Насловна / Архитектура / И. М. Пеи единствен музеј во светот чиј влез е уметничко дело

И. М. Пеи единствен музеј во светот чиј влез е уметничко дело

Вториот дел на текстот, во спомен на големиот архитект И. М. Пеи, е за стаклената пирамида, која оваа година наполни 30 години. Проект за кој тој вели дека бил негова најтешка работа и најголем предизвик. Но според многу, како и според моето скромно мислење и негово најголемо достигнување. Ремек-дело, архитектонска икона која му ја подари на Париз, градот на светлината. Негов архитектонски белег со кој тој веќе 30 години впишува светлина … во светот, кој го напушти на 16 мај 2019 година. А неговото име И. М. (Ieoh Ming) значи „да се направи неизбришлив белег… или да  се впише светлина.“

Louvre_2007_02_24_c

МУЗЕЈ МЕЃУ МУЗЕИТЕ

Развојот на Лувр води од замок до музеј. Денес преку своите колекции, Лувр ни открива многу антички цивилизации, како и западната уметност од средниот век до 1848 година. Но ни раскажува и други приказни. Големата палата во која е сместен музејот, која датира од 12 век е вистинска лекција по архитектура. Долго седиште на моќ, цели 8 века, оваа кралска резиденција, исто така е и еден од најголемите театри каде што се одигрувала историјата на Париз и Франција. Од основањето како музеј во 1793 година, неговите колекции се меѓу најдобрите во светот. Тие опфаќаат голем број на години и територија што се протега од Америка до границите на Азија. Поделени во осум одделенија, овие збирки имаат дела почитувани од целиот свет, како Крилестата победа од Самотрак, Милоска Венера или Мона Лиза. Лувр е најпосетуван музеј во светот. Универзален во однос на богатството, колекциите и големата разновидност на неговите посетители.

gJk6-2.ext.StéphaneCouturier-ARCHIPRESS.83.max-1600x1600

ИСТОРИЈА

Историјата на Лувр започнува околу 1190 година. Филип Аугуст (1165-1223) донел одлука да подигне утврден простор со кој ќе биде заштитен Париз, кога тој ќе ја напушти земјата и ќе оди да се бори во крстоносната војна. Слаба точка на ова утврдување бил спојот со реката Сена. Затоа на тоа место била изградена квадратна зграда, заштитена со ров и кружни кули.  Лувр во тоа време е заштитна тврдина на градот, а „Големата кула“ на Лувр е кралски сеф и затвор.

Со текот на времето објектот го губи одбранбениот карактер. Состојбата постепено се менува. Во околината се создава прилично густа градска област.

Но француските владетели и после стогодишната војна со Англија (1337-1453), продолжуваат да живеат далеку од Париз, главно во долината на реката Лоара. Ситуацијата се менува под владеењето на Франсоа I (1515-1547), воениот пораз во 1525 година и неговото заробеништво во Шпанија. По враќањето во својата земја, со официјална декларација од 1528 година, кралот одлучува неговата резиденција да биде во главниот град. Лувр станува резиденција на француските кралеви. Започнува период на ренесанса на Лувр. На крајот на неговото владеење тој решава да направи реконструкција на средновековниот замок, но главните работи се направени за време на  кралот Хенри II (1547-1559).

Со Француската револуцијата, од јули до октомври 1789 година, власта била принудена да се реинсталира. Потоа, сите режими што владееле до 1870 година престојувале во Тјулери.  Лувр станува театар на моќта. Во овој период се изведуваат многу внатрешни работи во објектите според вкусовите на владетелите.

