Француското Министерство за земјоделство со декрет го забрани сеењето генетски модифицирана пченка MON 810, произведена од американската компанија „Монсанто“.
Забраната доаѓа во периодот кога земјоделците започнуваат со сеење. Според декретот, објавен во Службениот весник – комерцијализацијата, употребата и одгледувањето сорти на земјоделски материјал на ГМО пченка MON 810 се забранува на територијата на Франција, сè до донесувањето на конечна одлука и мерки од ЕУ. Забраната за сеење доаѓа по последните резултати од меѓународните научни истражувања, според кои одгледувањето сорти на земјоделски материјал на пченка MON 810 создава сериозни ризици за животната средина. Земјите членки на ЕУ можат на своја територија да забранат одредени ГМО семиња, иако тие можат да бидат дозволени од страна на ЕУ.