Борбата за чист воздух и оваа година е на првото место на листата настани што ја одбележаа годинава што изминува во Македонија. Борбата за зачувување на статусот на Охрид во УНЕСКО исто така е нешто по што ќе се памети оваа 2019 година. Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ навистина помогна во подигнувањето на јавната свест за климатските промени. Во седиштето на ООН во Њујорк, годинава се одржа 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации со Самитот за климатска акција, на кој учествуваат владини делегации од 193 земји членки на ОН, вклучително и владина делегација на Република Северна Македонија. А, ако годината почна со усвојување на планот за чист воздух, последниот месец, пак, ќе остане запаметен по протестите „Марш за чист воздух“ и барањата на активисти од невладини здруженија и граѓаните кои беа упатени до Владата.
Порта 3 направи листа на настани по кои оваа 2019 година ќе остане запаметена на полето на животната средина.
ПЛАН ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ
Годината почна со средба на граѓанските организации со Владата на која се дискутираше за Програмата за намалување на загадувањето. Дел од присутните граѓански организации презентираа сугестии и конкретни иницијативи поврзани со Акцискиот план во склоп на Програмата за борба против аерозагадувањето, а кои се однесуваат на нејзините четири главни компоненти и тоа: мерките за директно справување со причините за загадување, градење на јавната свест од предучилишна до пензионерска возраст, регулаторни промени, неопходни за транзиција кон енергетски систем со ниска емисија и имплементација на платформа за координација и следење на реализација на Програмата.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули во своето обраќање се осврна на важноста на партиципацијата на граѓанските организации, меѓународните организации, компаниите коишто произведуваат еколошки извори на загадување кои преку јавните кампањи и финансиските механизми ќе стигнат до што повеќе корисници кои нема да загадуваат, што како што подвлече е и основна цел на Програмата за намалување на аерозагадувањето.
Веднаш потоа Владата ја усвои Предлог-програмата за реализирање на Планот за чист воздух за 2019 година. Имајќи предвид дека борбата со аерозагадувањето е стратешки приоритет на Владата, програмата се заснова на четири компоненти: мерки за директно справување со причините за загадување, градење на јавната свест од предучилишна до пензионерска возраст, регулаторни промени неопходни за транзиција кон енергетски систем со ниска емисија и имплементација на платформа за координација и следење на реализација на програмата. Програмата за намалување на аерозагадувањето ја утврдува и намената на обезбедените средства во висина од два милиони евра.
А, ако годината почна со најави од власта дека ќе се справува со загадувањето и со носењето на Планот за чист воздух, последниот месец актуелни беа протестите во кои невладини организации, екоактивисти и граѓаните бараа итни мерки за намалување на ПМ честичките во воздухот. По првиот масовен протест под слоганот „Марш за чист воздух# Зелена револуција“ иницијативата Fridays for future заедно со поддршката од неколку други граѓански здруженија од Владата побараа исполнување на над 200 барања кои ги имаат. Неколку дена подоцна Владата им кажа „да“ на екоактивистите дека ќе ги исполни нивните седум барања кои ги доставија по протестот против аерозагадувањето. Меѓутоа екоактивистите беа незадоволни од понуденото од страна на Владата нагласувајќи дека нивните барања се многу повеќе од седум. „Маршот за нашите животи! СТОП за 3500 жртви од загадениот воздух!“ продолжи и пред крајот на годината во исчекување на првиот рок за исполнување на барањата, а тоа беше 31 декември.
ОХРИД НА ЛИСТАТА НА ЗАГРОЗЕНО СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО
Од почетокот на годината се одржуваа јавни расправи по Предлогот на Законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион 2019-2028 година и за Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животната средина за Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион 2019-2028 година.
Охрид, цела година ја бранува јавноста. Приказната со уништувањето на Охрид која трае децении наназад од ден во ден се зголемуваше. Немилосрдната урбанизација и никнувањето дивоградби во најубавите места покрај Охридското Езеро беше она по што ќе се запамети годинава, но и препораката од УНЕСКО во најновиот извештај дека природното и културното наследство на Охридскиот Регион треба да се стави на Листата на загрозено светско наследство. По ова препорака се крена целокупната стручна и политичка јавност, но и граѓаните барајќи Владата да преземе мерки за спас на Охрид.
