До трети декември годинава ќе траат јавните расправи за Нацрт-Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019-2028 година и за Нацрт-Извештајот за стратегиска оцена на животната средина за планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион 2019-2028 година.
Во овој период засегнатата јавност може да коментира по документот со што можат да придонесат за подобрување на Нацрт-Планот за управување и на нацрт извештајот за стратегиска оцена.
Јавни расправи за двата значајни стратегиски документи ќе се одржат и денес во градовите Охрид и Струга, со почеток во 12 и во 15:30 часот.
На јавната расправа во Скопје, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека на овие два плана заеднички имаат работено Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, а во процесот биле вклучени општините и други надлежни институции. “Очекуваме во финализирањето на Планот да се вклучат и надлежните институции од Албанија, со кои ја споделуваме одговорноста за управување со ова прекугранично мешовито светско наследство. Воедно, Нацрт-Планот и Стратегиската оцена на животната средина се доставени за коментари и до центарот на светското наследство УНЕСКО“, нагласи Нуредини.
Нацрт-Планот и Стратегиската оценка веќе се испратени во Центарот за светско наследство на УНЕСКО и неговите советодавни тела, од кои се очекува стручно мислење и придонес во насока на подготвување на документи за Охридскиот регион кои ќе бидат во целосна согласност со стандардите и препораките на УНЕСКО.
Министерот за култура, Хусни Исмаили истакна дека станува збор за исклучително важни правни документи со чие донесување по 40 години од впишување на листата на светско наследство на УНЕСКО се прави вистинска пресвртница во пристапот за зачувување и одржливо и економско користење на потенцијалите на Охридскиот регион.
“Оние коментари што ќе се прифатат, ќе бидат вградени во Нацрт-планот, по што тој ќе биде доставен до Владата на Република Северна Македонија на разгледување и усвојување“, рече Исмаили.
Тој потенцираше дека со изработката на Планот за управување се создава национална платформа за управување со исклучителните вредности на Охридскиот регион како светско наследство, а со неговата имплементација ќе се осигури интеграција на културното наследство во современите економски цели со заемно разбирање и одржлив развој и унапредување на исклучителната вредност како еден од главните потенцијали на препознатливост на Регионот на картата на светот.
Државниот секретар во Министерството за животна средина, Ана Петровска вели дека плажите во овој регион се дефинирани како посебна заштитна зона и бидејќи тие навлегуваат во катарската парцела Охридско Езеро имаат добиено посебен третман. “Ќе се работат со посебна урбанистичко планска документација откако ќе се изработи план од државно значење којшто ќе го вклучи целото крајбрежје се со цел да се спречи понатамошна крајбрежна трансформација. Во делот на плажите изработени се сет мерки со кои ќе се овозможи да се зачува природното и културното наследство, додаде Петровска.
Во Акцискиот план, како што рече таа, се обиделе да направат разграничувањата помеѓу краткотрочните и долгорочните мерки.
На плановите реагираа Невладините организации. Искра Стојановска од еколошкото здружение „Фронт 21/42“ реагираше околу тоа според кој закон е правен Нацрт-планот, со оглед на тоа, како што рече таа, дека Законот за Охридското Езеро и Законот за Охридскиот Регион се повлечени и стопирани. “Прво, мора да се направи ревитализација на вредностите. Државата доби втора шанса и срамота е да не се искористи шансата да се спаси Охридскиот Регион. Да се престане со таа фарса за мораториум и да се почне со работа“, рече Стојановска.
За да се интегрираат сите конструктивни забелешки од засегнатата јавност, од МЖСПП најавуваат дека ќе се организираат дополнителни состаноци со граѓански организации и надлежни институции за да може подетално да се разгледаат нивните коментари и препораки и да се обезбеди дека Планот, во синергија со постојните закони што ја регулираат областа, ќе обезбеди соодветна заштита и управување со ова светско наследство.