа година.

Испрати коментар

Scroll To Top