Европската комисија соопшти дека дава согласност за предлогот на владата во Софија, за поддршка на системот за високоефикасна когенерација во главниот град. Речиси целиот пакет, од вкупно 93,8 милиони евра за постројка за согорување отпад, се пари од заедничките структурни фондови на сите земји членки. Единствено 3 милиони евра од вкупната сума се обезбедени од страна на Општина Софија. Постројката за согорување отпад – комбинирана постројка за греење и производство на електрична енергија (Combined Heat and Power-CHP), ќе биде според правилата на Директивите за отпад на ЕУ. Имено, отпадот кој ќе се употребува за добивање на енергија во когенеративниот погон веќе претходно е третиран и не може понатаму да се рециклира. Според тоа, кога тој не би се користел за производство на енергија, би завршил на депонија. Надлежните се согласни со концептот на системот, за кој е предвидено да користи RDF – гориво добиено од отпад, со објаснување дека е во согласност со регулативата за државна помош. Локалното претпријатие за топлификација ќе управува со новиот погон. Планирано е постројката да има капацитет од 55 MWth и 10MWel. Проектот предвидува согорување на 180.000 тони отпад од домаќинствата годишно. Ќе започне со работа во 2023 година.
Изградбата на овој погон е трета фаза од програмата за третман на отпадот за подрачјето на Софија, а се финансира од европските структурни и инвестициски фондови (ESIF) и европскиот регионален фонд за развој (ERDF). Депонијата и системите за анаеробно разградување, дигестија и компостирање се завршени во 2014 година. Потоа, воведени се решенија за рециклажа и фабрика за механичко – биолошка преработка.
Локалните власти сметаат на заштеда помеѓу 15 и 18 милиони евра на годишно ниво, бидејќи новиот ресурс ќе супституира 65 милиони Nm3 природен гас.