Вчера во присуство на колеги и пријатели на свеченоста која се одржа во Музејот на град Скопје, Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) му ја врачи наградата „Андреја Дамјанов“ на архитект Миодраг Митровиќ.
Архитектот Миодраг Митровиќ е годинашен добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството за 2019 година, која ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ).
Митровиќ е роден 1948 година во Вршац, Србија. Матурирал во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје под менторство на професор Борис Чипан во 1973 година.
Во 1974 година се вработува во ГП „Пелагонија“, каде две години работи во оператива на изведба на објекти. Две години подоцна преминува во големото проктанско биро раководено од Јордан Богатинов на компанијата „Пелагонијапроект“, каде ја започнува својата проектантска кариера и соработува со искусни проектанти, архитекти и работи на конкурси и на проектот за фабриката Фени во Кавадарци.
Во 1980 година преминува во „Мавровопроект“ каде се дооформува проектантски тим кој наредните 15 години работи на многубројни проекти во Македонија, Русија и Либија. Меѓу кои се Станбен комплекс во населба Ново Лисиче, Скопје со Донка Петкова Костиќ и Здравко Рафајловски, Еуротел, Струга со Радован Раѓеновиќ и Ранчо Христов, Комплекс „Запољарје“ ; Сочи, Русија со Радован Раѓеновиќ , Донка Петкова Костиќ, Лилјана Дубровска, Зоран Ивановски, станбени кули “Три Бисери“, населба Аеродром, Скопје и многу други.
Во 1995 година основа сопствено биро „Метрика“ каде работи со својата сопруга и деца и соработува и со други архитекти. Изработува проекти за повеќе индивидуални куќи, работи на конкурси, изработува архитектонско – урбанистичко решение за станбено деловен комплекс Стар Аеродром, Скопје, станбен објект во Ѓорче Петров, Скопје, реконструкција на фабриката „Чик“, Куманово, ентериери, како оној на ресторанот „Џино“, ГТЦ, Скопје. Во 2013 година ја проектира Клиничката болница во Штип, објект кој во моментов е во изградба, а архитект Митровиќ е сеуште активен и е проектантски надзор на болницата.
Архитект Миодраг Митровиќ при своето обраќање на свеченоста изјави дека „голема чест е да се стане член на Архитектонската Академија, да се придружи на архитектите што го одбележаа градителството во државата и во ова добро друштво да ја продолжи мисијата – архитект“, и доаде дека имал среќа да се образува и работи во една многу посредена држава со богато архитектонско наследство. Се заблагодари и на сегашните членови на Архитектонската Академија, велејќи дека дел од нив му биле професори, а дел постари колеги кои несебично го прифатиле и упатиле на првите проектантски чекори.