Секоја година милиони божиќни дрвца и новогодишни елки завршуваат на депониите. Штетата е непоправлива. Само мал дел од нив успешно повторно се засадуваат. Пластичните елки се непријатели на животната средина од аспект на негативните влијание при производството, но исто така и во нивниот третман кога ќе завршат како отпад. Многу проблеми, а решение нуди една ботаничка градина во Литванија. Ниту природно дрвце за еднократна употреба, ниту пластична имитација, туку изнајмување на елки од ботаничката градина. Оваа ботаничка градина, веќе трета година по ред го практикува овој концепт. Имено, после празниците дрвцата повторно се враќаат во расадникот. Оттаму велат дека ова не им носи профит, но среќни се што придонесуваат за заштита на животната средина.
„Нашата мисија е да едуцираме за опстанокот на растенијата, нивните потреби, важноста на биодиверзитетот и неговото зачувување. Поддржувајќи ги оние кои ја сакаат животната средина, нудиме таква алтернатива“ изјавила за медиумите директорката на ботаничката градина.
Ваквата практика веќе е од поодамна воведена во Западна Европа и во други развиени земји. Се забележуваат дури и одредени куриозитети. Меѓу посебните барања на клиентите се издвојува изнајмувањето на една иста елка и подолго од десет години по ред.