Насловна / Вести / Урбанизмот да престане да биде протокол за покривање на процедура

Урбанизмот да престане да биде протокол за покривање на процедура

„Градовите се градат врз духовни столбови. Како џиновски огледала ги одразуваат срцата на своите жители. Ако тие срца станат мрачни и ја изгубат верата и градовите ќе го изгубат својот сјај.“

Шемс од Табрис

Го изгуби ли Скопје својот сјај? Генерации градители оставиле незанемарлива трага на урбаната матрица, содржината и архитектурата на градот. Но, она што вообичаено се подразбира како прототип на град – структура и изграден град, се само дел од градското битие. Градот го претставуваат и случувањата предизвикани од граѓаните кои живеат во него, од оние кои владеат со градот и оние што ги следат, како и од оние кои само минуваат низ него. Што му се случи на мојот град во дводеценискиот раст и развиток кога општествените околности се сменија и креираа пасивност на граѓаните, ги избришаа дотогаш постоечките навики и препознатливите слики?

rasadnik

Стојам на брегот на реката Вардар и несвесно изговарам: „Мојот град има сѐ што го прави привлечен и што посебно вознемирува: река, камен мост, тврдина, стара чаршија, топли лета, кочан зими, изглед за чии делови интимно сум врзана и мир кој најчесто доаѓа од водата“. Но, набрзо сфаќам дека таа слика веќе ја нема. Реката е претворена во депонија на галии и жални врби. Исчезнати се препознатливите места на градот и речните брегови врежани во меморијата на граѓаните. Најголемиот дел од зелениот појас долж реката е претворен во зона на сервисни објекти, складишта и ситни стопанства. Излетничките места Сарај и езерото Младост се напуштени и деградирани.  Единственото позитивно нешто што му се случи на крајбрежјето е изградбата на пешачката и велосипедска патека, која стана омилено место на граѓаните од сите возрасти.

На нашиот град му се случи несреќното Скопје 2014 направено по диктат, што го промени центарот на градот. Под налетот на градежната активност и урбаното цунами, урбаните станбени населби проектирани и изведени по мерка на човекот и според принципите на модерниот урбанизам го променија ликот. Се уништија слободните зелени простори, детски игралишта, скопските маала и концептот на соседство толку карактеристичен за Скопје. Ни се случи Дебар Маало, Карпош, Кисела Вода, Аеродром. Се изградија урбани гета со енормно зголемен број на жители и неадекватна инфраструктура и придружни содржини. Скопје стана задушен и најзагаден град во светот.

RASADNIK-2019

Кисела Вода е населба блиску до централното подрачје. Под налетот на градежната инвазија енормно се зголеми бројот на жители без да се реши соодветно проблемот со паркирање, придружни содржини и јавни објекти. Дали сега излезот го бара на несоодветен начин?

