Создавањето на градините од античко време па сè до денес, не претставува само садење на растенија туку напротив, тоа е креирање на нов свет кој изразува чиста убавина од архитектонски линии и бои со нивните нијанси, а кои се комбинираат на единствен начин со цел да се создаде што е можно поуникатен пејзаж.
Прво нешто што ми паѓа на памет кога ќе помислам на чистите контури, беспрекорно одржуваните линии на зеленилото и големите зелени пространства, се француските градини од минатото. Кога станува збор за францускиот класичен стил, отсекогаш се знаело дека тој бил создаден со цел да импресионира. Тој почнува да се развива во ХVII век благодарение на познатите имиња во француската аристократија. Тогашните градини претставувале отсликување на моќта на богатите фамилии, кои преку раскошот на градината го изразувале богатството и способноста. Овој начин на уредување на градините во тоа време во Франција, бил под големо влијание на итлијанските ренесансни градини, па затоа кај нив може да се сретнат голем број на елементи кои биле вообичаени за италијанските градини, како што се фонтаните, водните објекти, топијарените растенија и скулптури. Главна одлика на француската градина е тоа што таа е изработувана во геометриски стил, така што се почитувале строгите геометриски форми.
Вегетацијата во градината се одржувала по принципот да се демонстрира моќта на човекот над природата. Секое растение, без разлика дали станува збор за тревна површина, цветни леи, грмушеста вегетација или високи дрвја, е засадено на точно определено место, во определена линија, за да биде запазен дизајнот во строгиот геометриски стил. Во ниеден случај не било дозволено слободен раст и развој на растенијата. Леите одгледани во геометриски форми (квадрати, правоаголници, кругови и елипси) секогаш се наоѓаат во близина на палатата. Овие леи од ниска жива ограда најчесто се подигнувани од зеленика. Зад нив следуваат цветните површини и пространите тревници, додека најнакрај грмушеста вегетација кроена во форма на лавиринти од жива ограда или шпалир од крошните на високите дрвја. Ваквиот распоред не е случаен, а крајната цел е господарот да може да ужива во пејзажот од повисоките катови на палатата.
Водните објекти (фонтани, базени, каскади, езера во геометриски стил) во градината најчесто се подигнувале за да служат како водни огледала, каде што би се пресликувал целокупниот пејзаж со целиот свој раскош. Околината исто така е збогатена со скулптури од најразлични митолошки сцени. Скулптурите во овие градини многу често се составен дел од фонтаните.
Најпознати градини подигнати во овој стил се градините на палатата Версај во сопственост на Луј ХIV. Тие се изградени во 1661 година од страна на Андре Ле Нотр и претставуваат класичен пример за перфектно дизајнирана француска градина низ времето. Денешниот француски стил на оформување на градините во одредена мера е изменет, но тоа што останува како впечаток е доминацијата на човековата имагинација над растителноста и спроведувањето на рамнотежа и организираност преку околната природа.