За следната година планирана е голема промена во однос на модните трендови кои ќе соодветствуваат со одржливото производство. Два бренда на патики планираат да ги претстават веганските атлетски патики. Reebok откри дека во 2020 ќе ја „исфрли“ својата нова колекција на патики направени претежно од еукалиптус. Значи, тие ќе бидат речиси во целост биоразградливи. Не е прв пат големите спортски брендови да се свртат кон модерни решенија кои притоа не ја загадуваат животната средина. Новата колекција под името Floatride Grow веќе е тестирана и заклучено е дека се подеднакво издржливи како оние направени од конвенционални материјали. Пред неколку месеци Nike имаше свој пробив со 100% органските Nike Air Max 90 кои имаа одлична продажба и покрај значително повисоката цена. Сепак, Greenpeace го критикуваше Nike и уште некои компании бидејќи не ги исфрлиле во целост перфлуорираните хемикалии. Тие се целосно отпорни на биоразградувањето, а остануваат и во животната средина и во човечкиот организам, и тоа со децении. Дури 99% од населението на САД ги има овие супстанции во својот организам.