Архитектите кои беа членови на кураторско советодавно тело на изложбата во њујоршка МоМА, Еко-свест и професорката од Градежниот факултет, Мери Цветковска добитници на големата награда „Порта 3“
Оваа година „Порта 3“ прославува 15 години од излегување на првиот број. Можеби некому и не изгледа многу, но за нас ова е голем јубилеј. „Порта 3“, 15 години се занимава со теми од областа на архитектурата, градежништвото и екологијата и е единствен медиум кој успеал да се одржи на пазарот посветувајќи се на овие области. А, условите не се едноставни, особено кога сите сме свесни колку имаме проблем со вреднување и почитување на стручноста. „Порта 3“ секогаш се обидувала да биде во тек со современите случувања во овие области, да афирмира вистински вредности, да пофали, но и да критикува, и сè тоа објективно преку текстови на Редакцијата и соработниците. После 15 години, интензивно следејќи ги случувањата и активностите на колегите, одлучивме да почнеме со доделување на три награди во трите области со кои се занимаваме, со идеја наградата да прерасне во традиционална.
Целта е сферата која ќе ја покрива наградата да има поширок дијапазон. Тоа подразбира дека наградата може да се додели на поединци, тим, компанија, институција или општествена активност и ангажираност во доменот на проектирањето, изведувањето, публицистичката, истражувачката и научна дејност. Но, исто така сметаме дека е многу важно да се воспостават универзални критериуми за доделување на наградата со што достојно и стручно ќе се оддаде почит на она што претставува вистинска вредност, вреднување на професионален труд и благодарност до оние кои успеаја со својата работа, доследност и вештина да придонесат за квалитетот на професијата.
За наградата одлучуваше петчлено жири во кое членуваа архитекти, екологист и градежен инженер.
Критериуми за доделување на наградите
Креативен, стручен и интелектуален пристап на архитектурата, градежништвото и екологијата. Квалитетни објекти кои се значајна и впечатлива архитектура, создадени со квалитетни функционални решенија, урбанистички соодветно поставени кои се вклопуваат во околината и придонесуваат за нејзино унапредување, современо архитектонско обликување постигнато со првостепена пластика, комплексни градежни и еколошки зафати и интервенции. Достигнувања во дизајнот, технички и технолошки достигнувања во трите области. Социјална и општествена одговорност во планирањето на просторот – урбанизам, одржливост на околината, амбиентот, научни студии и анализи, ефекти во животната средина, културен идентитет, висок професинален морал.
Комисијата за доделување годишна награда „Порта 3“ од областа архитектура, екологија и градежништво 2019 година работеше во состав:
1.Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, дипл. инж. арх. – главен и одговорен уредник на „Порта 3“
2.Вања Дончева-Рајатоска, дипл. инж. арх. – претседател на Издавачки совет на „Порта 3“
3.Натка Ќосева, дипл. инж. арх. – соработник на „Порта 3“
4.Д-р Даниела Младеновска, дипл. маш. инж – соработник на „Порта 3“
5.доц. д-р Златко Зафировски, дипл. град. инж. – член на Издавачки совет на „Порта 3“
Наградата за архитектура ПОРТА 3 2019 година се доделува на групата архитекти
д-р Ана Ивановска-Дескова, дипл. инж. арх. – доцент на Архитектонски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Владимир Десков, дипл. инж. арх. – асистент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје,
д-р Јован Ивановски, дипл. инж. арх. – вонреден професор на Архитектонски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Наградата им се доделува за истражување на модерната архитектура, периодот на постземјотресното Скопје 1963-1980 година, нејзина систематизација, валоризација, архивирање и презентирање. Нивната повеќегодишна работа и настојување да го разбудат интересот, да укажат на значењето, да влијаат врз јавното мислење, да едуцираат, преку различни проекти и изложби и секако како круна на сè, презентација на модерната архитектура на Скопје во Музејот на модерна уметност – МоМА во Њујорк на изложбата „Кон бетонска утопија: архитектурата во Југославија 1948-1980“(,, Тoward A Concrete Utopia: Architecture In Yugoslavia 1948-1980“). Тие беа членови на кураторско советодавно тело од Македонија на оваа многу значајна изложба. Како што самите ќе речат „МоМА го стави својот печат и рече: „Да, вреди“. Се надеваме дека ова е доволна потврда која ќе ги поттикне процесите за локално вреднување на архитектурата на 20-тиот век, кои секако доцнат“.
Дел од нивните истражувања се презентирани и во истоимената книгата издадена по повод изложбата во МоМА. Оваа книга е добитник и на престижната награда Richard Schlagman Art Book Awards во категоријата – историја на архитектура.
Модерната македонска архитектура благодарение на нивното истражување и стручен ангажман, знаење и висок морал во односот кон архитектонско наследство се најде во МоМА.
Наградата за градежништво ПОРТА 3 2019 година се доделува на проф. Мери Цветковска
Мери Цветковска со години наназад паралелно вложува огромни напори во едукацијата не само на идните градежни инженери, туку и на плејада искусни градежни конструктори.
Како претседател на Друштвото на градежни конструктори на Македонија успеа да го врати духот и големината на еден од најстарите и најмасовните собири на градежните инженери од Македонија и регионот, а тоа е Симпозиумот на ДГКМ. Годинава се одржа 18. Симпозиум на Друштвото, на кој присуствуваа над 300 учесници од 18 земји од регионот и светот, со што беше реализирана една од најважните програмски цели, а тоа е афирмација на научните достигнувања и нивна имплементација во праксата.
Наградата за екологија ПОРТА 3 2019 година се доделува на Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко-свест“ од Скопје
Здруженијата, кампањите, проектите и поединците кои оствариле значајни резултати во областа на екологијата и кои жирито ги зема предвид за Годишната награда на Порта 3 во категоријата екологија, се вреднуваа врз основа на следните критериуми: влијание врз подигање на еколошката свест, влијание врз креирањето политики кои влијаат врз екологијата (директно и/или индиректно), меѓународна афирмација на локални и/или национални еколошки проблеми.
Имајќи го сето ова предвид, одлучено е оваа награда да ја добие Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко-свест“ од Скопје поради долгогодишното сеопфатно и сериозно работење на подигањето на еколошката свест, активното учество како коректор на политиките од областа на животната средина и транзицијата кон поодржлив енергетски систем, и секако одговорниот однос кон една од најголемите закани на денешницата – климатските промени. Подигањето на гласот против изградбата на малите хидроцентрали и хидроцентралите во заштитени подрачја, резултираше и со меѓународно признание преку престижната награда „Голдман“ за Ана Чоловиќ-Лешоска.
Наградите на добитниците ќе им се доделат на пригодна свеченост која ќе се одржи на 26. декември (четврток) во 13 часот во Квинс Хотел во Скопје.