Најважниот придонес останува крилото Марсан (Marsan) изградено по должината на улицата Риволи од архитектите Персиер (Charles Percier, 1764-1838) и Фонтен (Pierre Fontaine, 1762-1853) со кое се затвора големиот двор на Карусел ( Carrousel). Во 1793 година Лувр станува музеј. Падот на империјата може да се одбележи како триумф на музејот. Но во реалноста почетокот на Третата Република е тешко време за институцијата. Просторот го зазема администрацијата, посебно Министерството за финансии. Во 1905 година Централниот сојуз на декоративна уметност, добива концесија за павилјонот Марсан и дел од придружното крило, кој сè уште го користи. Во периодот на модерниот Лувр и тажната „belle epoque“, имало тешкотии но и напредоци. Бил создаден фонд за големите музеи, училиште во Лувр за нивни истражувања и се појавиле големи, дарежливи донатори на музејот.

8315_E68_00.max-1600x1200

СТАКЛЕНАТА ПИРАМИДА ГО ШОКИРАШЕ ПАРИЗ

Кога во 1981 година Франсоа Митеран, социјалист, беше избран за претседател на Франција,  направен е амбициозен план за различни градежни проекти. Удвоени се инвестициите за уметноста. А реновирањето на Лувр, било на врвот на приоритетите. Во 1980-те Лувр немаше главен влез и беше лавиринт од различни згради со  влезови на повеќе места, што и мене ми остави впечаток при моите први посети на музејот во 1960-те години. Едно крило од ренесансната палата, Ришелие (Richelieu), сè уште го користеше Министерството за финансии, а друга област беше паркинг. Клучниот предлог за реновирање бил преку еден главен влез да се овозможи пристап до сите различни простории.

Митеран бил импресиониран од модернистичко проширување на Националната галерија на уметност во Вашингтон, на архитектот И. М. Пеи. Инсистирал дека тој е човекот за Лувр. Сакал да се ангажира Пеи, отворено заобиколувајќи јавен архитектонски конкурс за задачата. Едностраната одлука на претседателот налутила многумина.

Архитектот Пеи пред да ја прифати понудената работа од претседателот Митеран, направил неколку тајни патувања, за да го проучи Лувр, галериите, теренот, историската архитектура… Видел решение на овој нов, голем професионален предизвик за него, кое не само што е можно, туку е и неопходно. Можел да постави нов влез во надворешниот двор (Cour Napoleon) ограден од постојните згради на музејот, сосема нова инфраструктура под земја, да создаде функционална и пријатна приемна област, како и систем на циркулација и јавни простории за пристап на посетителите до колекциите. Новиот влез можел да биде во средина на дворот, проѕирен, стаклен, скулптурален.

coupe

3.vin.8315_D96_00.max-1600x1200

Пеи отишол кај Митеран и ја прифатил работата. Така тој стана првиот странски архитект кој работел на Лувр. Но негодувањето започнува уште пред да го открие дизајнот за неговата пирамида од метал и стакло. Кога Пеи го претставил својот проект, одговорот бил брз и брутален. Наречен  е „Битка за пирамидата“.

Пеи и Митеран биле казнети… Реакцијата на медиумите била немилосрдна…

Митеран бил наречен „првиот фараон од Франција“ во весникот „Ле Фигаро“. Но  претседателот не бил обесхрабрен. Реакцијата на проектот ја потврдила неговата решеност да го следи архитектонскиот потфат.

Пеи бил јавно исмеван. „Кога прв пат ја претставив идејата пред јавноста, би рекол дека 90 % беа против“, раскажувал Пеи „… првите година и пол беа пеколни. Не можев да шетам по улиците на Париз без луѓето да ме гледаат и да ми велат: Што правите? Што му правите на нашиот голем Лувр?“

Архитектот Чиен Чунг Пеи (Chien Chung Pei), кој соработувал со својот татко, се сеќава дека… проблемот бил политички, а не архитектонски… „Пирамидата со својот дизајн ги реши сите клучни елементи што му беа дадени на архитектот. Имено барањата беа да се создаде еден главен влез во музејот, да се избегне мешање во фасадата на палатата и да се создаде структура која би била што е можно полесна, посветла, поприродна.“ Дури ни доделувањето на наградата „Прицкер“ во 1983 година, на архитектот Пеи, не ги разубеди негаторите. Тогашниот директор на Лувр, Андре Чабо (Andre Chabaud), во знак на протест од „архитектонските ризици“ на визијата на Пеи, си поднел оставка во 1983 година. Но денешниот директор на Лувр, Жан-Лук Мартинез (Jean – Luc Martinez) мисли поинаку. Вели „Од самиот почеток тоа беше успех, се создаде впечаток дека отсекогаш била таму“.

