Со новиот Детален урбанистички план Градска четврт З 12- локалитет Парк 1 и дел од Дебар Маало 2, кој е под мораториум и во рамки на тој процес Општина Центар го ревидира, на место на бараките на Град Скопје ќе се прави монтажен паркинг. Површината за градење за оваа локација, која беше предвидена со предходниот ДУП беше за деловен објект, приземје, пет ката и поткровје.
Во 2016 година со одлука на тогашната Влада оваа локација беше прогласена од посебен интерес за државата и со планско-урбанистичка документација просторот беше пренаменет во деловен објект со висина од 25 метри, а искористеноста на парцелата беше 70 отсто.
„Заради објектот кој е предвиден на просторот на бараките извршени биле измени и во однос на сообраќајот односно патека која е влез во Градскиот парк кај пешачкиот премин на булеварот Илинден, требало да стане улица. Во новиот план и таа улица е избришана односно тој дел и понатаму останува пешачка зона“, велат за Сакам да кажам од Секторот за урбанизам на Општина Центар.
Според проектот кој веќе е изработен од Град Скопје паркингот ќе биде монтажен, со капацитет од 600 до 900 возила, а на покривот ќе има спортски игралишта.
ДУП – Градска четврт З 12, од 20 јануари е изложен на јавна анкета која ќе трае до 31 јануари, а в понеделник ќе се одржи јавна презентација.