Дел од јавноста и екологистите сметаа дека впишувањето на Охридскиот Регион на листата на светско наследство во опасност требаше да се зграби како огромна шанса, можност да се добие меѓународна помош, да се преземат ригорозни корективни мерки, земјата да добие на располагање стручњаци од светски ранг во областа на заштитата на природното и културното наследство, па дури да се искористи и финансиска поддршка. Комитетот за светско наследство ги знае овие закани. Со своите 19 препораки произлезени од Реактивната мониторинг мисија во 2017, Комитетот побара конкретни акции вклучувајќи и мораториум на урбанизацијата, справување со нелегалните градби, ревитализација на колекторскиот систем, промена на планираната железничка траса и воспоставување владеење на правото.
Од сето ова досега се реализираше само уривање на неколку мали тераси на објекти, а се бара од државата до 1 февруари 2020 да достави до Комитетот за светско наследство дополнет извештај за конзервација на подрачјето за да биде прегледан од Комитетот на конференцијата во 2020 година.
ЛОШО НАСПРОТИ ДОБРО ВО МАКЕДОНИЈА
Во шумските пожари оваа година Македонија изгуби големо богатство.
Страшни пожари ги зафатија Катланово, Преспа, Крушево, Скопска Црна Гора, Галичица, Беровско. Во близина на Велес кај езерото Младост во голем пожар беа опожарени 400 хектари површина, од нив изгорена е педесетгодишна црноборова шума на 200 хектари и исто толку трева. Штетата од пожарите е непроценлива, а властите најавија дека сè ќе биде надоместено со засадување на нови садници.
Иако Скопје како главен град се уште нема пречистителна станица сепак од позитивните промени што се случија во оваа област за одбележување е пуштањето во употреба на пречистителната станица за отпадни води во Кочани. Оваа пречистителна станица е една од најголемите во регионот, со капацитет од 65.000 еквивалент жители, со можност за приклучување и на соседната Општина Виница. Со приклучувањето на Виница, во Брегалница до Штип ќе тече чиста вода. Грижата за еколошки одржлив објект доби и своја додадена вредност и со изградената фотоволтаична централа, од каде се очекува минимално годишно производство на електрична енергија од 590.000 киловат часови. Со гарантираниот износ на произведена електрична енергија од фотонапонската електроцентрала ќе се покријат минимум 53,73 отсто од потрошувачката на електрична енергија, со што ќе се направи значително рационализирање на трошоците за електрична енергија за потребите на Пречистителната станица.
Она што, исто така, треба да остане како запаметено се акциите за чистење на 27 диви депонии кои Министерството за животна средина и просторно планирање ги реализираше. Во акцијата беа собрани вкупно 32.381 кубни метри отпад кој се транспортираше до соодветни локации.
Посебно позитивна промена која што се случи изминатата година е акцијата „Не биди ѓубре“. Активисти од Скопје заедно со актерката Ирена Ристиќ речиси секој викенд имаа акции за чистење на ѓубрето од локации во Скопје.
На полето на борбата против климатските промени голем удел во Македонија имаше и кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ која ја водеше Институтот за комуникациски студии. Во рамките на оваа кампања се отворија многу теми кои се значајни во борбата. Се укажа на последиците кои климатските промени ги оставаат врз земјоделството, културното наследство, здравјето на луѓето, енергетиката. „Порта 3“ заедно со останатите медиуми во Македонија ја водеше оваа кампања и се обиде да делува на подигнување на јавната свест за намалување на климатските промени.
БОРБАТА ПРОТИВ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ
Сепак за најголемо поздравување е борбата што државата ја води против климатските промени. И некако целата година ќе остане запаметена по оваа борба не само во Северна Македонија, туку и на светско ниво. Оваа година во Њујорк се одржа 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации со Самитот за климатска акција. На самитот беа презентирани и усогласени национални агенди за намалување на емисиите на јагленороден диоксид и други честички што ја уништуваат озонската покривка и што го загадуваат воздухот.
Справувањето со климатските промени како носечка тема оваа година на Генералното собрание на ОН има за цел да го помогне остварувањето на Одржливите цели за развој усвоени во 2015 година, кои дополнително ќе бидат евалуирани на уште еден од петте самити на Собранието оваа година.
Но, Самитот на ОН оваа година ќе остане запаметен и по протестите кои претходеа, а кои беа водени од тинејџерката Грета Тунберг која стана и совршеното „заштитно лице“ на глобалното движење против климатските промени, но и совршена мета за омраза и критики, со кои одлично се носи, што дополнително ги нервира нејзините критичари.
