На 36-та седница на Советот на Општина Центар се изгласа уште еден Детален урбанистички план кој беше ставен под мораториум, дури и со гласови на советниците од опозицијата. Станува збор за ДУП Градска четврт И 06-Пролет (делот околи основното училиште „11 Октомври“). Опфатот на овој план е проширен и е еден план со Маџир Маало и Градска порта Ново Маало. Предходниот план од 2007 година е изработен од ИНПУМА Скопје, планери Силвана Вановска и Лидија Андреевска и новиот план е изработен од истата планерска куќа.
ДУП И 06 од 2007 година
Повторно планерската куќа си ги поправаше сопствените грешки и забелешки по мораториумот. Па така овој пат планерот вели дека новиот план има скоро дупло повеќе зеленило од предходниот. Ако на предходниот план имало околу 4.400 квадратни метри зеленило со новиот план се предвидуваат повеќе од 8.000 квадратни метри зеленило и додава дека веројатно ова ќе биде најзелениот план во градот.
По повтореното планирање ИНПУМА успеала да вгради она што не го вгардила во планот од 2007 година, 250 паркинг места без да се узурпираат зелените површини, една градинка и само две нови станбени згради со висина П+6, со што бројот на нивоа останува ист, (во стариот се предвидуваа висини П+5+Пк), но во новиот план не се предвидуваат поткровја. На старите станбени згради предвидени се доградби, проширувања на габаритот по должина и на оној мал број кој досега не е проширен, но не се дозволени надградби по височина.