Традиционалната годишна изложба на дела на членовите на ДЛУМ, поточно на ликовните уметници на Македонија вчера не се одржа. Во Мала станица наместо дела имаше само црна лента на која уметниците се потпишуваа и со пораки го изразија своето незадоволство од политиките на Министерството за култура. Каталог за изложба имаше, но не и изложба.
“Ова е наш штрајк иако се погоди во исто време со штрајкот на Синдикатот за култура. Во случајот изложбата е протестна и е против погрешните политики на Министерството за култура кон ДЛУМ. Ова е начин да го изразиме протестот. Ги оставивме бели ѕидовите како протест против минималните средства што ги добиваме и ограничувањата од страна на Министерството во однос на тоа за што може тие пари да ги користиме. Не само што се минимални, тие се и ограничени. Со овој наш протест може да видат во Министерството дека и ние ликовните уметници сме незадоволни и да се замислат што работат“, вели Филип Фидановски, претседател на ДЛУМ.
“Во решението од Министерството за култура пари ни се дадени само за дизајн на каталог и каталог, а една изложба не ја прави каталогот туку има многу подготовки кои траат подолго време. Со месеци претходно се потребни подготовки за да се реализира една изложба, особено една ваква изложба со дела на повеќе од седумдесет уметници“, додава Фидановски.
Тој исто така истакнува дека на црната лента уметниците ги напишаа своите пораки во контекст на протестот, а упатени на сметка на Министерството. Една од пораките гласи “Сите црвени линии се поминати“.