Минатата недела отворена е нова железничка станица во градот Матера, Италија. Проектот, новата зграда и идниот парк проектирани се од бирото Stefano Boeri Architetti со седиште во Милано и канцеларии во Шангај и Тирана. Станицата претставува важна врска помеѓу стариот дел на градот и модерните области и клучна точка за пристап до градот Матера, кој наредната година ќе биде Европската престолнина на културата.
„Создадовме објект за која се надеваме дека ќе стане еден вид спој, место за одмор или интеракција со другите. Новиот јавен простор се состои од две празни подрачја: она кое поминува покрај железничките пруги (шест метри под земја) и плоштад (на ниво на терен), која е засолнет и разграничен со голем покрив “, вели Стефано Боери, а пренесува ArchDaily.
Голем правоаголен отвор од 440 квадратни метри е вграден во плоштадот за директно да го поврзе со долниот дел. Отворот го преплавува долното ниво со природна светлина и воздух, кое исто така е целосно преработено и претворено во препознатлив, разбирлив и употреблив простор.
На станицата и е додаден фантастичен нов покрив (со димензи 45 x 35 метри на висина 12 метри над плоштадот) и решително се вклопува во небото на Матера, станувајќи орјентир кој непогрешливо ја означува станицата како нова точка на пристап до градот. Големиот покрив е носен од дванаесет челични столбови кои излегуваат од „железен под“, обезбедувајќи голем покриен простор за патниците и локалните жители кои можат да го користат во секое време на денот и ноќта, без оглед на временските прилики.
Во меѓувреме, околниот надворешен простор претворен е во наткриен плоштад каде можат да уживаат патниците, локалните жители и туристите, кои сега ќе имаат пристап до простор каде можат да запознаат луѓе, да чекаат, да патуваат и да одат на прошетка, а со тоа вбризгувајќи нов живот во важна област на градот, која до неодамна се користеше како паркинг.
За објектот се користени два основна материјала, кои претставуваат две души на Матера: Apricena камен кој потсеува на локалниот древен град Sassi и челик, кој е знак на помодерната и подинамична страна на градот. Просторот за чекање и зградата на станицата обложени се со камен, а кровот прекриен со алуминиум.
Во однос на потрошувачката на енергија, Боери започнал да ги развива концептите на кои денес се засноваат неговите проекти, пред повеќе од 10 години, заедно со социологот и економист Jереми Рифкин. Тие заедно напишале манифест за Биеналето на архитектурата во Венеција, за да ги убедат архитектите, урбанистите и политичарите да ја трансформираат секоја зграда во производител на енергија и колектор. Една деценија подоцна, овие идеи се потврдени во дизајнот на железничката станица Матера Централе.
Покривот е опремен со соларни панели кои гарантираат максимална енергетска независност и нудат потенцијал во иднина да се снабдува целиот плоштад и парк со електрична енергија. Системот, реализиран на површина од 1250 квадратни метри е составен од 696 соларни панели кои годишно произведуваат 271.440 kWh.