На 14 овој месец, со почеток во 20 часот, во Мултимедијалниот центар Мала станица ќе биде отворена изложбата насловена „Мустаќлии“. Изложбата е во организација на Националната галерија, а е во пресрет на месецот ноември или во контекст на месецот на подигнување на свеста за машкото здравје и глобалната кампања на пуштање на мустаќи кај мажите – Movember.
Поповиќ Василије Цицо, Генадија (карикатура), 1944, темпера на картон
Оваа изложба е првото издание на проектот „Од поинаков дискурс“ кој има за цел да вклучи интелектуалци чија дејност не е тесно врзана со ликовната уметност, критика и теорија, кои во соработка со ко-куратор од галеријата ќе работат на некоја тематика која ја задаваат, а е инспирирана од богатата колекција на Националната галерија, со цел од поинаков дискурс да се пристапи кон толкување, систематизација и истражување на нашето културно благо. За првото издание поканет е д-р Владимир Мартиновски, професор, поет, писател, есеист, раскажувач, теоретичар, книжевен преведувач кој ја предложи темата „Мустаќлии“, а негов ко-куратор е виш кустос, м-р Ана Франговска.
Мартиноски Никола, Турчин со бела брада, масло на картон, 1934-35
Преку избор од педесетина портрети на мажи со мустаќи од богатата колекција на Националната галерија на Македонија, реализирани во различни ликовни техники, изложбата „Мустаќлии“ има за цел да загатне низа естетски, семиотички, антрополошки, социолошки, културолошки и родови аспекти на овој феномен.
Изложбата ќе биде отворена до 8 декември.
Димитар Кочовски Мичо, Големиот војвода, сито печат 2-7, 1979