Готовата пирамида беше инаугурирана од страна на претседателот Митеран  на 4 март 1989 година, симболично на двестегодишнината од Француската револуција. А 29 март 1989 година, беше денот кога јавноста можеше да види што се случило со нивното национално богатство. Наскоро луѓето го прифатија новиот, храбар, револуционерен дизајн. Пирамидата што ја гледаме денес е непроменета од визијата на Пеи пред 30 години.

Paris-Inverted-Pyramid-Louvre-©-French-Moments

СТАКЛОТО Е КЛУЧОТ

Стаклената пирамида е само 4 % од работата. Видливиот дел. Пресврт кој го направи Лувр најголем музеј во светот, во три чекори.

Првиот е создавање на огромни подземни технички простории, двојно зголемување на изложбениот простор и просторот за прием на јавноста (77 000 м²).

Вториот чекор е подобрување на мрежата на пешачка и автомобилска циркулација со подземно и надземно ниво на движење.

И третиот е поставување на нов централен влез, стаклена пирамида, која обезбеди поврзување на сите простории во музејот чии два краја биле оддалечени 1,7 км. Новиот влез  создаде контраст помеѓу тежината, неподвижноста, непроѕирноста на камењата на Лувр, со леснотијата, транспарентноста, осветленоста на пирамидата и движењето на млазовите вода што ја опкружуваат. Изборот на пирамидалната форма беше оправдан со помала потрошувачка на простор од која било друга едноставна геометриска форма.

Според архитектот Пеи „Просторот е реалната архитектура. Мора да имате светлина… Светлината е многу важна“, а „Светлината на сонцето е магична“. А во Лувр не една, туку пет стаклени пирамиди носат светлина.

Првата,  големата пирамида,  е влез во музејот. Таа потсетува на значајната колекција на египетски антиквитети во рамките на музејот, но и на Обелискот од Луксор, кој се наоѓа во близина, во продолжение на градината Тулери, на Плас де ла Конкорд. Пирамидата која е со квадратна основа, со страна 35,4 м и висина од 21,3 м, формира полиедер над земјата, со пропорции инспирирани од Кеопсовата пирамида. Се состои од челична конструкција од 95 тони челик, 105 тони алуминиум и застаклување од 1800 м², составено од 673 стаклени дијаманти (1,9 х 2,9 м) и триаголници изработени од ламинирано стакло од 21,5 мм. Барањето на Пеи, стаклото да биде што е можно потранспарентно, било голем технички предизвик. За да се постигне ова изградена е специјална печка и користени се специјални песоци од шумата Фонтенбло.

Три помали пирамиди, светларници, лоцирани се на точно определени места, за да ги осветлуваат подземните приоди кон колекциите на музејот.