Деновиве низ медиумите се врти дискусија за Детален урбанистички план на населбата Расадник, една од ретките празни и неизградени површини  на четири километри од централното градско подрачје. Со децении поголемиот дел од површината се користеше за одгледување на расад. Денес е последната тревната површина во населбата со бројни зимзелени дрвја. Но, голем дел од ова земјиште е деградирано и се користи за складишта и продажба на дрва за огрев. Јасно е дека овој простор треба да доживее некаков тип на урбанизација. Според истражувачката сторија на Радио МОФ на празниот простор на локалитетот Расадник предвидена е станбена населба со 100 нови станбени згради со вкупна бруто-површина од 550 илјади квадратни метри и 20 илјади нови жители. Со ДУП на дел од постојните станбени куќи предвидена е надградба по еден кат и заедно со постојните станбени згради во таа станбена единица бруто-површината ќе изнесува 837 илјади квадратни метри. Со новиот Предлог-урбанистички план  предвидени се станбени згради со катност П+6,П+9, П+13 ката, а некаде растојанието меѓу зградите е само 12 метри. Според Генералниот урбанистички план максимално дозволена густина на овој простор е 194 жители на хектар. Со предложеното решение густината ќе биде пет пати поголема (илјада жители на хектар), што претставува директен упад и непочитување на препораките од ГУП како законски акт од повисок ранг. Градежните фирми гледаат голема градежна активност и профит во овој дел на Скопје. Наголемо се откупуваат парцели од сопствениците и секој од нив се бори за зграда или кат повеќе. Градоначалникот на Општина Кисела Вода објаснува дека е сè во склад со ГУП и постојните урбанистички прописи. На површините кои се во сопственост на државата предвидени се објекти од јавен карактер: детска градинка, основно училиште, средно училиште, поликлиника, спортски објекти, црква, две катни гаражи, плоштад, а под пешачката улица јавен паркинг. За да ги реализира овие објекти потребни му се парите од комуналиите на станбените објекти. Сѐ е познато, функционира познатиот модел кој го деградира градот и го донесе во состојба на колапс. На повидок е ново станбено гето како и претходно посочените. Кисела Вода не ги реши инфраструктурните проблеми и од претходните градежни активности на нејзина територија. Не ми е намерата да се впуштам во анализа на Предлог-урбанистичкит план за локалитетот Расадник од аспект на стручност. Тој е правен по нарачка од Општина Кисела Вода според конфекциски модел и е во тек на процедура. Но, убедена сум дека тоа нема да биде населба за хумано живеење според потребите и стандардите на човекот од 21-виот век. Ќе следува трендот на урбанистички сообраќаен хаос, а зеленилото ќе биде привилегија. После сѐ што му се случи на градот прашувам дали треба да се продолжи на истиот погрешен начин да се третира и пополни и последниот празен простор во градот. Ваквиот начин на планирање и проектирање ќе се повторува сѐ додека урбанистичкото планирање е расцепкано и доверено на општините. Ќе имаме станбени населби со случајна серија од станбени блокови, а архитектурата ќе биде диктирана од договорот на сопствениците на градежните парцели. Анахроно е да се оди по овој пат. Во светот и Европа пристапот и методологијата на планирање и проектирање на населби е поинаков. Иако децентрализацијата на власта е моментален тренд и интенцијата е општините да имаат поголеми ингеренции и независност, сепак урбаното планирање на еден град мора да подлежи на повисоки стандарди и системски решенија кои ги надминуваат границите на една општина и водат кон планска изградба на општеството во целост.

rasadnik1

Врз база на темелни анализи на опкружување, инсолација, осветлување и вклучување на целокупниот општествен диверзитет никнуваат прекрасни населби и живи локални заедници. Затоа мислам дека е потребно сериозно преиспитување – што со овој празен простор. Тоа треба да е предизвик и за општината и за градот за да се создаде нешто препознатливо и оригинално (јавен простор, тематски парк, собиралиште на граѓаните). До право решение се доаѓа со политичка волја, сериозен планерски пристап и распишување  анкетен конкурс.

Градот најави изработка на нов ГУП 2022-2032 што е за поздравување бидејќи неопходни се нови согледувања и стратегија за развој на градот. Се надевам дека ќе бидат стопирани сите дејствија кои водат кон понатамошна деградација на градот. Неопходно е да се тргне по патеката на заздравување на градот. Мислам дека не е невозможна мисијата да почнат да се санираат штети, а не да се прават нови.

rasadnik2

И на крај сакам да ја повторам констатацијата дека овој град низ вековите драматично се менувал. Го палеле, го граделе, природата му нанела лузни и болки. Се менувал и по изглед и по состав на население. Но, убедена сум дека какви било брутални удари и интервенции во матрицата на градот не можат да ја уништат суштината на градското битие. Записите во градската матрица на Димитрие Леко, Јосиф Михајловиќ, Кензо Танге, постземјотресните градители на Скопје се сѐ уште видливи. Сеќавањата на херојското време на изградба на Скопје и сите инфраструктурни ремек-дела од постземјотресниот период не може да се избришат.

Архитектите и урбанистите на овој град во следната декада ќе имаат пионерска улога и одговорност да направат исчекор во секој сегмент на професијата и да излезат од сегашната матрица на даватели на услуги. Неопходно ќе биде да се пронајде патот урбанизмот да престане да биде протокол за покривање на одредена процедура. Тој треба да е давател на идеи, знаење и умеење за уредување на градскиот простор. Политичарот не е тој што знае архитектура, архитектот е тој и тој има задача да ја коригира општествената реалност на градот.

Имам сон – градот Скопје да стане здрав град богат со зеленило и живописни пејзажи,  мириси на вода и липа, чисти улици, убави населби, креативни катчиња, заштитено и одржувано наследство, насмеани и среќни луѓе. Можеби не ќе го доживеам тоа но, оваа новогодишна честитка им ја упатувам на сите мои колеги со желба тоа да го реализираат мојот сон.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top