Насловна / Вести / Дел од хемикалиите во ОХИС се чистат, неизвесно дали има отровна жива

Дел од хемикалиите во ОХИС се чистат, неизвесно дали има отровна жива

Втората пратка отровни хемикалии од ОХИС е замината на горење во инсенератор во швајцарскиот град Базел. Оваа пратка е скоро половина од вкупната колична отровни хемикалиии најдени и спакувани во порашениот хемиски гигант ОХИС во операцијата за чистење на фабриката.

Она што е неизвесно со чистењето на ОХИС е што ќе се прави со експлозивниот и запалив винил хлорид и препознатливата цистерна која не може да се помести од ОХИС бидејќи шините одамна се извадени и продадени за старо железо соопшти Владо Момировски од фирмата „Еко-Центар 97“.

OHIS

Прашањата за чистењето на хемикалиите од поранешниот гигант се актуализираше на дебатата која се одржа во Општина Кисела Вода, а на која присуствуваа претставници на Државниот инспекторат за животна средина, Инспекторатот на Град Скопје, градоначалнкиот на Кисела Вода, фирмата „Еко-Центар 97“, стечајниот управник на ОХИС, како и повеќе активисти од Невладини организации и поранешни вработени во фабриката.

Момировски од „Еко-Центар 97“ вели дека оваа темпирана бомба од ОХИС ќе биде отстранета во март годинава, а рокот е пролонгиран затоа што барале фирми кои ќе се согласат да го препакуваат, транспортираат и изгорат на соодветен начин. “За ова имаме договор со француска фирма која ќе го препакува, а во печка во Германија ќе се изгори“, нагласи Момировски.

Друг проблем со кој се соочија претставниците на ОХИС и „Еко-Центар 97“ беше тврдењето на поранешни вработени дека во кругот на фабриката има опасна жива како остаток од работењето на некогашниот дел од погонот за електролиза.

All-focus

Ефтим Мајсторовски, пензиониран работник од фабриката, изјави дека имало студија уште во 2009 година која покажала дека живата ја има во кругот на фабрика, а не била исклучена можноста таа понирала во земјата и во подземните води. Тој посочи дека дилемата дали се уште постои жива во кругот на фабриката, треба да ги дадат анализите на надлежните институции. “Како резултат на истражувањата кои беа направени тогаш, знаеме дека живина технологија се користеше во објектот електролиза и под тој погон во земјата постои можност да ја има под целиот овој објект. Анализите покажаа дека живата мигрирала во подлабоките слоеви на почвата подлабоко од 20 метри но и надвор од погонот. Во таа студија беше посочено дека постои опасност да биде зафатено земјиштето, се до кејот на Вардар“, рече Мајсторовски.

И според останатите поранешни вработените во Охис, жива во фабриката се уште има, а оние кои работеле во погоните каде што се работело со неа се со катастрофални последици. “Луѓето кои работеа во овој погон беа драстично потешки од вообичаени луѓе, сите имаа апсорбирано жива во организмот. Флората и фауната околу погонот беше уништена. Сега ви гарантирам, но сепак треба стручни лица да ја анализираат почвата, бидете сигурни дека постои жива“, вели еден од вработените на Охис.

Но, сепак според стечајниот управник на фабриката Маринко Саздовски во кругот на ОХИС немало жива како опасна материја за отстранување.

“Според документацијата што ја попишав со отворањето на стечајната постапка, дојдов до податок дека нема жива како опасна материја за уништување, освен наведените 11 хемикалии кои ги отстранува фирмата „Еко-Центар 97“. Тоа е што јас го имам како податок. Јас жива не затекнав и не попишав, ниту на било кој начин идентификував во кругот на АД Охис“, рече Сазадовски.

All-focus

Со ваквиот одговор не беа задоволни присутните во салата, па одговор побараа и од претставникот на „Еко-Центар“ која ја доби концесијата да го исчисти опасниот отпад од кругот на ОХИС. Но, Момировски рече дека во проектот за отстранување на штетни хемикалии ова материја ја нема на списокот. “Во мојот проект не постои и не сум надлежен за таа материја“, одговори Момировски.

Одговор за живата присутните побараа и од претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, но на дебатата не дојде заменик-министерот Јани Макрадули. Исто така, објаснување се бараше и за тоа дали Министерството ја завршило постпаката за избор на една од петте фирми кои се јавија на повикот за чистење на канцергоениот линдан за сумата која ја има државата на располагање.

Испрати коментар

Scroll To Top