Денес во 18:30 часот во Амбасадата на Република Северна Македонија во Репулика Франција ќе се отвори изложбата „Влијанијата на Париската школа врз основоположниците на македонската модерна уметност“од колекцијата на Националната галерија на Република Северна Македонија.
Париска школа е назив за сите уметници кои по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност. Во Париската школа спаѓаат уметници од различни стилски правци како: фовизам, кубизам, надреализам, како и претставници на енформелот.
Оваа школа и уметноста на Париз вршат големо влијание врз лицето и развојот на македонскиот модернизам и уметноста од почетокот, па сè до средината на 20-от век, бидејќи македонските современи уметници оделе во Париз на специјализации и студиски престои, со цел да ги усовршат академските поуки стекнати во регионалните Универзитети и Академии за ликовни уметности, соопштуваат од Националната галерија.
Тука спаѓаат, пред сè, основоположниците на македонската современа уметност: Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, со директни или индиректни влијанија врз импресионизмот; кај првиот преку делата на Клод Моне, потоа фовизам и кубизам кај Личеноски или експресионизмот во делата на Никола Мартиноски.
И кај втората и третата генерација македонски едуцирани уметници се чувствува влијанието на Париз преку фовизмот кај Томо Владимирски и Борислав Траиковски, нео-импресионизмот и сезанизмот на Борко Лазески, надреализмот кај Спасе Куновски, кубизмот кај Димитар Кондовски, итн.
Во еден вака мал, селектиран, а концизен концепт и презентација, ќе се претстават најрепрезентативните дела од колекцијата на Националната галерија на Северна Македонија, а воедно и ќе се даде пресек на самиот развој на модернизмот во македонската уметност од почетокот на 20-от век и преодот од фреско-живопис и иконопис, кон уметност на световни мотиви.
Ана Франговска, Виш кустос