И конечно петтата, превртена пирамида (La piramyde inverse) се наоѓа во центарот на кружниот тек помеѓу пирамидата и Триумфалната порта на Карусел. Не е видлива однадвор. Видлива е само однатре, од нивото на подземниот трговски центар, на Плас ду Карусел (Place du Carrousel). Изработена од стакло и метал како главната пирамида, таа е широка 16 м и висока 7 метри. Сместена е во огромна сала. Тежи 30 тона. Врвот и е на 1,4 м над нивото на подот. А една мала камена пирамида е поставена веднаш под неа. Се чини како да се допираат со врвовите. Интересно е дека писателот Ден Браун во својот роман „Кодот на Да Винчи“ го постави гробот на Марија Магдалена во скриена комора под малата камена пирамида. Се разбира ова е чиста фикција на авторот. Но ако историјата на Лувр има репутација на прогонување, можеби и неговата пирамида има право на свои митови и легенди. Еден од најчестите митови е дека конструкцијата го содржи бројот 666 (според книгата на Апокалипсата, 666 е бројот на Ѕверот). Официјалниот број од Лувр е дека содржи 673 парчиња во форма на дијаманти и триаголници од стакло. Но од изградбата на пирамидата легендата опстојува и е оживеана од популарниот роман на Ден Браун „Кодот на Да Винчи.“

Голема оптичка илузија создадена од уметникот ЈР за прославата на 30 от роденден на Стаклената пирамида

НАЈПОСЕТУВАН МУЗЕЈ ВО СВЕТОТ

Пирамидата во Лувр се покажа како вистински успех за музејот. Но пирамидата  покрај тоа што е самата уметничко дело, инспирира и многу млади модерни уметници, во нивната креативност во разни области на уметноста… во литературата… Како што вели Мартинез  „Пирамидата во Лувр е уметничко дело, модерна икона. Од своето создавање, таа создава соништа и ги инспирира најголемите уметници“. Така за одбележувањето на 30-годишнината од нејзиното создавање (30 март оваа година), уметникот JR (Jeane Rene), создаде инсталација со огромна 3Д оптичка илузија од хартија. Ова беше досега најголем колаж (17 000 м²) на францускиот уличен уметник JR, кој пред три години, со друг проект, создаде илузија дека пирамидата ја нема. Тој ја користи  техниката „илузија на окото“ (trompe-l’oeil). Инсталацијата наречена Тајната на големата пирамида, беше направена  од 2000 налепници, залепени околу стаклената пирамида. Создаде илузија како пирамида да продолжува под земјата, како да излегува од бел ископан кратер. Илузијата која траеше еден ден, откако поминаа посетителите, беше уништена. Останаа само парчиња хартија. Според уметникот, сликите, како и животот се ефемерни. Сегментот, парчето хартија има краток век. Проектот беше за присуството и отсуството, реалноста и спомените, за непостојаноста.

lYp6-2.int.KojiHoriuchi.8315_I40_00.max-1600x1600

Факт е дека стаклената пирамидата го направи Лувр модерен и актуелен изминатите 30 години, што при секоја моја посета посебно ме воодушевуваше. Револуционерно го постави посетителот во центарот на музејот… новиот концепт беше функционален и практичен, создаде централен влез во музејот, ги поврза крилата и го олесни движењето.

„Лувр е единствениот музеј во светот чиј влез е уметничко дело“ вели директорот на Лувр, Жан – Лук Мартинез „Икона на исто ниво како и најпознатите уметнички дела, како Мона Лиза или Милоска Венера“.

Воздушестата структура, транспарентната архитектура, не само што претставува архитектонско достигнување, туку и радикално го трансформираше самиот музеј.

o2Oj-1.int.DeideVonSchawen.8315_I36_00.max-1600x1600

Брилијантноста на проектот „Пирамида“, донесе многу промени,  беше почеток на „Големиот Лувр“. При изградбата на пирамидата, предвидено било да има три до пет милиона посетители годишно. Наскоро имало неочекувани осум милиона. Со нов проект, завршен во 2016 година, успешно е реорганизиран пристапот и лобито на музејот, за поголем број посетители што е многу значајно, бидејќи минатата година Лувр го посетиле повеќе од 10 милиони луѓе. Постигнат е историски рекорд за еден уметнички музеј.

Архитектурата на Пеи која е клучна за растот и успехот на музејот, продолжува да впишува светлина во овој свет… и да го носи споменот за неговото големо дело…

 

Испрати коментар

Scroll To Top