Но, за нејзината борба стигна и признание. „Заради кревањето на алармот предизвикан од предаторскиот однос на човештвото со единствениот дом што го имаме, заради јасниот глас во фрагментираниот свет кој ги надминува границите и поделбите, заради тоа што ни покажа како новата генерација ја презема лидерската улога – Грета Тунберг е личност на годината за 2019 година“, објави магазинот Тајм на својот интернет-портал.
„Навистина е многу неочекувано и затоа сум секако многу благодарна заради тоа, многу благодарна затоа што ова е огромна чест…но, како што кажав и претходно, јас не сум таа која треба да биде личност на годината, тоа треба да бидат сите инволвирани во движењето ’Петоци за индината‘, затоа што тоа што го направивме, ние го направивме заеднички“, изјави Тунберг.
Крајот на годината, во светски рамки, исто така го одбележа борбата против климатските промени. Во Мадрид се одржа 25-та конференција на ООН за климатски промени. Околу 25 илјади учесници – државни делегации, министри, претставници на граѓанското општество, како и околу 50 шефови на држави и влади ги претставуваа своите климатски цели до крајот на 2020 година. Следната година е клучот за преземање на одлучувачки климатски активности и од сите земји во светот се очекува значително да ги засилат своите климатски обврски. Потсетување е дека на крајот на 2020 година, во Глазгов ќе се одржи 26-та конференција на ООН за климатски промени (ЦОП 26), која ќе се обиде да го одреди идниот тек на дејствување за решавање на климатската криза.
„Време за акција“ беше слоганот на конференцијата COP25, која зборува доволно само за себе, и има за цел да ги охрабри потписниците на Парискиот договор да направат повеќе за планетата.
Конференцијата заврши со усвојување документ во кој едвај со благи зборови се зборува за „итноста“ на посилното дејствување за следната година, кога Парискиот климатски договор влегува во фаза на имплементација, да ги намалиме емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. Лидерите на 196 земји требаше на конференција КОП25 да се договорат за тоа како да ги финансираат посиромашните земји да ја ублажат штетата предизвикана од климатските промени и правилата на пазарот на јаглен, но дел од влијателните земји се спротивставија на притисокот за поголем ангажман во борбата против глобалното загревање. Во конечниот нацрт-документ се признава „значителниот јаз“ меѓу постоечките ветувања и целите од 2015 поврзани со задржувањето на растот на температурата до 1,5 Целзиусови степени до крајот на векот.
Алармите и вестите за топлина, брзо топење на мразот и заканата за многу животински видови се зголемуваат, а Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) на 26 ноември издаде нов извештај во кој се предупредува дека постои веројатност да се пропушти можноста да се ограничи глобалното покачување на температурата на 1,5 °C, доколку глобалните емисии на стакленички гасови не се намалат со стапка од 7,6 проценти на годишно ниво помеѓу 2020 и 2030 година.
Во целата оваа борба против климатските промени, запаметено годинава ќе остане тоа што САД и официјално се откажаа од Парискиот договор. Администрацијата на Доналд Трамп и формално ги извести Обединетите нации дека САД ќе излезе од договорот за климатски промени, што е прв чекор во едногодишниот процес за излегување од глобалниот договор за намалување на емисијата на стакленички гасови.
Алармот за климатски промени, исто така, се вклучи со пожарите во Сибир, Амазон, како и во Австралија.
Во Сибир изгореа повеќе од 13,1 милиони хектари, вклучително и 4,3 милиони хектари тајга. Гринпис изјави дека огромните огнови даваат „придонес за климатските промени“ бидејќи милиони луѓе го дишат чадот, а дивите животни го губат живеалиштето.
Амазонската прашума која е најголема во светот ја голтаа илјадници пожари видливи и од вселената, а секоја минута огнената стихија уништуваше површина од скоро две фудбалски игралишта. Најголемата дождовна шума во светот е клучна во борбата против глобалното затоплување. Амазонија не е само дом на бројни домородни племиња кои сè уште живеат изолирани од цивилизацијата, туку и на илјадници видови на животни, дел од кои се наоѓаат на листата на загрозени, а Амазонија им е единствен дом на планетата.
Големи пожари ја зафатија и Австралија, а уништувањето на шумите заедно со продолжената суша, предизвикуваат, според експертите, „функционално истребување“ на коалите.
Секако годинава што измина покажува дека човештвото е подготвено да се справи со предизвиците во борбата против климатските промени, без оглед на тоа колку и да има сурови поединци кои предизвикуваат штети.