Секоја година, истото прашање: што да се прави со старите новогодишни елки? Градот Виена долго време го препознава нивниот повеќекратен потенцијал.
Енергијата произведена од горење дрво во текот на еден месец обезбедува снабдување со електрична енергија на над илјада виенски домаќинства и затоплување на околу 2.300 домаќинства!
Виенското претпријатие за управување со комунален отпад организираше собирање на стари елки на 543 локации низ градот. Ова е исклучително успешна иницијатива, на пример, во 2018 година, собрани се вкупно 757 тони, или 173 илјади парчиња новогодишни елки, што претставува зголемување за осум проценти во однос на 2017 година.
Собраните елки се транспортираат до инсенераторот за отпадоци во „Пфафенау“, кој е еден од најмодерните согорувачи во Европа. Согорувањето на дрвјата произведува електрична енергија и топлина. Севкупно, можно е да се произведат 1.700 мегават часови електрична енергија за околу илјада домаќинства за еден месец и за истиот период за греење за околу 2.300 домаќинства.
Важно е граѓаните да ги отстранат сите Божиќни украси пред да ги одложат своите стари дрвја затоа што можат да послужат со друга намена. Дел од собраните дрвја се однесени во депонијата Раутенвег и стануваат вкусен оброк за домородната австриска коза Пинцгауер.
Со цел да се постигне максимален одзив на оваа иницијатива и да им се олесни на граѓаните да дојдат до најблиското место за собирање, има детален преглед на сите собири на елки во градот кој е достапен преку специјална телефонска линија или веб-страницата на градската управа на Виена. Исто така има и мобилна апликација што ги покажува локациите најблизу до секое место на живеење и ја пресметува најкратката рута до нив. Ова е последното патување на старите новогодишни елки, кои на тој начин добиваат „втор живот“, бидејќи тие носат светлина и топлина во илјадници виенски домови.